Почнаа 59. „Струшки вечери на поезијата“
29 август 2020Во Струга светската престолнина на поезијата ништо не е како порано. Холот на хотелот „Дрим“ е без поетите од странство а вчера и денеска прегратки нема. Стравот од короната го направи своето. Се почитуваат сите протоколи: држење дистанца, носење маски, хигиена...Терасата на хотелот го „глуми“ просторот пред Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ каде со децении се отвораше фестивалот. Тука три дена ќе се одржат сите поетските читања, претставувања, доделувања на наградите...
Струга создаде точка на поезијата на безбедно растојание
Директорот на СВП Тодорче Тасески отворајќи ги вечерите не случајно рече: „Поетот со својата дарба ги преобразува зборовите во орудие на убавината. Затоа, подготвени сме со моќта на технологијата да ја совладаме оддалеченоста и таа да ни ги приближи поетите што деновиве се спречени да бидат со нас.“
СВП создадоа и точка на поезијата која симболично ги поврзува близу 40 македонски поетите од сите генерации со нивните колеги распослани по светот во речта со која се стремат планетата Земја да ја направат подобро место за сите.Преполно со метафори видеото според сценаристот Јаков Попоски ја носи следната порака: „Просторот, растојанието меѓу нас е она што знаеме дека денес нѐ чува безбедни. Но истовремено нѐ лишува и од допирот како насушна потреба за блискост. Токму затоа, тој простор ќе го исполниме со поезија, која ќе допре до секого, која ќе нѐ допре сите. Просторот, кој ги надминува македонските јазични граници, заземајќи ја англиската форма space, преминува во вселена, во космос, каде гравитацијата небеските тела ги држи во совршен ред и растојание. Во нашиот простор, таа невидлива сила е поезијата како мост помеѓу Убавината и Смислата што нѐ поврзува како човештво додека стоиме на строго определени и безбедни растојанија."
Богомил Ѓузел, еден од основачката плејада творци на Вечерите, во пораката на отворањето потсети: „Песната наjчесто се раѓала на границата помеѓу сонот и јавето. За потем да се запише што побрзо илин одложено да се допише на тврда табла од утринската секојдневна стварност".
Поетска смена на генерациите
Годинава, како и претходните неколку во Струга видлива е поетската смена на генерациите. Писателот и издавач Христо Петрески коментира: „Факт е дека СВП од година во година се подмладуваат и трансформираат. И тоа е добар знак бидејќи се случува творечка и креативна обнова. Нормално, мене лично ми недостасува таа стара гарда поети, бидејќи и јас полека спаѓам во таа категорија автори и луѓе. Некако СВП сега ги чувствувам како некогашната „Млада Струга“. Тие се толку подмладени и си велам: ‘ние повозрасните да ни им пречиме на младите’. Ќе помине време за да се создадат нови имиња, нови бардови, нови автори и авторитети. Не може тоа да се случи преку ноќ. Нормално е да има вакуум – празнина и можеби тоа ќе потрае деценија или две. Во уметноста имиња не се создаваат така лесно“ вели Петрески.
Младиот Митко Гогов, концептуален уметник, поет и граѓански активист го објаснува напливот на младите од кои се очекува од квантитетот да се појави и квалитет: „Секое време си носи свој стил на автори и секое време си пишува сопствена историја. Овој модерен концепт на живеење прави кај нас авторите да се чувствуваме покомотни во таа слободна форма на изразување и глобалниот приод кон темите. Живееме локално, но размислуваме глобално. Ние сме во суштина дигитални поети или дигитални номади. Така, ако си решил да ја споделуваш поезијата на Интернет за неа нема граници. Секој од нас од младите ако не повеќе, но знае најмалку еден странски јазик и така светот е отворен за нас.
Каква поезија се пишуваше и се пишува?
