1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СЈО: Ќе дојде експертот што го бараме!

24 октомври 2016

Се работи на тоа да бидат извршени сите судски наредби во врска со бараните податоци од опремата во УБК и за таа цел наскоро ќе добиеме експертска и техничка асистенција, велат од СЈО.

https://p.dw.com/p/2Rblu
Mazedonien Press Sonderstaatsanwaltschaft in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski DW/P. Stojanovski

Експертот што го бараме наскоро ќе дојде, само што во моментов не можеме да прецизираме точно кога, велат од Специјалното јавно обвинителство, запрашани што понатаму, откако во официјална реакција компанијата „Ериксон“ соопшти дека не е сопственик на опремата во УБК, ниту оперира со опремата за законско пресретнување на комуникациите.

Од СЈО велат оти тоа не значи дека нема да дојде овластен експерт од компанијата.

„Ние сме во комуникација и експертот ќе дојде, само што во моментов не можеме да прецизираме кога. Интензивно се работи на тоа да бидат извршени сите судски наредби во врска со бараните податоци од опремата во Управата за безбедност и контраразузнавање. Таа експертска и техничка асистенција ние наскоро ќе ја добиеме“, децидни се од СЈО.

Од компанијата „Ериксон“ вчера потврдија дека „на 19-ти октомври 2016 година добиле барање од СЈО по судска наредба од Основниот суд Скопје 1 во Скопје, за техничка асистенција заради истрага и во врска со функционалноста на законското пресретнување на комуникации“. Во соопштението не се открива дали компанијата ќе ја даде бараната техничка асистенција, а сите прашања за истрагата ги упатува кон СЈО.  

„За понатамошни информации поврзани со оваа истрага, 'Ериксон' ве упатува на Специјалното јавно обвинителство за овој случај. Законското пресретнување на комуникации е задолжителна и стандардна функционалност во мрежите на јавната телефонија и телеком операторите и земјите во светот се обврзани да овозможат таква функционалност за локалните власти. 'Ериксон', како производител на телефонски системи и опрема, исто така, е производител на системи за законско пресретнување. 'Ериксон' не е сопственик на опремата, ниту оперира со опремата за законско пресретнување на комуникациите“, се вели во соопштението од компанијата.

Mazedonien Katica Janeva neuer Generalbundesanwalt
Јанева во петокот изјави дека истражителот на СЈО е неосновано задржан во полициска станицаФотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Полицајци го пријавиле истражителот?

Од друга страна, владее разногласие за околностите околу неодамнешното приведување на истражител на СЈО во полициска станица. Јанева во петокот изјави дека тој е неосновано задржан и дека на обвинителите на СЈО од полицијата ништо не им било дадено писмено на увид за таа постапка. Таа соопшти дека истражителот по нејзина наредба бил испратен да лоцира адреса на која живее одредено лице.

Медиумите објавија дека станува збор за домот на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, и дека присуството на истражителот во близина на тој објект било забележано и пријавено во полиција од приватно обезбедување. Но, извори од Основното јавно обвинителство велат дека истражителот не бил пријавен од приватни обезбедувачи на објектот, туку од припадници на полицијата, кои во регуларна постапка биле задолжени да го обезбедуваат посочениот објект. Од таму додаваат и дека пријавата не се однесувала за едно лице, туку за две: еден истражител на СЈО, а другиот приватен детектив кој бил во друштво на истражителот, но не се знае дали таму бил приватно, или ангажиран од некого. Од Обвинителство велат дека за тоа постапување морало да постои судска наредба.

„Не е потребна судска наредба во овој случај“, децидни се СЈО.

„Судска наредба е потребна ако треба да се влезе во нечиј имот, ако треба да се врши претрес, а не ако од јавен простор, улица, се лоцира нечија адреса на живеење“, велат од Специјалното јавно обвинителство.

Празнична порака

Тензиите на релација СЈО-УБК делумно спласнаа во деновите на продолжениот празничен викенд, но не останаа надвор од фокусот. Работата на обвинителствата се најде и во говорот на техничкиот премиер Емил Димитриев на свечената академија по повод 23-ти октомври, Денот на македонската револуционерна борба.

„На претстојните избори вие одлучувате. Вие и никој друг. Ниту партиите, ниту специјалните органи, ниту институциите. (...) Ангажманот на државните и специјалните органи кои оставаат впечаток на тенденциозност и пристрасност во предизборен период, покажуваат очигледна намера која македонската јавност јасно ја гледа. Специјалното јавно обвинителство и Јавното обвинителство не треба и не смеат да се претворат и да добијат улога на портпароли на политичките партии и да бидат алатки во функција на политичките агенди“, порача Димитриев.

Од СДСМ, порачаа дека истрагата на Специјалното јавно обвинителство не смее да биде попречувана од никого.

„СЈО и МВР мора да бидат оставени професионално да ја завршат својата работа во интерес на правдата, за да ја вратат довербата на граѓаните во институциите. Владеење на правото во оваа земја мора да има секој кој го прекршил законот ќе се соочи со одговорноста. Попречувањето на работата на СЈО од страна на соработниците на Никола Груевски и Сашо Мијалков во системот на МВР, укажува на паничен страв на фамилијата од откривање на вистината за сторениот криминал и оддава признавање вина“, оцени СДСМ.