Субрата Рој ќе го рекламира низ светот комплексот во Охрид
24 јануари 2013„Дојдов во Охрид да ја потврдам намерата на мојата компанија ’Сахара Индија Паривар’ за изградба на суперлуксузниот туристички комплекс на брегот на Охридското Езеро. Мојата компанија не гради мали проекти, туку големи како што ќе биде и овој комплекс“, изјави индискиот бизнисмен за време на денешната посета на Охрид.
„Целиот проект пред се’ е инициран од аспект на бизнис. Нашите заложби не се тоа да биде некој просечен туристички комплекс, туку една дестинација меѓу најдобрите пет до десет од таа област од целиот свет“, рече Рој кој од вчера престојува во Македонија.
Тој рече и дека комплексот се рекламира глобално како планетарна туристичка дестинација. Конечната цена и изглед на проектот ќе се знаат откако тој ќе биде завршен.
За време на денешната обиколка на локациите во Љубаништа, каде ќе се гради проектот, индискиот бизнисмен беше придужуван од вицепремиерот Зоран Ставрески. Тој информираше дека е формиран државен експертски тим, составен од повеќе претставници на државни институции, кои заедно со тимот на „Сахара Индија Паривар“ ќе работаат на сите прашања за реализација на проектот. Посебен акцент ќе бил ставен на заштитата на животната средина. Ставрески уште истакна дека по финализирањето на проектот ќе биде направена проценка во врска со имотно- правните прашања на просторот каде е предвидена изградбата и дека сите сопственици на имоти ќе бидат обештетени согласно позитивните законски прописи.
Субрата Рој потврди дека неговата компанија стана сопственик на хотелот „Славија Спектар“, кој ќе се користи за опслужување на екипите кои ќе работаат на проектот. Тој, како и при претходната посета на Македонија, изрази воодушевување од климата, од луѓето и повторно тоа го наведе како дел од причините поради кои решил да инвестира.
Комплексот е лоциран на крајбрежјето на Охридско Езеро кај Љубаниште. Ќе содржи објекти за рекреација, одмор, терени за голф, спа центри, марина-хотели, објекти за забава, казино на вода итн. Проектот „Сахаријан Македонија“ е проектиран од една од најпознатите светски британски архитектонски компании „Аткинс“ и архитектот Том Врајд кој го има проектирано и грандиозниот и најпознат хотел Буџ Ал Араб во Дубаи, единствен хотел со 7 ѕвезди во светот. Исто така, тие се дизајнери на еден од најлуксузниот и најголем патнички брод во светот - Oasis of the Seas. Имаат дизајнирано луксузни објекти во Русија, Обединетите Арапски Емирати, Сејшелските острови, Индија, Тајланд, Кипар, Индонезија, и многу други земји.
„Планираат во Охрид да има специфичен пловечки хотел со казино, пристаниште, голф терен на многу високо ниво, спа центар, вили кои ќе бидат дадени на продажба. Предложени се хотелски сместувања, конференциски сали, шопинг центри и друго. Предвидуваат и неколку оргинални и ексклузивни содржини за кои можеме да напоменеме дека ќе ги има само во овој комплекс, односно на Охридското Езеро и никаде на друго место во светот“, информираа од Министерството за финансии.
Инвестицијата од Субрата Рој, посочуваат, ќе ја продолжи туристичката сезона во Охридскиот регион да биде 365 дена во годината, ќе креира и илјадници работни места и ќе го поттикне градежништвото и други индустриски дејности во земјава.
За време на посетата Субрата Рој ќе разгледа и други инвестициски можности во земјата во областа на земјоделството, туризмот и други економски сектори. При престојот во Македонија пред Субрата Рој ќе бидат претставени можностите за инвестирање и во областа на земјоделството, туризмот и други економски сектори.
Во рамки на посетата претседателот на индиската компанија „Сахара Индија Паривар“ ќе престојува и во Скопје и Охрид.