Сурфање во чешка река
18 септември 2014Брандис Над Лабем место во Чешка, во близина на Прага, е оддалечено од морето околу 500 километри. Но, и покрај тоа, тука се сурфа. Тоа го овозможува овој 80 сантиметри висок и 5 метри широк бран во еден канал.
Идејата е на хоби-сурферот Јан Маршик. Тој низ целата земја бараше соодветни места за вештачки бран. Сурфањето во река не е споредливо со класичното јавање на бранови, но има и свои предности.
„Најголемата разлика меѓу сурфањето во река и сурфањето во море не е дека водата е слатка или солена, туку дека овде имаме статичен бран кој не се поместува. Во морето брановите се во движење. На река, значи, е значително поедноставно да се фати бранот во вистинскиот момент“, објаснува Јам Маршик, иницијатор на проектот „surfwave.cz“.
За конструирање на првиот вештачки предизвикан бран во Чешка, Јан Маршик побара помош од експерти од целиот свет. Една брана и рампа од дрво и челик треба да го создадат потребниот протек на водата во каналот и да го овозможат сурфањето. И покрај многуте тестирања, новонастанатиот бран понекогаш уште прави проблеми.
„Ако тече премногу вода во каналот, бранот не е перфектен. При премалку вода тој е слаб и не е можно да се сурфа“, вели Маршик.
Во баварскиот град Минхен сурфањето на река со години е омилено. Познатиот бран на Ајсбах, еден ракав од реката Изар, беше пример за чешките конструктори.
Од 2011 година секое лето се сурфа и на минхенскиот аеродром и тоа на најголемиот вештачки создаден бран на светот - според наводите на оние кои раководат со објектот.
„Фантастично е. Се чувствуваш како на море“, вели еден посетител. „Убава идеја е овој сурф-филинг да се донесе во Минхен“, додава друга посетителка.
Својата вештина на штицата тука ја тестираат околу 100 сурфери дневно. Во Чешка се’ уште нема толку голем наплив. Но, проектот веќе има фанови.
„Многу се израдував кога слушнав за каналот оти претходно сурфав во странство и не бев сигурен дали се исплати да ја понесам и штицата во Чешка. Но, кога дознав за овој проект, веднаш решив да ја земам со себе и прво што направив беше да воспоставам контакт со момците овде и да дојдам да го испробам бранот“, вели сурферот Томас Сефрина.
Јан Маршик и неговите соборци вложија многу работа во нивниот бран и сакаат на него да сурфаат се’ додека времето дозволува. Веќе е цврсто испланирано продолжение во наредното лето.