СЈО ги доби документите од Централниот регистар
24 март 2016Специјалното јавно обвинителство (СЈО) соопшти дека постапувајќи по наредба на судија на претходна постапка, во текот на вчерашниот ден пристапило кон одземање на предмети - документација од Централниот регистар на Република Македонија. „Наредбата е издадена по барање на ова Јавно обвинителство, откако Централниот регистар во рок од 30 дена не постапи по нашето барање и единствено не извести дека барањето било нејасно, иако во неколку наврати имаше телефонска комуникација со јавни обвинители и истражители во насока на појаснување што се е предмет на нашето барање“, соопштуваат од СЈО.
Како што велат од ова обвинителство, во вторникот (22.03.2016) вечерта воспоставиле соработка со Централниот регистар и доставен е дел од бараната документација.
„Имајќи предвид дека се работи за голем обем на документација, во деновите што следат ќе биде одземена целокупната документација која е наведена во наредбата за одземање на предмети, за што благовремено ќе Ве информираме“, се вели во соопштението во кое СЈО истовремено изразува уверување дека добро воспоставената соработка со Централниот регистар ќе продолжи и во иднина.
Републичкото јавно обвинителство пак испрати демант на информациите објавени во неколку медиуми, во врска со наводно спроведување на контра-акција со вршење влијание на вработените во Централниот регистар, за да не се појават на работа.
„Истакнуваме дека ширењето вакви шпекулации ја доведува во заблуда јавноста, која за секое постапување на јавните обвинителства е навремено и точно информирана од страна на Службата за односи со јавноста во Јавното обвинителство“, реагираат од Обвинителството.