Странска експертиза за утврдување на причините на пожарот
9 септември 2021Владата прогласи тридневна жалост од денеска до сабота поради пожарот во модуларната болница во Тетово, во кој животот го загубија 14 лица. Тридневна жалост од денеска прогласи и Советот на Општина Тетово.
За време на деновите на жалост знамето на Република Северна Македонија ќе биде истакнато на половина копје. Владата апелира до сите општествени чинители да ги одложат сите јавни и приватни прослави, забави, културно-уметнички и спортски настани, партиски и друг тип на промоции предвидени за овие три дена.
Владата им препорача на стручните тимови на Министерството за внатрешни работи и на Министерството за здравство да се стават на максимално располагање на обвинителството во истражните постапки. Надлежните институции ќе треба да утврдат каков тип на дополнителна помош и поддршка е потребна за семејствата на загинатите и повредените и таа да биде обезбедена во најкраток временски рок.
Владата им се заблагодарува на сите држави од регионот, од Европа и од светот, за изразеното сочувство за трагичниот настан. Исто така е донесена одлука да се прифати понудата на дел од сојузничките сили во НАТО да испратат во земјата стручни лица со највисок степен на експертиза во истраги за пожари за да помогнат во утврдувањето на причините за пожарот во модуларниот ковид центар во болницата во Тетово.
„Бидете сигурни дека ќе утврдиме до најситниот детал зошто и како се случи оваа трагедија. На денешната вонредна седница на Владата донесовме одлука да ја прифатиме понудената помош од НАТО сојузниците да испратат стручни лица со највисок степен на експертиза во истраги за пожари, за да помогнат во утврдувањето на причините за пожарот“, вели министерката за одбрана, Радмила Шекеринска.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ја информираше Владата за преземените дејствија од страна на МВР и за досега утврдената состојба. „Стручните тимови на МВР се ставаат на максимално располагање на обвинителството во истражните постапки“, вели тој.