1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ пред политички амбис

Бернд Ригерт/превод:БГ27 мај 2015

ЕУ запаѓа во се‘ подлабока политичка криза. Скепсата расте низ целата Унија, а волјата за реформи опаѓа, предупредува во својот коментар Бернд Ригерт.

https://p.dw.com/p/1FWxW
Фотографија: Reuters/F. Lenoir

Последните изборни победи на евроскептиците во Полска, Шпанија, Велика Британија и Финска би требало да им разјаснат на сите интеграциски романтичари: ЕУ има големи проблеми кои само ќе се влошуваат во следните месеци.

Потреси доаѓаат од бројни земји членки - од различни причини. Во јадрото на ЕУ- во Германија, Холандија, Белгија, Луксембург и Франција- владите се надеваат дека ќе продолжат по старо. Но, тоа нема да биде доволно за да се одржат нештата. Противсилите се премногу моќни.

Притисок од левицата

Радикално левата влада во Грција е постојано соочена со банкрот и можен излез на земјата од еврозоната. Велика Британија најавува референдум за останок во ЕУ. Левичарските движења се засилуваат во Португалија и Шпанија, ставајќи ги под голем притисок конзервативните поддржувачи на политиките на ЕУ, а во Полска се случи изненадувачка победа на претседателски кандидат кој е исто толку евроскептичен како и Британците. Есенските парламентарни избори во Полска би можеле да ги донесат на власт евроскептиците.

За првпат, партија која е критична кон ЕУ е дел од владата во Финска. Унгарија е под власта на евроскептик кој веќе беше опишан од претседателот на Европската комисија како диктатор- макар и на шега. Единствено италијанскиот премиер успеа да им застане на патот на евроскептиците. Што се случува со старата добра ЕУ? Критичарите и од лево и од десно се вон контрола.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт

Повеќе Европа?

Доколку ја погледнете картата, Германија делува опколено. Владата реагира кон растечките нивоа на скепса на периферијата со збивање на редовите. На следниот самит на ЕУ, канцеларката Ангела Меркел и францускиот претседател Франсоа Оланд планираат да предложат поблиска соработка на 19. држави во монетарната унија. Нешто слично веројатно ќе беше прифатено пред две години, но денес никој не сака ни да слушне за такво нешто.
Меркел одби нови преговори за договорите во Унијата како што бара британскиот премиер Дејвид Камерон. Со оглед на актуелните тензии, тешко ќе се донесат промени во договорите, а дополнително, за нив се потребни и референдуми во некои држави.

Повеќе солидарност

Длабока реформа на ЕУ е тешка од повеќе причини. Британците сакаат помалку Европа, и да плаќаат помалку. Полска и Шпанија профитираат од ЕУ, нивните економии повторно растат. И покрај тоа, луѓето ги проектираат своите фрустрации врз ЕУ. Јужните земји членки бараат поголема солидарност од Германија, заедничко менаџирање на долговите, и во суштина- повеќе пари. Но Германците не се подготвени да попуштат. Економски гледано, на Германија и‘ оди добро, но поддршката за посиромашните соседи е лимитирана.

Не постои лесен излез од кризата. Европската Комисија и натаму го финансира инвестицискиот план кој треба да отвори работни места. Земји-членки чекаат да видат што ќе се случи. Комисијата предлага пофер распределба на бегалците. Членките го одбиваат тоа. Комисијата преговара за договор за слободна трговија со САД. Германците се особено скептични кон тој договор. Каде и да погледнете, сѐ потешко е да се најдат заеднички цели меѓу 28-те шефови на држави или влади во Унијата.

Политички амбис?

Не треба да се очекува обид за основни реформи кои би ги задоволиле Британија, Шпанија, Грција, Полска и Германија. Најверојатното решение е дека повторно ќе се превртуваат постојните договори. Во најмала рака до следните претседателски избори во Франција, закажани за пролетта 2017 година. Тогаш се очекува голем пробив на десно-популистичкиот антиевропски Национален фронт. Доколку Франција заврши во кампот на евроскептиците, тоа ќе значи крај на унијата која растеше и се развиваше во последните 60 години. Затоа Германија мора да стори нешто. Збивањето на редовите нема да биде доволно.