Петрески ја расчисти и дилемата: Има ли разлика во македонската поезија пред три децении и сега на пример? „Има голема разлика . На пример кај старата генерација доминираше себе барањето, татковинското чувство, битот, фолклорот, македонизмот... Многу нешта поврзани со кодот, родот, генот, името... Сега е друго време и во ова време 21 век, не очекувам од младите автори повторно да се враќаат назад. Младите поети се свртени кон модерното, постмодерното, експерименталното или авангардното, во јазикот, зборовите и симболите. Но, не може сѐ да биде песна. Не може менито, на пример, да се третира како журналистичка поезија. Има инфлација од поети и поезија и сѐ се прогласува за поезија, а не е така. Се губи песната на Гане Тодоровски, Матеја Матевски, Анте Поповски, Петре М. Андреевски и на многу други. Тие беа крупни жарје во македонското поетско огниште и не може така лесно да се препокријат, заклучува Петрески.
Мајо Даниловиќ од Белград, Србија е еден од ретките странски гости - присутен во Струга. Тој е координатор на Одделот за словенските земји на Светската академија за поезија со седиште во Верона под покровителство на УНЕСКО и во Струга ја донесе пораката од Светската академија на поезијата чиј генерален секретар е д-р Лаура Троиси. Но тој има своја приказна, сврзана со поетска Струга: „Ова е љубов која трае преку 50 години. Почнав да пишувам многу доцна на 50 години, а и пред тоа СВП за мене беа поим за поезија.Сега тие се познат светски фестивал препознат и од страна на УНЕСКО поради трагите и концептот кои ги остава зад себе, градејќи мостови меѓу луѓето и без предрасуди. Посакував да бидам барем во публиката на една таква респектабилна приредба. Мојот сон се оствари - можете да претпоставите колку ми е мило што на двапати на отворањето и во недела читав и ќе читам свои стихови“.
Видео обраќање на Амир Ор добитникот на „Златниот венец“
Во Струга физички го нема и годинашниот лауреат – добитникот на „Златниот венец“ израелскиот поет Амир Ор, ќе биде специјален гостин на наредното, јубилејно 60. издание на СВП во 2021 година, кога и ќе му биде врачен Златниот венец, заедно со лауреатот за 2021 година.Во специјалното видео обраќање поетот Ор рече: „Оваа награда како ништо друго ме натера да почувствувам дека мојата поезија е примена со слух и срце, како што всушност поезијата го заслужува. Поезијата, воопшто и дава глас на мудроста, убавината, креативноста и имагинацијата на дијалогот помеѓу нас како човечки суштества.“
И на овие СВП нема да изостане возбудата пред да се соопштат наградените поети
Вечерва,сабота ќе се одржи традиционалниот поетски портрет на лауреатот Ор. Денеска ќе биде познаст и добитникот на наградата „Стојан Христов“ за најдобра поетска книга од автори во дијаспората а утре ќе се знае и добитникот на престижната награда „Браќа Миладиновци“.
Андреј Ал Асади влезе во кругот на петте поети потенцијални добитници на наградата со својата стихозбирка „Небесна геометрија“: „Не ми е првпат да сум во неизвесност и исчекување. Во 2018 година бев во потесен избор за оваа награда, но не бев награден. И сега сум возбуден ко тогаш, и се надевам и не очекувам награда. Но да ви кажам дека наградите не е мерило за квалитетот на поезијата. Мислам дека стандардите во тој поглед сега се многу опаднати за ралика пред четири децении на пример. Денеска кај нас младите поети понагласена е индивидуата како битие за себе, дури и при пишувањето. А пристапот седнувам и пишувам како концепт одамна го нема и нема да го има, Идеите се раѓаат при движење и комуникации, од таму ја црпам инспирацијата и ми ласкаат коментарите од обичните читатели кои се препознале во моите јавно споделени песни“.
Годинава во Струга има простор и за слем поетите од земјата и од странство и за „Версополис“ европската поетска платформа која создава нови можности за новите европски поети и е поддржана од програмата за креативна Европа на Европската комисија,а ќе биде доделена и меѓународната наградата „Мостови на Струга“ за најдобра дебитантска книга од млад автор.