1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Луѓето во пандемијата посегнуваат по цигари и алкохол

Гудрун Хајзе
30 декември 2021

 Иако сѐ поголем е бројот на луѓе свесни за штетноста од  пушењето, сепак тешко им e да им кажат збогум на цигарите. Бројот на пушачи во пандемијата е зголемен и покрај големиот број забрани за пушење.

https://p.dw.com/p/44znJ
qualmende Zigarette in einer Hand
Фотографија: Imago Images/Sven Simon/F. Hoermann

Има сè повеќе пушачи – ова е заклучок од објавената репрезентативна долгорочна студија Дебра (Германско истражување за навиките за консумирање тутун). Бројот на пушачи годинава се зголемил на 31%, што е за 4% повеќе во однос на 2019 година кога процентот на пушачи бил 27%. Во студијата се анализираат податоци за лица над 14 години, а аналитичарите проценуваат дека растот е поради многумина кои се откажале од пушење, но повторно се решиле да запалат цигара во време на пандемијата.

Ваквите бројки не беа очекувани бидејќи уште пред повеќе години, на преминот кон новиот милениум, германската влада забрани  пушење во ресторани, барови и гостилници. Оттогаш сè повеќе луѓе се откажуваа од пушење. Пандемијата можеше да биде добра прилика за откажување од пушењето, но се чини дека зависноста од цигарите е далеку посилна и понатаму предизвикува голема загриженост кај лекарите и експертите.

Пушењето е исто така поврзано со годините

Уште пред корона-пандемијата помал беше бројот на луѓе кои беа подготвени да се откажат од  пушење  во однос на претходните години. Тоа посебно се однесува на повозрасните. Трендот кај помладите е поинаков: поголемиот дел не ни почнуваат да пушат.

Забрана за пушење - неопходна заштита или хистерија?

Ова може да е и поради интензивните кампањи за подигање на јавната свест со кои се предупредува од штетноста и последиците од пушењето, што ги обесхрабрува потенцијалните пушачи. Годишно како последица од пушење во земјата умираат речиси 125.000 луѓе. Цената на цигарите во Германија, споредено со другите европски земји, е релативно ниска: едно пакување  цигари  чини 7 евра, додека во Англија е речиси двојно, 13 евра. Но, цената не е пресудна за тоа дали некој ќе прекине со пушење или не. Од 1 јануари 2022 година стапува на сила нов Закон за измена на оданочување на тутунот, со што ќе се зголемат даноците на сите тутунски производи. Ова пак може да влијае дел од пушачите сепак да се откажат од цигарите. Очекувањата се дека процентот на пушачи во најмала рака нема да оди нагоре.

Deutschland Symbolbild Alkoholismus
Многумина не се свесни за зависноста од алкохолФотографија: U. J. Alexander/imago images

Консумирање на алкохол дома наместо во меана

На севкупните количини алкохол кои Германците ги консумираат во пандемијата речиси и да нема промени. Спокојната дружба во маалската меана на неколку чашки пиво или вино во пандемијата беше речиси незамислива. Многумина пиењето го оставија за домашните ѕидови каде што севкупно се пиело помалку на дружби со пријатели отколку пред пандемијата. 

Тоа би требало да има видливо влијание врз општите количини потрошен  алкохол  во земјата, но тие се останати исти, вели за ДПА докторот за лечење зависности на Централниот институт за душевни растројства во Манхајм, Фалк Кифер. 

Според него немало толку дружби, но затоа поединечни лица пиеле повеќе од претходно, независно дали сами или во друштво. 

Според постара студија на Централниот институт на универзитетската клиника во Нирнберг, 37 проценти од преку 2000 анкетирани возрасни за време на првиот локдаун пиеле повеќе од претходно, 21 процент помалку. Слично е и со пушењето цигари. Кифер смета дека бројките се реални.

Повеќе луѓе се борат со психички проблеми

Пандемијата претставува голем притисок за луѓето. За некои оптоварување се децата кои имаат настава од дома или возрасни кои работат од дома, наместо секој ден да одат на работното место и на тој начин да помогнат да се избегне можна стресна ситуација во семејството.

Повеќе за цигари и алкохол отколку за сопственото здравје

Особено тешко е за оние кои и онака живеат притеснето, или каде што кујната се пренаменува во канцеларија или училница. Кога се работат домашни задачи додека други членови на семејството се досадуваат, тоа може да придонесе за зајакнување на зависностите. Тоа можеби и довело до таму почесто да се посегне по алкохол. Поголема консумација на алкохол веројатно имало и од лица со финансиски или проблеми на работното место. Кај други пак, косумирањето алкохол е намалено, можеби и поради недостиг на друштвени поводи. Па така зголеменото и намаленото консумирање до некаде се во баланс. 

Консумирањето алкохол многумина не го сфаќаат како зависност

Во Германија многумина алкохолот не го сметаат за дрога, туку нешто што е дел од социјалниот живот. Но, токму алкохолот е зависност, болест која треба да се сфати сериозно. И покрај тоа ретко за неа отворено се разговара - ниту во кругот на пријатели, ниту со доктори. Но, токму разговорот може да помогне да се стекне пообјективна претстава за сопствените навики на консумирање алкохол, независно од пандемијата.