Театарски актери - херои на мирот
10 април 2015Театарскиот проект чија премиера беше во Белград во неделата (5. април), ги надминува рамките на една манифестација од културата. Во претставата „Ромео и Јулија“, во режија на познатиот театарски, телевизиски и филмски актер Мики Манојловиќ, настапуваат истакнати актери од Србија, Косово и Албанија и секој зборува на својот јазик. Трагедијата на Шекспир за омраза, љубов и надеж нуди своевидна паралела за односите меѓу двата народа.
Проект со политичка поддршка
„Воодушевувањето на публиката беше над нашите очекувања“, вели за ДВ Јетон Незирај, директор на Мултимедијалниот центар од Приштина. Проектот е резултат на едноиполгодишната соработка меѓу неговиот Центар и Работилницата за интеграции од Белград. „Во салата на Српскиот народен театар, каде веројатно за прв пат беше зборувано на албански јазик, имаше избрана публика. Општо можам да кажам дека изведбата беше многу добро примена од публиката и од критиката“.
Албанските театарски уметници од Косово и порано настапија во Белград со претставата „Лет над косовскиот театар“, но тогаш под посебна полициска заштита и пред малку публика. „Засилено обезбедување околу театарот имаше и овој пат, но суштинската разлика е што сега игравме во Српскиот народен театар и проектот има поддршка од обете влади“, објаснува Јетон Незирај.
Порака за пооптимистичка иднина отколку кај Шекспир
Интензивната работа со актерите, според него, траела три месеци, за да се достигне неопходното ниво, со оглед на предизвиците и бариерите. Жртвата на вљубените Ромео и Јулија во Шекспировата трагедија ќе значи крај на непријателствата меѓу нивните две семејства. Таа претстава свесно е ставена во контекст на српско-албанските односи. И самата определба за ’Ромео и Јулија‘ претставува одреден политички став, вели Незирај: „Сакавме со публиката да комуницираме над јазичките и културните бариери, над постоечкиот конфликт“. Тој верува дека пораката е „недвосмислена и значајна, и на публиката и во Белград, како и на Косово, и’ пренесува јасна вест дека иднината треба да биде поинаква и пооптимистичка отколку во делото на Шекспир“.
Културата го трасира и политичкиот дијалог
Шекспировата трагедија „Ромео и Јулија“ во груби црти му е позната секому, но постојаното јазично претопување - час српски, час албански, тоа надминување на јазикот како бариера е фасцинатно доживување, вели Јетон Незирај. Претставата можеше да се гледа и да се ужива во неа и без да се знае едниот од јазиците. Таа уште еднаш покажува какво влијание може да има културата. „Можеби изгледа преамбициозно, но културата и во прв ред театарот, го отворија патот и за политичкиот дијалог што се води во изминатите две години меѓу владите во Белград и Приштина. Немам никакво сомневање дека ние бевме предвесници на соработката. Овозможивме луѓето во Белград и Приштина слободно меѓусебно да комуницираат и овозможивме нормализација на културните, но и на политичките односи“.
Претстои „историска“ изведба во Приштина
Вакви проекти се предизвик во опкружување кое не им е благонаклонето на такви иницијативи, тие се примаат со голема недоверба поради непријателското минато. Луѓето кои учествуваат во нив се цел на различни етикетирања и уцени, нагласува Незирај. „Сепак, времето докажа дека оние кои имаа смелост да се ангажираат во таков вид проекти се херои на мирот и тие се во мал број - и во Србија, и на Косово. Но, и покрај тоа, тие не се беззначаен глас, тие ќе бидат се’ поупорни и порешителни за да се поттикне тој вид на комуникација, пред се’ човечка комуникација“.
За Јетон Незирај ќе биде „историски настан“ изведбата на оваа претстава на 15 мај и во Народниот театар во Приштина.