Судирот на Путин со историјата
18 март 2022Руската агресија врз Украина ѝ служи на Москва за да се потврди како империја. За Путин и голем дел од руската популација тоа е прашање на живот или смрт. Ако не е империја, тогаш Русија нема причина за постоење, го губи својот „raison d'être".
Бурната историја, огромната територија, цивилизациската, културната и етничката самосвест на Русите ѝ забрануваат на Русија да спадне на ниво на обична држава-нација, судбина која им преостанува на европските држави во нивната функција на американски сателити.
Таа состојба или судбина на Русија и на рускиот дух е определена уште од далечната 1552 година, кога Иван Грозни ќе го освои Казанскиот ханат, така присвојувајќи ги териториите каде доминира исламскиот и монголски печат, толку далечни и различни од православието и од корените на Словените и Варјазите уште од времето на Киевскиот Рус. Царска Русија се конституира суштински како мултиетничка држава, за потоа да се ресетира и ремодулира низ историскиот и идеолошки исклучок за руската историја каков што беа социјализмот и СССР. Денешна Русија е двојно осакатена и ампутирана од искуството со СССР. Прво поради изгубениот империјален континуитет, а потоа и како поразена од Студената војна во 1991 година и самоубиството на СССР. Таа криза дополнително се влошува или раната повторно е отворена во 2014 година, поради обидот на Украина да изврши бегство кон Европа и Западот, оставајќи ја Москва без оригиналната и основачка „Тера Мадре“.
Тоа е мотивот и идејата на Путин. За таа цел и за да не замине во историјата како Царот кој дефинитивно ја загубил Империјата и Украина, Путин започна војна чија цел е директно или индиректно да ја контролира Украина родена од Октомвриската револуција. Во тој процес Путин сака да задоволи и да освои една симболична и една стратешка победа. Освојувањето на Киев, лулката на Рус, е симболичната награда. Контролата преку Одеса на целиот украински брег на Црното Море, спојувањето на Крим со Донбас е стратешката цел на империјалниот проект Нова Русија. На тој начин Русија на Запад би се споила со Транснистрија во Молдавија, додека на потегот север-југ со контрола врз оската Калининград-Одеса, би ја затворила европската линија за НАТО и Западот. Со тоа во Европа би била спуштена една нова Железна завеса, додека Путин би ги вратил дома сите Руси – а тоа се за него и Украинците – во рамките на Рускиот Свет, чии граници би останале и понатаму непрецизирани и подложни на идни промени. Само тоа би ја задоволила империјалната амбиција на Русија и би воспоставила еден вид „Pax Russica“ во Евроазија. Само така Русија би ја повратила својата позиција и својата мисија на светска суперсила од еднаков ранг со Америка и Кина.
Промашена проценка на Путин
Проблемот со оваа идеја или план на Путин е што претставува своевидна историска фрактура и контрадикција. Една од причините за тоа е што проектот на Путин е анахрон и автархичен во еден глобализиран свет, тој е антидемократски и во историска смисла погрешен, затоа што западната демократија веќе пред 30 години го победи и социјализмот и авторитарноста на СССР. Потоа, проблемот е што Русија е ампутирана сила во однос на еден СССР, која економски, финансиски, па и демографски не може да ја оправда или издржи својата империјална амбиција и натпреварот со САД и Кина.
Но, главниот проблем за Русија и за Путин е што денеска сме сведоци на еден бунт на поразениот во историјата. Путин се прави недоквакан пред таа историска очигледност, па веројатно и затоа изнесува толкави фрустрации кон СССР, што е по малку апсурдно затоа што токму распадот на Советите и турбулентните години на Елцин го донесоа на власт. Така Путин станува и историски селективен. Крив му е Ленин за Украина, што е тотална историска невистина и ревизија, добар му е Сталин зошто прави асоцијација со Големата патриотска војна, не му фали комунизмот, ниту српот или чеканот, но му фали и му треба советската проекција на моќ, инглобирачката моќ која Москва ја имаше за време на Студената војна, кога беше преставник на речиси половина од светот, во својот долг и биполарен судир со Западот.
Путин не сонува за реконструиран СССР, туку напротив - го разбира како еврејско-комунистичка девијација на Русија од нејзиниот империјален мандат. Во исто време го почитува фактот дека падот на СССР го руши и подрива историскиот авторитет на Русија и дека покрај тоа што наследува земја територијално ампутирана од сателитите кои ѝ служеа како воена бафер-зона, го губи и престижот и капацитетот за влијание на светски план, декласирајќи ја Русија од империјален субјект во регионална национална сила. Меѓу нештата што Русија ги губи, а Путин очајно сака да го поврати, е и меката моќ, како и фактот дека СССР претставуваше идеолошка инкарнација на еден поинаков модел на општество од оној на Западот. Затоа Путин денес ја употребува авторитарноста и апсолутизмот не само за воспоставување и одржување на домашна контрола, туку ги користи и како вредносна парадигма или антитеза на западната демократија и вредносен систем. Позната е неговата теза дека е дојден крајот на либералната демократија и дека токму од таквото уредување извира слабоста на Западот.
