1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Судир на десницата: Апасиев против ВМРО-ДПМНЕ

20 февруари 2021

Како класичен опортунист, а не вистински политичар, Апасиев го почувствува мекото ткиво на неговите „постари опозициски браќа“ и таму ја виде можноста да се пробие. Десното пространство е огромно поле за него.

https://p.dw.com/p/3pd6p
Nordmazedonien Parteizentrale der VMRO-DPMNE in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Насловот на текстот за многумина може да изгледа претенциозен, па дури и неточен. Еден човек против толку голема, дури мастодонтска партија. Но во основа е фактички, зашто Левица (таква е само според името и некои маргинални постулати) во граѓанството се идентификува само со еден човек – Димитар Апасиев. Граѓанството, освен што во меѓувреме го запозна и вториот пратеник на партијата, Борислав Крмов, нема речиси никакви информации како функционира Левица, кои се нејзините органи, каде ѝ е седиштето, како ги гради своите идеолошки платформи. Партијата, едноставно, како да функционира како група во илегала. Така се чувствува комотно. Но мрежата што ја има инсталирано на социјалните медиуми е за респект. Таа наизглед невидлива мрежа е катапултот што го исфрла Димитар Апасиев на собраниската говорница.

Од таму тој обвинува, се заканува, прововоцира, сѐ под плаштот на наводно научно фундирано ораторство. Обвинувањата и заканите не се ништо ново во македонската политика – од нив јавноста е отруена последниве дваесетина години и обрнува сѐ помалку внимание на таа изветвена реторика. Она што го прави Апасиев различен е што истите тие работи ги кажува на поинаков начин, речиси аполитички, често на линијата на навреди (Никола Димитров, вознемирен од неговиот говор за време на неодамнешната интерпелација го нарече „и обвинител и инквизитор“). Можеби во тоа има систем, а можеби е поттик од моментната агенда. Кој ли би знаел.

Кога оваа втора Левица се појави на политичкиот ринг, имаше некаков општ заклучок без вистински факти, дека тоа е некакво замаскирано чедо на вмровците за да ја ослабат крајната левичарска база на СДСМ. Левица навистина го оневозможи СДСМ да добие уште еден мандат само за неколку стотици гласа во Третата изборна единица и сега се покажува колку многу значи тој пратеник во обезбедување постабилно мнозинство. Можеби и било така. Но таа приказна сега е свртена кон другото пространство – десничарскиот спектар од умерени конзервативци до посветени националисти. Таму Левица и Димитар Апасиев се чувствуваат покомфорно отколку во левото поле. И ете го проблемот за ВМРО-ДПМНЕ.

Десничарската супстанца

Главниот уредник на Телма, Атанас Кировски, при толкувањето на резултатите на нивната декемвриска анкета, поттикнат од грубите навреди и квалификации што Апасиев во Собранието ги искажа за него и за телевизијата, објаснуваше дека Левица е еден вид македонска варијанта на неофашистичката грчка партија Златна зора. Левица можеби е крајно радикална, но не е неофашистичка. Во овој момент таа најмногу наликува на крајните десничари во подем во Шпанија, партијата Вокс. Професорот Апасиев нема многу сличности со нејзиниот лидер Сантијаго Абаскал, но нивните различни пораки одѕвонуваат слично кај десничарскиот електорат. Минатонеделните исклучително важни избори во Каталонија го отсликуваат она што би можело да се случи во Македонија во некој нареден период. Изборите ги доби каталонската филијала на владејачката социјалистичка партија, но блокот на сепаратистите има мнозинство во регионалниот парламент. Вокс, која прв пат учествуваше на регионалните избори во Каталонија се проби на четвртото место уништувајќи ги ривалите од десницата: традиционалната Народна партија и центристите од Сиудаданос, кои последниве година- две скршнаа многу подесно и го упропастија своето место на политичка сцена. Вокс ги измеша картите на десничарското поле со нивниот радикализам и традиционалните партии немаат адекватен одговор. Народната партија, која соработуваше една година со Вокс, пред два-три месеци ја искина таа врска бидејќи ѝ ја подјадуваше супстанцата и доживеа понижувачки пораз.

