Сурфање на интернет за време на лет во авион
1 септември 2014И најголемата германска авиокомпанија Луфтханза привлекува муштерии со нова понуда, а истовремено ги намалува трошоците. Ние го следиме летот ЛХ 418 од Франкфурт кон Вашингтон. Авионот полетува точно на време. Патниците и членовите на екипажот ги очекува речиси деветчасовен лет.
На 10.000 метри височина стујардот ја вклучува интернет и мобилната мрежа. Патниците сега можат да отворат мејлови, да сурфаат или испраќаат СМС-пораки. Најголемата германска авиокомпанија ја надгради оваа техника по успешната фаза на тестирање. Преносот на податоци сега е толку добар што функционира дури и телевизиски пренос во живо. Фудбалски натпревар, на пример.
„За мене е многу важно да гледам фудбалски натпревар. Јас сум во авионот и можам да го гледам омилениот тим, што е одлично. Ова е големо изненадување за мене“, вели патникот Џејмс Роф.
Преку сателитска антена горе на трупот доаѓаат податоците во авионот. Можноста да се сурфа побрзо отколку преку некои интернет конекции на тлото и да се користи мобилниот речиси како на земја - тоа ширум светот не го нуди речиси никој. „Луфтханза“ инвестираше шестцифрена сума по авион и со тоа сака да се издвои од конкуренцијата, бидејќи на небото се води безмилосна битка со цените, но и трка за секој поединечен патник.
„Познато е дека добивката во воздухопловната индустрија е многу мала. Притоа многу користиме дополнителни работи, како на пример можноста од овде - од авионот, да се влезе на интернет, со цел да ги задржиме клиентите или да можеме да привлечеме нови. Секако, посебно се радуваме ако се патници во бизнис класа“, вели Михаел Ламберти, портпарол на „Луфтханза“.
Во Берлин техничарите веќе го потготвуваат следниот чекор во однос на „безжичната мрежа“. Во помалите авиони тие вградуваат WLAN-уреди. Црните кутии, развиени од самата „Луфтханза“, треба да ги овозможат понудите за разонода и во домашните, но и летовите на средна дестинација.
Значи, покрај весници и списанија, да има дури и актуелни холивудски филмови. Тие едноставно ќе бидат испратени на мобилните телефони или таблетите на патниците. Денес околу 70 проценти од патниците имаат смартфон или ноутбук со себе.
„Шармот на ова решение е што не мора да се инсталира дисплеј на секое седиште, не мора да се влечат многу кабли, туку сето ќе биде раширено преку WLAN - директно на уредот на патникот. Сето тоа секако дека вкупно заштедува тежина и сето ова го прави многу поедноставено“, вели Михаел Ламберти, портпарол на „Луфтханза“.
Новата техника заштедува околу 300 килограми тежина. Притоа, еден единствен авион троши помалку за 50 тони гориво годишно. Една цела флота така заштедува милионски суми.
Тоа е предност која ја гледаат и другите авиокомпании и сакаат оваа техника уште сега да ја користат.