1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трамп влета во вербална војна со Северна Кореја

БГ
9 август 2017

Во размена на закани, американскиот претседател Доналд Трамп го предупреди Пјонгјанг дека ќе се соочи со „оган и бес“, а севернокорејската армија тврди дека разгледува напад врз американската база во Гуам.

https://p.dw.com/p/2hv3g
Donald Trump
Фотографија: Picture-Alliance/AP Photo/E. Vucci

Препукувањата на високо ниво сее случуваат како резултат на извештаите дека Северна Кореја успеала да развие технологија која ѝ е потребна да ги нападне САД со нуклеарни боеви глави.

И покрај постојаните закани од Северна Кореја кон Гуам - американска територија во Пацификот оддалечена околу 3.400 километри од Корејскиот Полуостров - малку е веројатно дека Пјонгјанг ќе ризикува сигурно уништување со превентивен напад врз американски граѓани. Исто така не е јасно колку ефективни ќе бидат севернокорејските ракети со среден дострел во напад врз далечни цели, имајќи предвид дека биле тестирани само неколку пати.

Но, и покрај тоа, меѓусебните закани и користењето на реторика во стилот на Северна Кореја од страна на Трамп ги подига и онака веќе зголемените непријателства и ги зголемува грижите дека и некаква погрешна проценка може да предизвика конфликт меѓу ривалите.

Во соопштение, севернокорејската армија вели дека проучува планови за напади врз регионите околу Гуам со ракети со среден и долг дострел. Изјавата ја опишува воздухопловната база Андерсен во Гуам како платформа за потенцијална инвазија на САД врз Северна Кореја која треба да се неутрализира.

Нов ракетен тест на Северна Кореја

Зголемен нуклеарен капацитет

Коментарите на Трамп се случија неколку часа откако објавени извештаи сугерираа дека Северна Кореја развила способност да поставува нуклеарни боеви глави на своите ракети, вклучително и на оние кои имаат дострел до брегот на САД. Северна Кореја со децении се обидува да развие технологија која ќе ѝ овозможи да го нападне брегот на САД и нивните азиски сојузници, а брзината со која таа технологија се развива во последниот период има тешки последици за стабилноста на Пацификот и пошироко.

Нуклеарните способности на Северна Кореја беа опишани во официјална проценка на Јапонија, а подоцна и весникот Вашингтон Пост цитираше американски разузнавачки извори и таен извештај. Проценките во САД се дека Северна Кореја сега поседува арсенал од 60 нуклеарни глави, повеќе од половина над досегашните проценки на независни експерти.

„На Северна Кореја би ѝ било паметно да не им се заканува веќе на САД. Ќе бидат соочени со оган и бес како што светот никогаш не видел“, рече американскиот претседател Трамп.

Претходно, Пјонгјанг остро реагираше на усвојувањето на новите санкции во Советот за безбедност на ОН за време на викендот и се закани дека „САД ќе платат илјада пати за сите ужасни злосторства кои ги прават против државата и нејзиниот народ“.