1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Терор: Белгиската истрага полна со грешки и незгоди

Андреас Нол / ЕМФ1 април 2016

Турканица околу надлежностите, пропаднати информации, бавни институции: обработката на терористичките напади од 22 март фрла лошо светло врз белгиската држава.

https://p.dw.com/p/1INgd
Фотографија: DW/M. Hallam

Културни, финансиски, но и политички проблеми ја спречуваат борбата против тероризмот во Белгија. Медиумите по терористичките напади забележаа повеќе од десетина истражни пропусти и незгоди. Дел од нив даваат слика на држава која е префорсирана.

Предупредувањето на Ердоган

Лицето на Ел Бакрауи на јавноста ѝ стана познато истиот ден кога беа извршени нападите. На снимките на камерите за видео-надзор на бриселскиот аеродром се гледаат атентаторите самоубијци со куфери во кои се наоѓале експлозивните направи.

Но, во тој момент Ел Бакрауи всушност требало да биде во затвор, им префрли на белгиските власти турскиот претседател Ердоган еден ден по нападите. Имено, турските сили за безбедност уште минатиот јуни го фатиле 29-годишниот Белгиец на турско-сириската граница, го идентификувале како џихадист и неколку дена потоа го натовариле во авион за Амстердам. Турските власти на осомничениот за тероризам му дозволиле сам да одлучи во која земја сака да отпатува.

Турција на 14 јули 2015 година го известила надлежното лице во белгиската амбасада во Анкара за апсењето на Ел Бакрауи и за неговото протерување од земјата. Според наводи на белгискиот министер за внатрешни работи Жан Жамбон, надлежниот службеник дури по неколку дена ја проследил таа информација во Белгија. Така Ел Бакрауи од аеродромот во Амстердам можел непречено да отпатува во татковината Белгија.

И ако на надлежниот службеник во амбасадата му биле потребни неколку дена за да ја проследи информацијата, на неговите претпоставени им биле потребни неколку месеци за да го идентифкуваат Ел Бакрауи како можен терорист. Неговото име дури на 12 јануари 2016 година се појавило на листата на „опасни лица“. На 16 март и американските безбедносни служби ја предупредиле Холандија на опасноста која ја претставуваат браќата Ел Бакрауи.

Belgien Terroranschläge in Brüssel Fahndung Verdächtige Brüder El Bakraoui
Снимка од камерите за надзор на бриселскиот аеродром: браќата Ел БакрауиФотографија: picture-alliance/rtn-radio tele nord

На пограничната контрола на аеродромот во Амстердам Ел Бакрауи не само што можел да се идентификува како можен терорист, туку и како извршител на кривично дело во бегство. Тој во Белгија во 2010 огдина е осуден на десет години затвор поради соучество во вооружен грабеж и ранување полицаец. Есента 2014 година е условно пуштен од затвор, очигледно и покрај негативното мислење на затворската управа. Веќе пролетта 2015 година ги прекршил условите за привремено пуштање на слобода и тогаш му се губи секаква трага. Но, одлуката за условно пуштање на слобода е укината дури кон крајот на август 2015 година.

„Белгиска полициска војна“

Салах Абдеслам е веројатно единствениот атентатор кој ги преживеа нападите од 13 ноември во Париз. Безбедносните служби со месеци трагаа по цела Европа по 26-годишниот жител на Брисел со мароканско потекло. Но, ако ѝ испрателе прашање на полицијата во градот Мехелен, ќе добиеле прецизна информација за опкружувањето на Абдеслам. Адресата во Моленбек, каде што беше уапсен на 18. март, била позната уште во декември 2015 година.

Шефот на полицијата во Мехелен тој тежок пропуст го оправда со „интерна грешка“ во обработката на податоците, која сега би требало да ја разјасни независен иследник. Лорет Онкелинкс, претставник на опозицијата во белгискиот парламент, претпоставува дека лошиот проток на информации меѓу конкурентските полициски станици, не е случаен. Таа тој пропуст го нарекува „полициска војна“.

Бомбашка лабораторија среде Брисел

Во многу странски медиуми бриселскиот каврт Моленбек се нарекува легло на терор. Поради нападите во Брисел сега во фокусот на вниманието се најде уште едно место: Скарбек. Непосредно по нападите во Париз таму со недели се криел главниот осомничен Салах Абдеслам. И во подготовката на терористичките напади во Брисел Скарбек игра клучна улога. Таму атентаторите произвеле експлозив на единствениот населен кат од зграда која се обновува откако се променил сопственикот. Во станот се пронајдени 15 килограми готов експлозив и повеќе запалки. Имало и 150 литри ацетон и 30 литри водород пероксид, кои покажуваат дека атентаторите планирале и други напади.

Belgien Moolenbeek Verdächtiger Pariser Attentäter wird bei Polzeieinsatz festgenommen
Салах Абдеслам беше уапсен дури на 18 март 2016, иако укажувања за местото каде што би можел да се наоѓа имало со недели претходноФотографија: picture-alliance/AP Photo/Uncredited

До денес не е разјаснето зошто властите не го забележале сето тоа и порано, иако наводно еден сосед веќе претходно ја имал известено полицијата за необичните активности на горниот кат. Полицајците ги проверувале тие наводи, но не биле во станот, раскажа новиот сопственик на зградата.

Симбол на проблемите на Белгија во борбата против тероризмот е еден закон: меѓу 21 часот навечер и 5 часот изутрина не смее да се врши претрес на куќи. Белгискиот парламент оваа недела ја укина таа одредба. Но дека белгиските власти се недоволно подготвени на борба против терористичките закани зборува уште еден детал: според информации на новинската агенција Ројтерс, компјутерите на атентаторите се испратени дури во САД за американската сојузна полиција ФБИ да ги обработи податоците кои се пронајдени во нив.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема