Тајна средба на Американците и талибанците
30 јули 2018Средбата на делегатите на американската влада и на талибанците во Авганистан завршила со „многу позитивни сигнали“, јавува агенцијата Ројтерс. Претходно „Волстрит журнал“ и „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на талибански извори, јавија дека минатата недела повеќемина претставници на исламистите во Катар се сретнале со американската пратеничка за Јужна Азија, Алис Велс и други американски дипломати. Американското министерство за надворешни работи не ги демантираше информациите за разговорите, напиша „Њујорк тајмс“.
Повеќе: „Време на страв“ во Авганистан
Претставник на талибанците, кој според сопствени наводи бил дел од делегацијата, за Ројтерс вели дека средбата се одржала во „пријателска атмосфера“ во хотел во Доха. Талибанците во главниот град на Катар имаат полуофицијална канцеларија. Не може да се каже дека се работи за мировни разговори, но тоа се почетоци на формални и целни разговори, тврди неименуваниот исламист.
Двете страни се договориле да се сретнат повторно набргу и да го решат конфликтот во Авганистан преку дијалог. Делегацијата на талибанците инсистирала на тоа никој од авганистанската влада да не учествува во разговорите.
„Њујорк тајмс“ пред две недели извести дека администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп им укажала на своите топ-дипломати да бараат директни разговори со талибанците за да ѝ се стави крај на војната во Авганистан. Вашингтон досега постојано нагласуваше дека талибанците би морале да преговараат со својата влада во Кабул и дека мировниот процес може да се води само под авганистанско раководство. Исламистите пак тврдат дека авганистанската влада е марионетски режим и отфрлаат дијалог со Кабул.