Тешко е да се биде атеист
16 јануари 2016Во Египет, земја со повеќе од 87 милиони жители, живеат - ни помалку ни повеќе, туку - 866 атеисти. Такви се барем последните податоци кои стојат на располагање од египетската официјална институција за исламски прашања Дар ал Ифта. Додуша, не е јасно како е дојдено до тој број. А уште поинтересно е нејзиното толкување на тој податок: иако е тоа одвај 0,001 процент од населението, за Дар ал Ифта тоа е катастрофално голем број „неверници“. Бидејќи, тоа е многу поголем број отколку во која било друга муслиманска земја: на второ место е Мароко каде статистички има нешто над 300 атеисти.
Но, овој ситен број на оние кои се разочарани од која било вера и бог - според проценката на Дар ал Ифта- драстично отстапува од резултатите на анкетата која минатата година ја спроведе универзитетот Ал Азхар во Каиро. Иако, беа испитани само 6.000 млади и образовани лица, овој египетски универзитет проценува дека 12,3 насто од населението на Египет се атеисти - со други зборови, оти ги има повеќе од 10 милиони.
Да се „исправи недостатокот“ кај младите
Големиот имам и шеик од универзитетот Ал Азхар, Ахмад ал Тахиб ја предупреди египетската јавност дека на атеистите веќе не може да се гледа како на маргинална појава во општеството. Секако, тој тоа го смета за предизвик за цел Египет, при што општествените фактори би требало да го „исправат“ тој недостаток, а слично размислува и египетското министерство за млади.
„Младите се бомбардираат со милитантни проповедници кои деноноќно им се закануваат дека ќе се завршат во пеколот“, вели за весникот Галф Њуз професорот Амнах Нусаир од овој универзитет во Каиро.
Затоа, според него, треба да се најде друг начин младината да се „врати“ кон верата.
Луѓето од Блискиот Исток, без разлика дали спаѓаат во традиционално муслимански, христијански или дури еврејски групи, многу ретко јавно се дистанцираат од религија. Но по безредијата од т.н. „Арапска пролет“ 2011. година, нивниот број постојано расте. Ова го потврдуваат и случувањата на социјалните мрежи, каде сега постојат групи атеисти за поголемиот број арапски земји. Фејсбук страницата Атеисти на Тунис ја поддржаа над 4.000 корисници, а кај Атеисти на Судан овој број изнесува 3.400. Дури и групата Феминистички атеисти на Саудиска Арабија минатата година имаше поддршка од над 60 корисници, иако во оваа земја атеистите, а посебно феминистичките атеисти можат да западнат во сериозни проблеми.
За Саудијците атеистите се исто што и терористи
Бидејќи во земјата во која се наоѓаат светите места Мека и Медина не постои ни најмало разбирање за луѓето кои не веруваат во барем некаков бог. Саудиска Арабија во 2014 година објави дека за неа атеизмот, од перспектива на кривичното право, е подеднакво погубен како и тероризмот мотивиран од религија. И покрај тоа, меѓународната агенција за испитување на јавно мислење Вин/Галуп во 2012. година утврди оти 10 проценти од населението во татковината на пророкот Мухамед е нерелигиозно, а уште 5 насто се изјаснија како атеисти. За споредба, во истото истражување во Ирак само 9 проценти од населението е нерелигиозно, а речиси никој не се изјаснил дека е атеист.
Оваа жестока реакција на лидерите на муслиманските земји против лицата кои му вртат грб на исламот до одреден степен може да се толкува и со традиционалните верски прописи и закони. Во исламот е смртен грев „сеење сомнеж“, а оној кој се одрекува од бог лесно може да стане цел на властите затоа што наводно ја колеба верата на другите. Но и политички е опасно да се покаже рабирање за неверниците, бидејќи со тоа би можело да се разбуди гнев на насилните исламисти.
Строго теоретски гледано, во поголемиот број арапски и муслимански земји не е забрането да се биде атеист, но законите против богохулство оставаат широк простор атеистите сепак кривично да се гонат.