1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сѐ повеќе бегалци! Сѐ повеќе бегалци?

Феликс Штајнер
20 јуни 2019

Кој колку може и треба да придонесе за решавање на маките на бегалците ширум светот? Дури и богатите држави може да се префорсираат со таквата задача, а тоа никому не му е од полза, смета Феликс Штајнер.

https://p.dw.com/p/3Kkzh
Griechenland Lagkadikia Flüchtlingscamp
Фотографија: DW/D. Tosidis

Од германска перспектива две нешта го карактеризираа Светскот ден на бегалците во 2019: од една страна актуелните бројки кои ги објави Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации, УНХЦР. Наративот гласеше дека проблемот се зголемува и бројот на бегалци ширум светот постојано се зголемува. 70,8 милиони лица актуелно ја имаат напуштено својата татковина поради војни, насилство и протерување. Тоа се веќе два милиони повеќе од минатата година.

Помалку бегалци во Европа

Така погледнато, бројот на лица кои стигнуваат до Германија е скромен. Нешто повеќе од 200 илјади бегалци имало во Германија минатата година, а со околу 500 лица дневно оваа година бројката ќе остане во тие рамки. Во Германија актуелно живеат околу еден милион лица со регистриран статус на бегалец. Околу 750 илјади други лица не беа признати како бегалци и всушност би требало да ја напуштат земјата, но заради најразлични причини сепак престојуваат и натаму во Германија. Иако бројките за Пакистан, Турција и Кенија и натаму се значително повисоки, добар знак е тоа што комесарот за бегалци на ОН, Филипо Гранди, особено ја поздрави подготвеноста на Германија за прием на бегалци. Оти тоа ниту за богатите земји не е само по себе разбирливо, како што може да се види на јужната граница на САД, но и според однесувањето на различни членки на ЕУ.

Steiner Felix Kommentarbild App
Феликс Штајнер

Дотолку повеќе заслужуваат признание посиромашните соседни земји во кризните региони за огромниот товар што го носат. Никогаш веќе не смее да се повтори тоа што беше причина за големиот бегалски бран во 2015 во Европа, имено дека стотици илјади лица се упатија кон Европа заради тоа што поради недостиг на финансиски средства УНХЦР ги преполови количествата на храна во големите бегалски логори во соседството на завојувана Сирија.

Тоа води и до второто нешто што го обележа Светскиот ден на бегалците. „Ќе успееме“, изјави канцеларката Ангела Меркел во август 2015 година. Де факто, летото и есента беше завршена огромна работа. Сите кои тогаш допатуваа во Германија добија покрив над глава и беа уредно згрижени. Но, и германското општество оттогаш драматично се промени. Десните популисти се застапени во сите покраински парламенти, општествениот дискурс е затруен. Деновиве за првпат мора да примиме на знаење дека можеби бил застрелан политичар заради тоа што јавно се залагал за поширокограда бегалска политика.

Бегалците може да го променат општеството

Тоа значи дека едно општество може да биде и префорсирано. Тогаш се предизвикуваат реакции на отпор кои никој не ги посакува и кои никому не му служат. Тогашниот канцелар и подоцнежен добитник на Нобеловата награда за мир, Вили Брант, во владина изјава во 1973 година говореше за „способноста на нашето општество да примаме лица“ која некогаш ќе биде потрошена. Денес за таков исказ веројатно би го исклучиле од СПД, а сепак бил во право. „Ултра посе немо облигатур", велеле уште старите Римјани, т.е. дека никој не смее да биде оптоварен повеќе отколку што може да испорача.

Во денешен контекст тоа значи дека богатите држави од северната полутопка мора да дадат финансиски придонес за бегалците да може да бидат добро згрижени во близина на нивната татковина. Секако тие се на потег и за да се решат постоечките конфликти и за да не настануваат нови. Сепак, би било погрешно сите кои се во неволја или прогонувани без задршки да ги каниме во Европа. Европа на која тие луѓе се надеваат, тогаш во најкраток рок би била уништена. А, тоа никому не би му било од полза.