1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Geheimdokumente Afghanistan

26 јули 2010

Американската администрација повторно се наоѓа во дефанзива поради војната во Авганистан. Интернет платформата Викиликс објави тајни документи од архивите на Пентагон, кои покажуваат ненашминкана слика за војната.

https://p.dw.com/p/OUcI
Една од воените карти, што ја објави ВикиликсФотографија: google

Веќе огромната бројка тајни извештаи кои протекле во јавноста веројатно многу ги разгневила одговорните во Пентагон. Станува збор за 91.731 извештај - најголемиот дел од нив со ознаката „тајна“. Поголемиот дел од информациите содржани во извештаите не се нови, но до сега никој немал можност да ги прочита толку детално. Тие покажуваат нефилтрирана слика за војната во Авганистан од 2004 до 2009 година. Извештаите потекнуваат од пониски старешини на американската армија или пак од пониски по ранг аналитичари на тајните служби. Во нив се опишуваат напади на талибанските бунтовници, но и на американските војници и нивните сојузници во кои загинале стотици цивили. Исто така станува збор и за тајни специјални сили, кои се ангажирани да ги најдат и ликвидираат лидерите на талибанците. Читателот открива и дека најголемиот поддржувач на востаниците во Авганистан се пакистанските тајни служби. Конечно се гледа и дека американските беспилотни летала ни од далеку не се толку совршени, покрај најмодерната техника, а и дека талибанците располагаат со многу помодерно оружје, отколку што тоа го признаваат САД и нивните сојузници.

McChrystal / USA / Militär
Обама мораше да го смени и главниот стратег за Авганистан, генерал МеккристалФотографија: AP

Интернет платформата Викиликс посочи дека дел од документите што и’ биле ставени на располагање од непознат извор сепак не ги објавила, бидејќи со тоа би се загрозиле информанти на теренот. „Њујорк тајмс“, британскиот „Гардијан“ и германски „Шпигел“, по деталната анализа, во меѓувреме ја потврдија автентичноста на извештаите.

Незгоден момент

За американската влада објавувањето на овие тајни извештаи доаѓа во многу незгоден момент, бидејќи во Конгресот и меѓу граѓаните растат сомнежите во исправноста на стратегијата на претседателот Обама, како и во најавеното повлекување на првите американски сили идното лето. Белата куќа го осуди објавувањето на извештаите, посочувајќи дека со тоа се загрозуваат животите на американските војници на боиштето. Освен тоа советникот за безбедносни прашања Џејмс Џоунс порача дека новата стратегија на претседателот Обама била донесена како одговор на лошата состојба прикажана во тајните извештаи. Со тоа одговорноста за неа се префрла на претходната влада на Џорџ Буш. Освен тоа Белата куќа ја става под знак прашање веродостојноста на интернет платформата Викиликс, која наводно претставува организација што ја отфрла американската политика кон Авганистан.

James L. Jones Nationale Sicherheitsberater USA
Советникот за безбедносни прашања и поранешен генерал, Џејмс ЏоунсФотографија: AP

Незгоден медиум

Викиликс е непријатен интернет медиум за американската администрација, бидејќи од време на време објавува нецензурирани стории. Така пролетва објави на интернет видео снимка, во која се гледа напад на американски воени хеликоптери врз група цивили во Ирак, при што животот го загубиле 12 лица, меѓу нив и двајца репортери на Ројтерс. За ваквиот храбар настап Викиликс пожнеа многу пофалби, но и критики за неиздиференцирана уредувачка политика затоа што ги објавуваше сите документи без размислување за смислата и ефектите од таквата транспарентност. Што се однесува до најновите тајни извештаи, уредниците на Викиликс велат дека не знаат кој им ги доставил документите од архивите на Пентагон. Но, и кога би знаеле - никогаш не би го објавиле неговото име.

Автор: Сабине Милер/ Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска