1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Судски процес - кој го собори авионот МХ17?

Михаил Бушујев
9 март 2020

Речиси шест години по соборувањето на патничкиот авион Боинг-777 на Малезија Ерлајнс над источна Украина, започнува судењето на осомничените за нападот. Процесот се одвива во специјален суд кај аеродромот во Амстердам.

https://p.dw.com/p/3Z5FH
Flug MH17
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/P. Dejong

Катастрофата се случи на 17 јули 2014 година. Авионот „Боинг-777“ на Малезија Ерлајнс со број на летот MХ17 кој полета од амстердамскиот аеродром Схипхол кон Куала Лумпур падна во провинцијата Донбас во источна Украина. Никој од 298-те патници и членови на екипажот не преживеа. Според резултатите од истрагата авионот бил соборен, но до денес, никој не ја презеде одговорноста за тоа. Повеќе земји, од кои потекнуваа жртвите, меѓу нив и Холандија и Австралија, побараа меѓународен трибунал за случајот МХ17.

Не е случај за трибунал на ОН

Случајот меѓутоа не стигна пред трибунал на ООН затоа што Русија стави вето на иницијативата во Советот за безбедност. Затоа, холандската влада одлучи да спроведе судење според националниот закон, бидејќи повеќето жртви (193) потекнуваат од Холандија. Судскиот процес го водат судии на надлежниот суд во Хаг. Поради високиот интерес на јавноста, судењето ќе се одржи во Правниот комплекс Схипхол, во близина на истоимениот аеродром кај Амстердам, од каде впрочем полета соборениот авион. Судскиот процес треба да се емитува и во живо преку интернет.

Пет земји спроведуваат истрага

По катастрофата, петте земји кои беа најпогодени - Холандија, Австралија, Белгија, Малезија и Украина - формираа заеднички тим за истраги- ЈИТ.  Инспекторите утврдиле дека во 16.20 часот по локално време Боингот-777 бил погоден од противавионска ракета Бук произведена во Советскиот Сојуз. Таа била испукана од оној дел на украинската провинција Донбас, кој беше под контрола на проруските сепаратисти. Ракетниот систем Бук пристигнал таму од Русија и бил вратен во Русија набргу потоа, велат истражителите на ЈИТ.

Karte Route des Fluges MH17 bis zum Absturz Englisch

Повеќе:

-Нови докази: авионот МХ17 бил соборен од руска ракета

-Руска блокада за МХ17-ОН заглавени во егоистичната политика на интереси

-Што се случи со летот МХ17-факти и шпекулации

Резултатите од истрагата се засноваат на изјави на сведоци кои наводно ја виделе ракетата, остатоците од авионот и ракетата Бук, сателитски слики и податоци од радарот, како и фотографии и видеа од транспортот на рускиот ракетен систем до локацијата во Донбас од која била испукана ракетата. Покрај тоа, има снимки од телефонските разговори на осомничените, кои ЈИТ делумно ги објави. Пред судењето, главниот истражител на Холандија, Фред Вестербеке, изрази уверување дека учеството на Русија во трагедијата е докажано.

Главни обвинети

Меѓународните истражители досега ги објавија имињата на четворицата главни обвинети. Тројца се Руси: Игор Гиркин ,  поранешниот „министер за одбрана“ на самопрогласената „Народна Република Доњецк“, генерал-мајор Сергеј Дубински, полковник Олег Пулатов. Четвртиот обвинет е Украинецот Леонид Харченко (прекар на Мол). Сите четворица отфрлаат каква било одговорност за падот на авионот.

Покрај тоа, истражителите  го сомничат и Владимир Земах, поранешниот командант на сепаратистичката единица за противвоздушна одбрана во источно-украинската Снижна. Истражителуте експлицитно велат дека не се исклучени дополнителни обвиненија, но досега е е покренато обвинение ни против Земах ниту против некое друго лице досега. Тоа би можел да биде екипажот на ракетен систем Бук, кој не го носи името, како и капетанот на руската 53-та бригада за противвоздушна одбрана, кој командувашл со тој екипаж.

Малку е веројатно дека некој од обвинетите ќе се појави во судницата. Русија не ги екстрадира своите граѓани, а украинецот Харченко веројатно исто така добил руско државјанство. Но, ако обвинетите сепак бидат подготвени да дадат искази, тие ќе можат да го сторат тоа преку видео-врска.

Проруските сепаратисти го собориле авионот МХ17

Политички чувствително и и тоа што еден висок функционер на руската влада се наоѓа во фокусот на истрагите: Владислав Сурков, поранешен советник на рускиот претседател Владимир Путин, кој неодамна поднесе оставка. Сурков беше неофицијално одговорен за курсот на Кремљ кон Украина. Во 2019 година, истражниот тим на ЈИТ објави бројни снимени телефонски разговори кои, според гледиштето на истражителите, биле поврзани со уривањето на авионот МХ17. Еден од оние чии разговори беа следени и објавени беше Сурков.

Ставот на Русија

Соборувањето на цивилен авион над истокот на Украина доведе до остри санкции на САД и ЕУ кон Русија во летото 2014 година. Веднаш се појавија сомнежи за вмешаност на Русија. Поточно, сепаратистите поддржани од Москва првично го прославуваа соборувањето на авионо, мислејќи дека станува збор за украински воен авион.

Следниот ден, рускиот претседател Путин ја обвини Украина за катастрофата, велејќи дека не го затворила воздушниот простор за да ја спречи трагедијата. До денес, Русија отфрла какво било учество во катастрофата на авионот МХ17. Но, однесувањето на Русија и нејзината информативна политика се променија со текот на времето.

Ostukraine MH17 Flugzeugtrümmer
Фотографија: DW/K. Logan

Прво, руските државни медиуми ширеа повеќе контроверзни верзии за тоа како може да бил соборен авионот. На крајот на 2019 година, директорот на една од најголемите телевизиски станици, Константин Ернст, призна дека неговата станица направила грешка. И производителот на противвоздушниот систем Бук, рускиот концерн Алмас-Антеи, наводно спровел сопствена истрага и соопшти дека ракетата била истрелана од област под контрола Киев. Москва не ги признава резултатите од истрагата на ЈИТ.

Но, во февруари 2020 година беше објавено дека Русија им понудила на Холандија тројцата обвинети Руси да ги изведе пред суд во Русија. Холандските власти го отфрлија ова.