Се разбира, таа проценка на Путин се покажа како големо промашување. Западот во само неколку недели се покажа како многу силен и стабилен, додека Русија е воено заглавена, политички неугледна, економско-финансиски изолирана и блокирана.
Двојна историска фрактура
Огромен дел од Путиновиот судир со историјата и Западот произлегува од иманентно руските фрустрации. Путин, како и многу Руси, ги носи во себе сите трагични контрадикции на руската историја во последните 70 години. Роден и израснат со генерацијата која го наследи митот на големата патриотска војна, пораснат и афирмиран во време на империјален натпревар со САД и конечно остарен и изморен со фрустрацијата од поразот во Студената војна. Тоа што Путин го одржува сѐ уште некако на власт и покрај оваа во суштина антируска војна, е фактот што тие сентименти на фрустрација постојат кај голем дел од популацијата. На Русите им недоставува слобода и да бидат слободни граѓани во своето општество, но делува дека повеќе им недостасува таа поширока и универзална димензија на руската природа и дух, им недостасува империјалната димензија на нивниот национален карактер.
- повеќе од авторот: Путин ја добива битката, но најверојатно ќе ја загуби војната!
Русија и Путин не ја прифаќаат редимензионираната и декласирана позиција на својата земја како последица на историските текови и глобалниот светски поредок. Путин не ја прифаќа ни западната перцепција за денешна Русија која е деградирана во регионална сила под услов ако сака да партиципира во глобалниот свет и поредок. Излегува дека Русија тоа не го сака, дека ќе ризикува да го промени текот на историјата и да излезе од светскиот поредок со цел да достигне или поврати една пограндиозна димензија, која би се базирала на политичка опозиција кон западната хегемонија. Од тие причини, Русија се поставува како конкурент на американсата супремација, како алтернатива на западниот поредок, како културна опозиција на демократските вредности. Цената на оваа реставрација е голема, Русија мора да војува за својот повисок ранг меѓу светските сили, мора повторно да се оддалечи од Европа, иако во неа ѝ живее 2/3 од популацијата, мора сама да се осуди на изолација од глобалниот свет и светските правила на игра, само со цел да си измисли нова империјална проекција.
- повеќе од авторот: Владетелот мора да биде здрав
Во таа смисла Путин прави двојна историска фрактура. Забрзувајќи ја историјата се обидува да поврати една старо-нова империјална димензија, која сѐ уште не постои. Со војната и оддалечувањето од Европа, како и со изнасиленото ривалство со САД и Западот, излегува или се исклучува од историјата, од заедничкото читање на европската и светска историја, и, скршнувајќи од тој пат, ја негира реалноста и ја заменува со митолошки претстави за минатото кои ги злоупотребува и ги извештачува со цел да ги употреби во денешнината.
Идентитетската конструкција на Путин
За Путин тоа да го постигне мора да ја урне актуелната светска рамнотежа, да ја наруши европската безбедносна рамка, да ги погази принципите и договорите за европскиот мировен соживот донесени во Јалта пред речиси 80 години. Потоа мора да наметне силен митолошко-ревизионистички наплив, да ги разбуди идеолошките и мистичните оправдувања за враќање на руската милениумска доминација, почнувајќи од Киевскиот Рус, преку митот за Третиот Рим, за победите над монголскиот Кан, до големината на Царска Русија макар и на кратко заменета од комунистичкото Политбиро.
- повеќе од авторот: Трите војни на Путин
Путин креира една идентитетска конструкција тргнувајќи од основниот словенски нуклеус, од идентитетот кој се генерира преку светата унија Русија-Белорусија-Украина. Но, тоа што тешко го разбира е дека Украина помеѓу роб во (се)руската Империја, избира да биде граѓанин во западната демократија. И тука Украинците прават своевидна фрактура со европската историја со цел да го одбранат својот суверенитет и слобода. Се борат! Изненадувачки добро се борат против десеткратно посилен противник, наметнувајќи се како исклучок во европската историја кога во прашање е напад од деспотска држава кон помала независна држава. Најчесто, дали бил Хитлер или Сталин, помалите држави паѓале како круши пред напливот, агресијата и притисокот од посилниот.