Тензична статус-кво ситуација во источна Украина
12 април 2014Вооружени мажи зазедоа полициска станица во градот Славјанск, оддалечен сто километри северно од Доњецк, регионалниот центар во источниот дел на Украина, соопшти украинскиот министер за внатрешни работи Арсен Аваков.
„Вооружени мажи со маскирни униформи ја зазедоа полициската станица во Славјанск. Одговорот ќе биде многу цврст и решителен, бидејќи постои разлика меѓу демонстранти и терористи, истакна Аваков на својот профил на Фејсбук. Во Славјанск е испратена специјална единица, истакна Аваков, додавајќи дека „постои огромна разлика меѓу демонстранти и терористи“.
Проруски сепаратисти денеска и понатаму држат под контрола клучни владини згради во источниот дел на Украина, и покрај тоа што украинскиот премиер Арсениј Јацењук вчера вети поголема автономија за областа. Вооружена група со „калашњикови“ ја зазеде зградата на регионалната влада во Доњецк и бара одржување референдум за присоединување кон Русија.
Локалните медиуми објавија дека десетина луѓе во текот на ноќта влегле кратко во канцеларијата на регионалниот обвинител во Доњецк. Непознатите луѓе ги избркале од внатре чуварот и хигиеничарката, меѓутоа полицијата брзо реагирала и ги исфрлила од зградата. Прозападната влада во Киев ја обвинува Москва дека со помош на провокатори се обидува да поттикне немири во источниот дел на Украина. Доњецк и други градови во источна Украина беа база на прорускиот претседател Виктор Јанукович кој беше соборен од власт во февруари по повеќе месечни протести на централниот плоштад во главниот град Киев.
Поради кризата во источна Украина во Женева на 17. април ќе биде одржан состанок на високи претставници на Украина, Русија, САД и на Европската Унија, соопшти Стејт департментот.
Шефовите на дипломатиите на САД и на Русија, Џон Кери и Сергеј Лавров на неодамнешниот состанок се согласија дека треба да се одржат директни разговори на четирите главни актери во кризата во обид да се смири ситуацијата.