Nordmazedonien | Opposition Linke Partei | Dimitar Apasiev
Димитар Апасиев ѝ пркоси на самопромовираната аура на ВМРО-ДПМНЕ како главен заштитник на македонскиот народ Фотографија: DW/P. Stojanovski

Туѓите политички сцени не можат да се пренесат во други земји, но ВМРО-ДПМНЕ сега е во фаза на вистинска загриженост дали Левица може да ја подјаде нејзината супстанца. Јавните напади против Апасиев (без оглед што се заедно во опозицискиот блок во Собранието) започнаа интензивно по анкетата на Телма и МЦМС во декември, кога се испостави дека Левица има поддршка од 6,2 отсто од анкетираните, а ВМРО-ДПМНЕ 18,1. Тоа е голема разлика, ама поддршката за Левица расте. Но при мерењето на довербата кон политичарите податоците беа шокантни за вмровското раководство – Христијан Мицкоски доби поддршка од 28,3 отсто, а Димитар Апасиев е пред него со 29,7 проценти. Далеку над нив е Зоран Заев со 39,7 отсто. Од сите тројца најголема недоверба има кон Мицкоски, па Апасиев, а на трето место е Заев.

Мицкоски уште пред тоа се обиде да ја стави Левица во некаков колосек на вмровските партиски шини, па во едно чудно јавно признание соопшти дека тоа не му успева, дека Апасиев не е многу загрижен за неговите грижи. Во интервју за порталот „Инфомакс“ тој го кажа ова за Апасиев: „Го побарав да се видиме, каде сака, кај нас, на јавно место, кај нив, каде сака кафе да испиеме. Ми рече дека не може, дека е зафатен со подготвување амандмани за онлајн седницата. Другиот ден го видов како пие кафе со Стојанче Ангелов. За мене немаше време, јас сум ВМРО-ДПМНЕ, ние имаме 44, а тој има два пратеника. Еве до ден-денес чекам, ми рече - ќе те побарам. Од тогаш помина месец и пол, ме нема побарано. Еве, повторно во вашата емисија го реактивирам моето барање“.

Ова се зборови кои наликуваат на човек кој бара од натрапникот со некакви молби да излезе од неговото ловиште, кое го вардат илјадници чувари. Никола Тодоров во колумна за Дојче веле се обидува да најде одговор зошто Левица се најде во вмровското ловиште, но и тој како луѓето од кругот на Мицкоски на одреден начин вината ја бара на погрешно место, кај Заев. „Некои анализи покажуваат дека од секои 100 нови гласа за Левица, 80 доаѓаат од гласачкото тело на ВМРО. За ова да се случи Заев направи прилично итар политички потег и ги насочи ВМРО и Левица едни против други. Мицкоски, онака неискусен и површен, ја лапна јадицата, па сега се тепа со Левица за утешното второ место на македонската политичка сцена“.

За негова жал, а и на оние околу Мицкоски, тие не можат да ја прочитаат вистината што се гледа. Апасиев е доволно итар, без некој да го советува, за да види дека полето за негов вистински успех е десното пространство, кое сега е поделено на многу парчиња. Блаже Аризанов, познатиот претприемач и автор, кој направи неверојатен успех со старт-ап компанија во Индија, во колумна за „Независен“ пред изборите минатиот јули на многу интересен начин го опиша успехот на Левица.

Други колумни од авторот:

До портите на Европа и околу нив

Хибридни полиња

Подарокот од Трамп за Вилма Русковска

Студена војна меѓу Бугарија и Македонија

„За одредени делови се затуцани ко тапа, а за други неверојатно способни. Еднаш присуствував на нивно отворање на локален комитет. Нивното членство – претежно боеми и маалски филозофи. Апасиев засега е лицето на партијата. Добро на краток рок, но неповолно на долг рок. Системот треба да биде силната компонента на партијата, не лидерот, султанот. Левица нема систем. Левица буквално импровизира секој божји ден, учат он тхе спот. Левица се ултимативниот политички старт-ап.
Кампањските пораки на Левица се апсурдни. Сѐ што ветува оваа партија е земање. Земање од овој, земање од оној. Не е ни чудо што се херои на ‘вечно обесправените индивидуи', а такви има многу кај нас. Но, тука е генијот. Функционира. Нивните пораки резонираат, заедно со целокупниот нивен герилски пристап. Личниот Фејсбук профил на Апасиев се носи рамо со рамо со спонзорираните Фејсбук страни на Заев и Мицкоски. Јазикот на Левица е пркослив, народен, лесно се поврзува со народот. Немаат многу. Се служат со што ќе најдат.
Левица е едноставно надвор од матрицата, ги крши сите традиционални правила и го прави тоа да изгледа толку лесно. Официјалниот предизборен спот на Левица набилда 100.000 прегледи во првите 30 часа, повеќе од изборните спотови на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Во видеото главна старлета е повторно Апасиев. Се служи со брилијантен избор на зборови и фрази што се лесно меморабилни и лепливи – деца на транзицијата. Сиромашни. Неподмитливи. Левица се гордее со својата сиромаштија, ја истакнува на преден план како главен бренд адут“.

