1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Тероризам

Теророт против муслиманите - напад врз Европа

Керстен Книп
20 јуни 2017

Нападот со транспортно возило врз група муслимани во Лондон, при што загина еден човек, а повеќемина се ранети, е предавство на европските идеали, смета Керстен Книп. Освен тоа, делото претставува политичка глупост.

https://p.dw.com/p/2ezZU
Großbritannien London Fahrzeug rammt Moschee Besucher
Фотографија: Getty Images/AFP/T. Akmen

Возачот, кој со белото транспортно возило минатата ноќ влета во група муслимани, кои тукушто излегле од џамија, очигледно бил задоволен од своето дело. „Го завршив мојот дел“, извикал тој, излегувајќи од возилото, како што сведочат очевидци. А неговиот дел - тоа е кукавички напад врз беспомошни, мирни луѓе, кои излегле од џамија по завршената молитва. 

Кој е убиецот? Расист? Радикален христијански фундаменталист? Или претерано гневен граѓанин? Полицијата не го откри неговиот идентитет. Но, јасно е дека тој се впуштил во едно од најглупавите, најштетните злодела кои можат да се замислат: напад врз членови на еден колектив, односно врз луѓе кои се одликуваат само со припадноста кон една група. Во случајов, тоа се муслимани. Злосторство извршено од омраза, неартикулиран и длабоко неполитички напад, под нивото на сите цивилизаторски стандарди.

Дело на ниво на Исламска држава 

Со други зборови, на исто ниво со делата кои џелатите од терористичката банда Исламска држава, во минатите години, месеци и недели постојано ги извршуваа. Злосторства кои носат печат на кукавичлук, проклетство и цинизам. ИД урнисува етички и политички стандарди на речиси несфатлив начин.

Токму затоа, терористичките акти, како оној од минатата ноќ во Лондон, не се катастрофа само од етичка гледна точка, туку и од цивилизаторска. Зашто, возачот се симна на истото ниво на ИД: нивото на ситни криминалци и егзистенцијално пропаднати личности - млади, од адреналин водени мажи, неспособни за самоконтрола и општествена продуктивност. Човечкиот резервоар на ИД се состои од гневни губитници од цел свет, чиј нагон за уништување  и убивање пропагандистите на ИД наводно го легитимираат со неколку едноставни формули.  Цивилизирана Европа не смее да ги копира.

Knipp Kersten Kommentarbild App
Керстен Книп

Што е Европа?

Точно е, Европа е континент со крваво минато. Но, исто така, и континент на цивилизираност. Светска религија, која при сите грешки, да го споменеме Ирак во 2003.година, како и Блискиот Исток, секогаш одново се преиспитува себе си, се подложува на критика и сака да извлече поуки од неа, меѓу другото и во етичка смисла. Европа има високи самоочекувања, оттаму приоритет е дијалог, а не тепачка. Посебно не - меѓусебно тероризирање од чиста омраза.

Дали е ова премногу разубавена слика?  Можеби. Но, непобитно е дека постојат норми. Не напразно Европа, како што се покажа и оваа година, е политички и цивилизациски најценетиот регион, кој привлекува луѓе од цел свет. И од таа причина, нападот во Лондон е гнасен, ги подрива европските стандарди.

Да се поматат сметките на ИД

И не само тоа: оној кој насочува товарно возило во група муслимани, се става во функција на помошник на ИД. Нејзината логика, имено, е да ги разединува луѓето на муслимани и немуслимани, одноно да ги подбуцнува едни против други. Муслиманите, кои се чувствуваат отрлени, гласи калкулацијата, ќе се свртат кон фундаментализам, можеби и кон џихадизам, со што се поттикнува спиралата на насилство.

Како реакција на злосторствата извршени поради омраза од поново време, соодветен е само еден одговор: европската интелигенција и присебност. Останатото ќе го преземе цврстата рака на државата.