1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тензичен мир во Доњецк

И. Купријанова/Б. Георгиевски9 јули 2014

Откако украинската армија успешно ослободи повеќе места, проруските сепаратисти се утврдија во градот Доњецк. Граѓаните сега живеат во голем страв од можни борби во градот бараат мир

https://p.dw.com/p/1CYka
Фотографија: picture-alliance/AP

Доњецк се повеќе делува како град под опсада. Одеднаш, за само еден ден, овој милионски град на истокот на Украина се наполни со вооружени мажи во маскирни униформи. На нив е истакнат симболот на проруските сепаратисти, амблемот на „Народна република Доњецк“. Жителите на Доњецк засега мирно реагираат на ваквиот развој, иако не е мал бројот на оние кои полека и го напуштаат градот. На социјалните мрежи се појавија информации дека сепаратистите ги запоседнале студентските домови, кои се празни во текот на летните месеци. Според локалните власти, состојбата во градот е „стабилно тензична“. На граѓаните им се советува да избегнуваат конфликти со сепаратистите, и да не се движат на места на кои се собираат вооружените мажи.

Локалната власт прва побегна

Едно од тие места е регионалната канцеларија на украинската служба за безбедност, СБУ. Оваа зграда сега е утврдена од страна на сепаратистите. „Тука веќе подолго време престојуваа борци. Тоа беше нивниот главен штаб. Но сега таму се наоѓаат цели хорди“, вели за ДВ, Људмила, која живее во близина на зградата. И околните куќи се, како што вели, окупирани. „Сега таму се наоѓаат многу автомобили кои претходно не беа тука“. Људмила смета дека сепаратистите во текот на повлекувањето од Словјанск, кој беше освоен од украинските војници, едноставно на луѓето им ги одзеле возилата и со нив пристигнале во Доњецк.

Prorussische Seperatisten leisten Schwur auf die "Republik Donezk" 21.06.2014
Проруски сепаратисти во ДоњецкФотографија: Reuters

Људмила работи во едно училиште кое се наоѓа веднаш до зградата на СБУ. Таа смета дека регионалната влада ги оставила на цедило граѓаните на Доњецк. Вели дека владата едноставно се повлекла во Мариупољ. Дури на војниците им ја испразниле зградата на регионалната управа, и потоа меѓу првите побегнале.

Најтешката дилема за жителите на Доњецк е дали ќе дојде до бомбардирање на градот? Ноќе, веќе се слушаат силни експлозии. Се работи за напади со тешка артилерија кои се одвиваат околу блискиот аеродром и во селото Карливка. „Украинската армија напаѓа така што се тресе земјата и горат полињата“, вели за ДВ земјоделецот Андреј, чија фарма исто така настрадала во борбите.

Виновни се Јанукович и олигарсите

За актуелната состојба во земјата тој ги обвинува поранешниот претседател Јанукович, и олигарсите. Вели дека тие ги хушкаат луѓето едни против други и дека притоа им е важна единствено нивната моќ. Откако сепаратистите се повлекоа во Доњецк, Андреј не верува дека наскоро ќе има мир. „Ќе се водат борби против нив во самиот град. Тие борби ќе бидат покрвави и поразорни од оние во малите градови“, стравува земјоделецот.

Ukraine-Krise Zerstörter Flughafen von Donezk
Аеродромот во Доњецк досега претрпи големи оштетувањаФотографија: picture alliance/AA

Насекаде се чувствува стравот од можните борби. Тензијата во градот е забележлива и при погледот на забарикадираните дуќани и затворените институции и фирми. Многу жители работат од своите станови за да не мораат да одат во градот.

Регионалниот гувернер, Сергеј Тарута, кој заедно со своите соработници работи од Маиупољ, се надева дека во Доњецк нема да има борби. „Борците се уште не ја напуштија нашата територија, тие само го сменија местото на престој“, наведува Тарута во изјава за украинските медиуми. Неговата надеж е во преговори кои би требало да ги убедат сепаратистите мирно да ја напуштат земјата. Во исто време, на националната телевизија, командантот на украинската национална гарда, Степан Полторак гарантира дека армијата нема да го бомбардира Доњецк.