ВМРО-ДПМНЕ како спотер

Оваа малку подолга експликација ја покажува суштината на партијата. Апасиев ѝ пркоси на самопромовираната аура на ВМРО-ДПМНЕ како главен заштитник на македонскиот народ, во времето кога сите други се предавници, а најмногу СДСМ. Во сегашната дебата за ставањето на етничката припадност во личните карти Левица поднесе 1.200 амандмани за да го спречи овој закон и повторно зачекори во вмровското поле, каде Христијан Мицкоски се врти во круг. За да ѝ се допадне на Беса, а таа можеби да излезе од владината коалиција, Мицкоски се согласува со предлогот. „Јас сакам во мојата лична карта да стои мојата нација, македонската, бидејќи јас сум Македонец и сакам да се идентификувам како Македонец и навистина тука не гледам ништо лошо“. А во исто време бара на личните карти да не стоел називот на државата Република Северна Македонија. И знае ли некој како да го протолкува овој став. Се разбира дека – не.

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо Поповски, автор на текстотФотографија: Petr Stojanovski

Околу ова Апасиев беше брутален кон Мицкоски во објава на Фејсбук: „Ајде нека му објасни некој на професорот што магистрирал, докторирал и се вработил кај татко му на Машински, дека внесувањето етничка припадност во личните карти е дел од Тиранската платформа и завршна фаза од проектот за комплетна демакедонизација на Републиката. Изедначувањето на македонскиот народ, кој преку вооружена антифашистичка војна дошол до своја (а не туѓа) држава, со обична ‘етничка заедница' е чекор назад во стекнатите историски колективни права на Македонците. Тоа е чекор плус кон идна федерализација и поделба на државата, затоа што со тоа ѝ се одзема државотворниот конститутивен статус на нашата нација и се сведува на една од многуте ‘заедници' кои живеат на оваа територија".

Кои пораки подобро комуницираат со десничарската изборно граѓанство – онаа на Мицкоски дека тој бил Македонец и сакал така да се идентификува во личната карта, или онаа на Апасиев дека тоа било проект за „комплетна демакедонизација на Републиката“. Јасно им е на луѓето од вмровското раководство дека партијата лута во идеолошката ориентација, нема концепт, туку единствено ја води самоубиствена желба што е можно побрзо да се врати на власт (бидејќи без власт тие како да не знаат да функционираат). Па во ова лутање како во некоја маѓепсана шума, прво што паѓа на ум е да се обвини Заев. И новиот благонадежен и многу активен пратеник Бране Петрушевски веднаш ја нарече Левица „втори слуги на Заев". Плус дека со амандманите Левица е активна во спроведување на антимакедонските политики на Заев.

Во ВМРО никако да разберат, а поминаа веќе шест месеци, дека Димитар Апасиев нив ќе ги искористи како спотер во билдањето на поддршката за Левица. Кога нејзините двајца пратеници влегоа за прв пат во парламентот Апасиев изјави дека тие сега влегле и нема никогаш да си отидат оттаму. По изборите тоа изгледаше премногу претенциозно. Но како класичен опортунист, а не вистински политичар, тој можеше да го почувствува мекото ткиво на неговите „постари опозициски браќа“ и таму ја виде можноста да се пробие. Тој нема скрупули да го направи тоа во опозицијата, затоа што мисли дека ако не дејствува прв, последиците ќе можат да тропнат на врата кај него.

ВМРО-ДПМНЕ се бори со идентитетска криза затоа што таму нема идеолози туку трагачи по одмазда и власт. А тогаш се прават најмногу грешки. Човекот-партија, Димитар Апасиев, и неговата десничарска и радикална армија што полека се зголемува од ден на ден, ги остава без сон луѓето во белата палата. Не дека Левица може да стане лидер во десницата, туку дека ќе почне да откинува толку многу гласови што победата на ВМРО-ДПМНЕ на неколкуте наредни избори ќе биде речиси невозможна.

 

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар