Терор во Авганистан – која е Исламска држава - Хорасан?
27 август 2021Она од што стравуваа многумина се случи – најмалку 13 лица загинаа во неколку експлозии на аеродромот во Кабул. Одговорноста за нападите ја презеде терористичката организација „Исламска држава“, ИД – Х или ИС-К (Х е за Хорасан, историски регион во централна Азија кој го опфаќа и Авганистан). Поранешни и актуелни американски претставници на власта за „Њујорк тајмс“ уште пред нападите изјавија дека вакво нешто би било стратешки удар на ИД и против САД, а истовремено и против талибанците чие раководство сака да демонстрира дека има целосна контрола во земјата.
Кога американскиот претседател Џо Бајден во вторникот изјави дека и покрај спротивните апели од сојузниците, операцијата за евакуација на аеродромот во Кабул ќе заврши на 31 август, тој како проблем не ги наведе талибанците, туку Исламска држава. „Секој дополнителен ден што остануваме таму е нов ден во кој знаеме дека ИС-К може да го нападне аеродромот и Американците и сојузниците, како и недолжни цивили,“ рече Бајден во Белата куќа, посочувајќи дека терористичките милитанти се „деклариран непријател“ и за милитантно – исламистичките талибанци.
Борба меѓу џихадистите
Всушност двете групи подолго време имаат меѓусебни крвави пресметки. И во четвртокот новинските агенции уште пред експлозијата, повикувајќи се на воени извори, објавија дека талибанците на контролните пунктови околу аеродромот уапсиле и убиле повеќе атентатори на ИС. Од друга страна се вели дека во нападите настрадале и повеќе талибански стражари.
Идеолошки јаз ги раздвојува двете групи. Исламската држава го следи салафистичкиот правец на исламот, а талибанците конзервативната Деобанди школа. ИС – К се стреми кон Калифат што би се протегал од Јужна Азија до Централна Азија, талибанците пак, барем за почеток, се задоволни само со емират во Авганистан. Друга спорна точка им е шеријатското право и како го толкуваат. За ИС- К, толкувањето на шеријатот од страна на талибанците не е толку строго, поради што ги сметаат за „отпадници“. Особено откако талибанците потпишаа мировен договор со САД и со тоа според терористите на Исламската држава ги изневериле целите на џихадот.
Симптоматично е и тоа што откако талибанците пред две недели вмаршираа во Кабул, различни џихадистички групи им честитаа, но не и Исламската држава. Наместо честитки, тие најавија дека борбата против талибанците продолжува.
Според извештај на ОН од 15 јули, терористичката организација ИС-К во Авганистан има поддршка од 500 до 1500 борци. Групата ги засили своите позиции во Кабул каде што ги изведува и поголемиот број од нападите. Групата се надева дека ќе ги регрутира припадниците на талибанците кои го отфрлаат договорот со САД.
Освен тоа ИС исто така смета на прилив на борци од Сирија, Ирак и други конфликтни зони. Според еден друг извештај на ОН од почетокот на јули, се проценува дека во Авганистан има меѓу 8000 до 10.000 странски борци.
Долгата трага на крвави напади
Само годинава ИС – К остави голема крвава трага од голем број терористички напади. Мисијата за поддршка на ОН за Авганистан, УНАМА, само во првите четири месеци од годинава регистрираше 77 напади од страна на ИС – три пати повеќе во споредба со истиот период лани. Само во нападот со автомобил бомба на почетокот од мај пред едно женско шиитско училиште во Кабул, за кое САД ги обвини ИС, загинаа 85 лица, а 300 беа повредени. Еден месец подоцна припадниците на ИС во северната провинција Баглан, нападнаа соработници на меѓународната невладина организација за расчистување на мини, ХАЛО траст.
Беа убиени десет лица. Извршниот директот на Хало траст потоа за БиБиСи изјави дека локалните талибанци ги поддржувале деминерите и ги протерале напаѓачите, со што дополнително го потврди непријателството меѓу двете групи.
ИС-К го сврте оружјето против талибанците во 2017 година. Во тоа време борците на Исламската држава ги протераа талибанците од планинската тврдина Тора – Бора. Длабокиот подземен систем од тунели беше и местото каде поранешниот шеф на Ал Каеда, Осама Бин Ладен првично се засолни од американските одмазнички напади кои следеа по нападите во САД од 11 септември 2001.
ИС-К или ИСИС – К првично се појави во Пакистан како дел од исламистичката група Терик-и-Талибан, ТТП. Поради притисокот од прогон во Пакистан, тие пребегаа во соседен Авганистан и во октомври 2014 година им се заколнаа на верност на Исламската држава која беше под раководство на во меѓувреме ликвидираниот шеф Ал Багдади. Пролетта 2015 година ИД и официјално ги прифаќа овие терористи и објавува дека тие ќе делуваат во централна Азија под името ИС – К. Во тоа време ИС беше на врвот на својата моќ во Ирак и Сирија и беше во можност своите групации во Авганистан да ги поддржи и финансиски и со борци. Но, оваа поддршка во меѓувреме во голема мера „пресуши“. Но според проценките на експертите од ОН, раководството на ИС во Сирија и Ирак кое се повлече во илегала и понатаму одржува контакти со ИС – К.