Сѐ повеќе оружје во југоисточна Азија
29 август 2014Земјите во југоисточна Азија можат да се потпрат на американската воена поддршка, но само до одредени граници, велат стручњаците. За да би можеле да им се спротивстават на потезите на Кина, овие држави ќе мораат и самите да ги зголемат своите одбранбени способности. Пекинг полага право на околу 90 проценти од Јужнокинеското море, и веќе го зголеми присуството на својата морнарица, посебно во проблематичните води, на кои право полагаат и други јужноазиски нации. Се проценува дека во спорните области и острови има огромни резерви на нафта и гас, како и големо количество риби.
Според податоците на Меѓународен институт за истражување на мирот во Стокхолм (СИПРИ), вкупните давачки за војската во југоисточна Азија достигнаа 35,9 милијарди долари во 2013. година, што е годишно зголемување од 5 проценти. Се очекува дека сумата за воениот буџет ќе достигне 40 милијарди до 2016. година, а во Стокхолом велат дека одбранбените трошоци се веќе повеќе од двојно поголеми отолку што биле во 1992. година. Споредено со тоа, стручњаците во САД проценуваат дека Кина во 2013. година за сопствените вооружени сили издвоила 145 милијарди долари.
Кина игра по сопствени правила
Сепак, не се сите земји подеднакво подготвени да ја зајакнат својата војска, истакнува Сем Перло-Фриман, раководител на програмата за воени трошоци во СИПРИ. „Единствено во случајот на Виетнам, растот на воениот буџет е јасен одговор на растот на кинеската воена моќ и потези во Јужнокинеското море“, вели тој. Со други зборови, кинеската морнарица не е единствен мотив за развој на воената индустрија.
На пример, Камбоџа и Тајланд не учествуваат во овие конфликти околу територијалните води, а другите земји од истиот регион, како што се Малезија, Сингапур и Тајван, умерено ги зголемија своите воени буџети, ако се земат предвид последните неколку години, објаснува Фриман.
И покрај растечките тензии во Јужнокинеското море, има малку докази дека Кина навистина е заинтересирана за вооружен конфликт. „Тоа би имало катастрофални економски последици. Имено, поверојатно е дека Кина ќе продолжи да ја користи својата воена надмоќ во регионот за да ја обликува ’фактичката состојба на морето’ и за да стекне практична контрола над спорните области“, предвидува Перло-Фриман.
Стручњакот за безбедност во Азија и Пацификот Вилијам Чунг од Меѓународниот институт за стратешки студии додава оти соседите на Кина „го признаваат растот на Кина и нејзиното природно место во тој дел од светот“, но, според проценката на овој аналитичар за ДВ „тие не прифаќаат Пекинг да не се однесува во согласност со генерално прифатените норми“.
Американците се незаобиколиви
Важно е да се истакне дека државите во југоисточна Азија ќе ја продолжат соработката со производителите на оружје во Америка и во европските земји, иако вложуваат се’ повеќе во домашната воена индустрија. Всушност, поголемата побарувачка за вооружување и воена опрема ќе го направи овој регион уште попривлечен за западните снабдувачи.
Директорката на програмата за воени трошоци, производство на оружје и снабдување со оружје на СИПРИ, Од Флоран, смета дека постојат голем број причини државите во тој дел од светот да се потпираат на Американците: „На глобално ниво, стабилноста во регионот, како и важните трговски патишта, и понатаму зависат од безбедносните гаранции кои ги пружа САД и од американското воено присуство“, вели Флоран за ДВ. Според нејзина проценка, Американците се и натаму централен фактор во тој дел од светот, и тоа најверојатно ќе остане така и во иднина.
Се’ е во рамнотежа
Во исто време, Флоран верува дека овие држави не би требало да се потпираат само на огромната воена моќ на САД: „Тоа би било погрешно, бидејќи од нив, во улога на партнер, се очекува да го одработат својот дел. Сепак, самостоен настап би бил многу ризичен ако се соочуваат со Кина, чија моќ продолжува да расте.“
Клучно е да се постигне рамнотежа, проценуваат стручњаците - земјите од Југоисточна Азија ќе мораат да ги развиваат сопствените одбранбени капацитети и истовремено да ја користат американската воена поддршка, и така ќе ја задржат Кина на дистанца. Одбранбените аналитичари сметаат дека растот на воениот буџет е нормален процес, но и предупредуваат дека се’ се случува во регион кој нема развиена култура за решавање на меѓународни тензии преку преговори. Веројатноста за отворена војна е мала, но може да дојде до избувнување на непланирани инциденти и конфликти кои имаат шанси да излезат од контрола.