1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Студентите веќе не можат без интернет!

27 февруари 2011

Се’ повеќе се наметнува потребата за вмрежување на факултетите и библиотеките. Онлајн платформите, електронските книги и материјалите за учење му го олеснуваат на секој студент образовниот процес.

https://p.dw.com/p/10Pdi
Библиотека со интернет во универзитет во покраината Баден ВиртембергФотографија: picture-alliance/dpa

„Без интернет, студирањето за мене нема да биде можно. На почетокот на семестарот онлајн го определувам распоредот на предавањата. За време на семестарот доцентите онлајн ги објавуваат нивните скрипти, преку платформата на универзитетот т.н. ’и- кампус’. Во основа се’ се одвива преку интернет.“

Јулија студира на Природнонаучниот факултет при универзитетот во Бон, на катедрата за исхрана. Живот без интернет за нејзе е нешто непознато. Таа најголемиот дел од студирањето го организира преку тастатурата. Олеснителна околност е елекронската мрежа на универзитетот во Бон, така што студентите не се среќаваат само во предавалните, туку и на „и-кампусот“. Секој студент може да се логира на електронската платформа, да ги испечати актуелните формулари и да контактира со останатите колеги. Порано студирањето беше поинакво. Харалд Зајц во 90-тите години студираше на факултетот на кој студира Јулија, период кога интернетот беше во почетната фаза:

„Тогаш бевме многу среќни, што универзитетот, како една од првите институции понуди програма за и-мејл. Имаше три или четири работни места со интернет приклучок, каде мoжеше да добиеме сопствена и-мејл адреса. Таа имаше необично име. Мојата почнуваше со буквите УЦР6Х, па потоа следуваа други букви и бројки. Тогаш бев еден од пет до десетте проценти студенти, така наречени бубалици, кои навистина го направија тоа.“

Schule und Bildung
Фотографија: Fotolia/Franz Pfluegl

Денес, на факултет не се може ништо без и-мејл адреса. Пријавување за семинари, пристап до универизитетскиот безжичен приклучок, изнајмување на книги - се’ се одвива преку интернет. Универзитетската библиотека во Бон минатата година регистираше близу четири милиони пребарувања во нејзиниот онлајн каталог. Порано беше поинаку, во библиотеките постоеjа каталози со картички, а на студентите им требаше многу време и трпение додека ја најдат книгата што ја бараат. Клер Петифур е библиотекарка во Универзитетската библиотека во Бон. Таа ги пренесува податоците од старата картотека во онлајн-системот на библиотеката.

„Студентот порано мораше да знае како се сортирани моите картички за да најде што бара. Ако е даден авторот, мораше да се знае името на авторот и како тоа точно се пишува. Денес пребарувањето е многу поедноставено.“

Друга новина се софтверските програми за студентите. Швајцарската програма „Цитави“ на пример помага во пребарувањето на литература и ги организира насобраните информации. Сосем едноставно со оваа програма може да се добие и преглед за собраната литература и да се меморираат важни цитати, без голем ангажман. Програмите се прилагодени на потребите на студентите. Така на пример програмот „Цитави“ го користат претежно студентите кои студираат некоја општествена наука, додека кај природнонаучниците омилена е програмата „енд ноут“. Студентката по германистика Каролин за нејзиниот магистерски труд ја корисити програмата „Цитави“.

„Сето тоа да се прави електронски, прво беше необично, но се нудат курсеви, и јас тоа го искористив. Програмата ми помогна да направам структура во мојот труд.“

Computer- und Internetnutzung beruflich und privat
Фотографија: picture-alliance/ZB

Меѓутоа и покрај предностите, Каролин е убедена дека младите не треба да станат зависници од интернетот:

„Успеав без телевизија и се тестирав и издржав три месеци и без интернет. Вообичаено сме постојано онлајн, меѓутоа животот тече и без интеренет. Со интернет се разбира е поедноставно.“

Модерните студенти покрај интерните мрежи на факултетот ги користат и социјалните мрежи, како Фејсбук или неговиот германски пандан Штуди-фау-цет. Во студенските групи се споредуваат изработените задачи и се разменуваат информации. Меѓутоа размената на знаење преку интернет е и рискантна. Клер Петифур предупредува од тоа на интернет да се пребаруваат научни информации:

„Мислам дека трендот оди во таа насока, едноставно да се пребарува преку Гугл, меѓутоа тоа е погрешно. Мора да се спроведат темелни истражувања, претходно да се размисли, кои поими имаат смисла и на кој начин најдобро ќе се најдат информации, кои ми се потребни. Многумина ова веќе го имаат заборавено.“

Автор: Нина Торјде/ Александра Трајковска

Редактор: Симе Недевски