Теориите на заговор пуштија длабоки корени
30 ноември 2021Ковид-19 е креиран во лабораторија за да се контролираат луѓето, а бидејќи Министерството за здравство давало пари се запишуваат повеќе мртви од Ковид. Вирусот се прска од авион, а климата се контролира со сателити и радари. Светот го водат неколку моќни семества - големите медиуми се тие што шират лаги. Ова се само дел од теориите на заговор коишто пуштија длабоки корени меѓу граѓаните воСеверна Македонија.
Граѓаните меѓу 30 и 39 години се поскептични кон теориите на заговор во споредба со другите возрасни групи. Но, теренското истражување кое Институтот за демократија „Социетас цивилис“ (ИДСЦС) го спроведе во соработка со Претседателскиот центар за политичко образование во јуни 2021 година, покажува дека тие се одмаќинија меѓу невработените, оние кои што имаат основно и средно образование, напрема оние со вироко образование. Ваквите теории на заговор придираат и кај нив, но влијанието е помало отколку кај другите други граѓани.
Има некоја тајна врска
Истражувањето покажа дека кај граѓаните постои значаен потенцијал во однос на наклонетоста кон теориите на заговор. Така, 72% од испитаниците сметаат дека светот го водат неколку моќни семејства, 65 % мислат дека Ковид-19 е креиран во лабораторија за да се контролираат луѓето, 46% дека климата се контролира со сателити и радари, 44% дека се запишани повеќе мртви од ковид бидејќи Министерството за здравство давало пари, 46% дека од авиони се прска вирусот, 29% мислат дека климатските промени се измислица и 57% дека големите медиуми шират лаги.
„Наклонетоста кон теориите на заговор го покажува потенцијалот за искористување на гласачкото тело во конфронтациски политички процес. Теориите на заговор сугерираат светоглед во којшто политиката не може да е демократски процес, туку резултат на работата на тајни групи кои го контролираат текот на историјата. Притоа, контролата се воспоставува врз општествените, но понекогаш и врз природните процеси како климатските промени“, наведуваат истражувачите.
Таквиот светоглед, во којшто поединецот е толку далеку не само од политичкиот процес, туку и од чувството на контрола, ја засилува несигурноста, што може да биде искористено од политичките актери. Така, искористувајќи ги теориите на заговор, тие политички актери може да ги придобијат поединците, навидум вклучувајќи ги во борба против тајните конспирациски групи.
Вкрстена анализа на гласачите
Институтот направи вкрстена анализа, која покажа дека гласачите на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, како и гласачите на ДУИ, на Алијанса за Албанците и на Левица повеќе веруваат во терориите на заговор отколку гласачкото тело на СДСМ. Па така, 82% на ВМРО-ДПМНЕ, 79% на ДУИ, 85% на Алијанса за Албанците и 86% на Левица веруваат дека светот го водат неколку семејства, додека во ваквата теорија веруваат 69% од гласачите на СДСМ.
Разликата е драстична и во однос на мислењето за вештачкото креирање на Ковид-19 и неговата употреба за контрола на луѓето. Околу 55% од гласачите на СДСМ го имаат овој став, додека во оваа теорија на загворо веруваат дури 83% од гласачите на ВМРО-ДПМНЕ, и 88% од гласачите на ДУИ и на Алијанса за Албанците.
Близу еден од три гласачи на СДСМ сметаат дека климата е контролирана од сателити и радари, а овој став е присутен кај повеќе од два на секои три гласачи на ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и Алијанса за Албанците (65%). Разликата е подрастична кај ставовите околу фалсификувањето бројки на починати од Ковид-19. Така, 24% од гласачите на СДСМ мислат дека бројката на запишани починати е поголема од реалната, што, пак, е случај кај околу две третини од гласачите на ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и Алијанса за Албанците, а кај повеќе од половина од гласачите на Левица. Слично е и во врска со мислењето дека од авионите се прскаат вируси. Скоро секој втор гласач на СДСМ смета дека на големите медиуми не може да им се верува, што е случај кај околу две третини од гласачите на ВМРО-ДПМНЕ.
Една четвртина од гласачите на СДСМ (26%) не верува во климатски промени, 28% од симпатизерите на Левица, 41% од Алијанса за Албанците и околу половина од гласачите на ВМРО-ДПМНЕ (48%) и на ДУИ (48%) го имаат истото мислење.
Образованието како важен фактор
Високото образование е фактор којшто влијае врз подложноста кон теориите на заговор. Така, постои забележлива разлика кај ставовите околу пандемијата, каде што 65% од високообразованите сметаат дека таа е креирана за контрола на луѓето, наспроти 74% од оние со средно образование. 43% од оние со високо образование сметаат дека климата се контролира со радари и сателити, наспроти 58% од оние со средно и 62% – со основно. Слично е и со теоријата за фалсификување на бројот на мртви од Ковид-19, каде што 43% високообразовани сметаат дека Министерството потплатувало, додека истото мислење е присутно кај 53% од оние со средно и кај 61% од оние со основно образование.
Во однос на степенот на образование, разликата е видлива уште кај теоријата дека климатските промени се измислица, но таа е помеѓу оние со основно образование (42%) и оние со средно и со високо (околу 30%).
Анализата покажува интересен тренд кај невработените. Доколку се споредат со вработените (формално и неформално вработените, како и хонорарците), тие се повеќе подложни на теории на заговор. Постои значајна разлика помеѓу овие две категории во однос на пандемијата, каде што 78% од невработените сметаат дека таа е креирана заради контрола. Дури две третини од невработените мислат дека се фалсификувале бројки на мртви од Ковид-19.
Недоверба во институциите
Прашалникот детално ги анализира и ставовите на граѓаните во однос на нагласената недоверба кон политичките елити, кои се оценуваат како корумпирани и претежно насочени кон своите интереси. Испитаниците сметаат дека политичарите работат само за себе. Најниска е довербата на граѓаните во најважните институции на политичкиот систем на државата, како Собранието, Владата, претседателот и судството. Ваквата генерална недоверба во повеќето државни и општествени чинители влијае врз склоноста на граѓаните кон популистички лидери и решенија за нивните проблеми.
-повеќе на темата: Надрилекарство и фантоми лекари го загрозуваат здравјето на граѓаните
Според Институтот, високото ниво на недоверба во демократските институции и правилата на игра влијае и врз зголемувањето на ранливоста кон теориите на заговор, коишто се сè поприсутни на глобално ниво. Сè поголемата тенденција на верување во теориите на заговор укажува на потенцијална злоупотреба на ранливоста на граѓаните за политички придобивки од страна на популистички политичари, кои најчесто користат разгорувачка реторика за добивање политички поени.