1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тајландската армија воведе воена управа во земјата

ЕМФ/дв/миа20 мај 2014

И покрај тоа што постојано повторуваше дека не сака да се меша во политичкиот конфликт во земјата, тајландската армија сега воведе воена управа во земјата. Владата е и натаму на должност.

https://p.dw.com/p/1C2sq
Фотографија: Reuters

По повеќемесечни политички немири, армијата воведе воен закон во Тајланд, со образложение дека треба да се заштити правниот поредок. Првиот човек на армијата Прајут Чан-оча изутринава (20.05) на телевизијата соопшти дека се воведува воена управа во земјата и дека овој чекор следува поради протестите на противниците на владата во текот на кои било употребено „воено оружје“. Армијата, според сопствени наводи, сака да спречи натамошни жртви. Генералот тврди дека не станува збор за воен удар.

Портпаролот на армиската команда објасни дека воведувањето на воената управа, нема да влијае врз работата на актуелната Влада, за која рече дека останува да функционира. Претставник на Владата изјави дека привремениот премиер и министрите, не биле претходно консултирани за решението на армискиот врв. „Се‘ изгледа најнормално, освен што сега војската е одговорна за сите безбедносни прашања на државата“, изјави овој владин претставник.

Првата мерка која е преземена е ограничување на слободата на печатот. Војската исклучи десет телевизии. Во наредбата за исклучување како образложение е наведено дека треба да се обезбеди „вестите да не бидат фалсификувани“ за со тоа натамошно да се потпалува конлфиктот.

Thailand Armee verhängt Kriegsrecht 20.05.2014
Војници во фоајето на една национална телевизија која веќе не смее да емитува програмаФотографија: Reuters

Од ноември минатата година тајландската опозиција одржува антивладини митинзи со блокади на улиците на Бангкок и на дел од владините институции. На неколкупати тие се судрија со приврзаниците на премиерка Јинглак Шинаватра, при што имаше и загинати. Шинаватра беше сменета од функцијата со одлука на Врховниот суд, кој ја обвини за „злоупотреба на службената положба“. Засега не се знае како ќе реагира војската на владината намера повторените парламентарни избори во земјата да се одржат во втората половина од јули, откако претходните во февруари годинава пропаднаа поради блокадите на изборниот процес од страна на опозцијата во јужните делови на Тајланд, каде таа има голем број свои традиционални гласачи.

Последен пат, тајландската армија интервенираше во 2006 година, кога го смени од функцијата тогашниот премиер Таксин Шинаватра. Од 1932 година, кога е укината апсолутната монархија, во земјата се изведени 11 воени удари.