1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трамп ги критикува „лошите Германци“

ЖА
26 мај 2017

Американскиот претседател Доналд Трамп на средбата со претставниците на ЕУ во Брисел изрекол големи критики на сметка на Германија. „Германците се лоши, лоши“, потенцирал Трамп во врска со германскиот трговски суфицит.

https://p.dw.com/p/2daaL
Belgien Tusk empfängt Trump in Brüssel
Фотографија: Reuters/E. Vidal

Германските медиуми ја пренесуваат изјавата на американскиот претседател при средбата со ЕУ-претставниците, на која Трамп масовно ги критикувал Германците, посебно поради големиот трговски суфицит. „Германците се лоши, многу лоши“, им рекол Трамп на претседателот на ЕК, Жан-Клод Јункер и претседателот на Советот на ЕУ, Доналд Туск, пренесува интернет изданието на „Шпигел“, повикувајќи се на извори од кругот на учесниците. Трамп дополнил: „Видете ги милионите автомобили кои тие ги продаваат во САД. Страшно. Ние ќе го запреме тоа.“ Јункер притоа застанал во одбрана на Германија. 

Позицијата на американскиот претседател не е новина. Трамп во предизборната кампања повеќепати ја критикуваше Германија  поради влијанието врз американската економија и извозниот суфицит. Неговиот слоган гласеше и гласи „Америка на прво место“ и тој има врвен приоритет.

Ставот на американскиот претседател ќе ги засени и денешните советувања на Г7, групата на најразвиените индустриски земји, кои се одржуваат во Таормина на Сицилија. Не е на повидок заедничка линија во поглед на климата и трговската политика, ниту околу совладувањето на бегалската криза. Се стравува дека членките на Г7: САД, Јапонија, Германија, Велика Британија, Франција, Канада и домаќинот Италија, ќе успеат да најдат во најдобар случај минимален заеднички именител, или дека дури ќе има назадување во однос на досегашните, веќе постигнати договори. Италија, поради отпорот од страна на Трамп, изврши промени во агендата, па веројатно ќе отпадне и планираната декларација со позитивен контекст во врска со миграцијата и слободата на движење на луѓето.