1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тереза Меј: Брегзит ќе биде нејзина судбина

Барбара Везел / превод: ЕМФ14 јули 2016

Новата британска премиерка во својата партија важи за сигурен кормилар во несигурни времиња. Но, нејзиниот мандат не е под добра ѕвезда, смета Барбара Везел.

https://p.dw.com/p/1JOdB
Фотографија: Reuters/S. Wermuth

„Таа е проклето тешка жена“ - вака стар партиски колега ја опишал Тереза Меј неодамна, на маргините на еден телевизиски настап. Во меѓувреме и други политички соборци зборуваат за тоа дека новата премиерка е преговарачки партнер со силна волја, чија решителност оди дури до тврдоглавост. Жена со принципи која не склопува „дилови“ толку лесно и политичарка која сака сама да ги дефинира своите цели на владеење. Но со само 16 гласови мнозинство во парламентот таа на десниот табор мора да му прави отстапки. И, над сето тоа виси уште и мечот на брегзит.

Пехар со отров

Новата конзервативна премиерка рече дека сака да ја обедини земјата. И, слично како Ангела Меркел, Меј притоа се „вртка и во градината“ на социјалдемократската опозиција: нејзините идеи за нова политика за индустријата, за надминување на класните разлики, за подобри шанси за помалку привилегираните и за етничките малцинства, звучат речиси револуционерно. Но, претпазливо! И Дејвид Камерон стартуваше со големи планови кои потоа се стопија - поради внатрепартиски отпори, поради извесна бесцелност, како и поради самонаметната политика на штедење.

Barbara Wesel Kommentarbild App *PROVISORISCH*
Барбара Везел

Меѓутоа, со децении не се случило еден премиер од својот претходник да преземе пехар толку полн со отров. Тереза Меј нема пари за големи политички скокови. Таа ниту може да ја спроведе неопходната програма за градење станови, ниту пак има милијарди за санација на болниот здравствен систем. Нејзе ѝ недостигаат средства за подобрување на катастрофалните училишта во центарот, како и за одамна неопходната модернизација на сообраќајната инфраструктура. Навистина, Тереза Меј има малку простор за игра, а „брегзитовците“ ќе вршат притисок од зад грб.

Сѐ се врти околу брегзит

Премиерката е јасна околу брегзитот. Таа веќе има министерство за „излез“ и никој на континентот не треба да си прави илузии околу нејзината решителност. Меѓутоа, во Лондон повторно на сцена се продавачите на соништа и тврдат дека Британците можат да го имаат најдоброто на светот: пристап до внатрешниот пазар и контрола на доселувањето од ЕУ, сите можни слободи за својот финансиски пазар, инвестиции од цел свет и десетици поволни трговски договори - ќе има славна иднина, еден вид Сингапур на Ламанш.

Меѓутоа, Тереза Меј не фантазира. Таа без сомнение знае дека брегзитот ќе биде тежок, иако досега сѐ уште никој нема претстава како сето тоа ќе изгледа. Веќе сега научниците во Оксфорд се жалат што ќе бидат исклучени од фондовите на ЕУ за истражување. Кога ќе истечат субвенциите од Брисел за британските фармери, владата ќе ја тресе „умирање на селанството“. А, кога Лондон Сити ќе го загуби правото за евробизниси, британската метропола ќе доживее нова криза.

Премиерката е жена

На новата премиерка и на искусната германска канцеларка сега се гледа како на противнички, но Ангела Меркел не одлучува самата околу условите за излегување од ЕУ. На крајот сите 27 ЕУ-држави едногласно одлучуваат што ќе биде содржано во документите за развод. А тогаш во преден план е сопствениот интерес, зашто Велика Британија ја откажа својата солидарност.

Тереза Меј е втора жена на премиерската функција по Маргарет Тачер. И, за разлика од нејзе, таа ќе стави крај на влади составени од „стари момци“ од Вестминстер. Во нејзиниот кабинет се рамноправно застапени и жени и мажи. Освен тоа, Меј понекогаш носи чевли со „тигарски дизајн“, како и фустани во боја, костуми со панталони и мантили. Сето тоа не кажува ништо за нејзината работа. Во 2016 година за нејзе и за нас има поважни теми. За жал, најголемата од нив е - брегзит.