Странците летуваат во Охрид, Македонците во соседството
26 јули 2015Додека странците од земјите на Бенелукс, но и од Данска, Полска, Англија, се решаваат одморот да го поминат крај Охридското Езеро, Македонците, барем статистички, ги има помалку во Охрид. За своја дестинација, и покрај кризата, тие најчесто ја одбираат Грција, летуваат во Албанија, Црна Гора или на други хит-дестинации. Градбата на згради, апартмани и вили без концепт ги доведе локалната и централната власт во ситуација тешко да можат да пресметаат колку домашни гости има реално во Охрид. Најчесто новите градби се апартмани за кои не е се знае ниту цената за користење, ниту пак колку луѓе престојувале во нив.
Туристите од земјата на лалињата - предвесници на сезоната
И овој мај, првите туристи од Холандија на аеродромот „Свети Апостол Павле“ традиционално беа пречекани со погача и сол. Според Зоран Крстевски, генерален директор на „ТАВ Македонија“, само на аеродромот во Охрид се очекуваат летови со над триесет илјади туристи од Бенелукс, но и од други дестинации. На почетокот на јуни беше воспоставен лет од Охрид за Лондон, два пати неделно. Од јули, Охрид два пати неделно авионски е поврзан директно со Базел и така ќе биде се’ до 2018 година, а чартер летови функционираат и со Австрија. Менаџерот на туроператорот „Фибула Ер Травел“, Асим Меџедовиќ, годинава очекува 20% повеќе туристи од минатата 2014 година. Открива дека имале засилена промотивна кампања, а работеле и на квалитетот на услугите. „Со новите програми и воведената услуга ол-инклузив во некои од хотелите и вметнување на хотели кои имаат побогати содржини им даваме поголем избор на гостите и туроператорите кои ќе доаѓаат во Македонија. Предвидени се три чартер летови неделно и четири во шпицот на сезоната“, вели Меџедовиќ.
„Од 18 јули воведовме нов, дополнителен, четврти чартер лет Амстердам-Охрид во соработка со туроператорот „Туи“. Со двата чартер авиони од Брисел неделно имаме 6 полетувања и слетувања. Во секој чартер има по 180 патници и со вакво темпо авионите ќе летаат до крајот на октомври“, вели Роберто Велески од туристичката агенција „Охрид Холидејс“. Гостите ги сместуваат на потегот од Охрид до Трпејца.
Кризата во Грција како шанса за добра туристичка жетва во Охрид
Туристичките работници во охридско-струшкиот регион за време на кризата во Куманово беа во блага паника. Дел од аранжманите им беа откажувани, а потоа состојбата се стабилизира, па дури, како што велат, имаат и дополнителни најави и нови аранжмани. Грција е во длабока економска криза, а ние во политичка која секако создава несигурност кај нашите партнери, ни рекоа неколку хотелиери кои сакаа да останат анонимни. Според нив, ќарот од грчката економска и македонската политичка криза можно е да го соберат Црна Гора и Хрватска, а трошките да останат за Македонија.
Роберто Велески, не знае дали овој нов, проширен закуп на субвенционираните сместувачките капацитети е резултат на кризата и нестабилноста во Грција или пак позитивен одек од она што странците го добиваат во Македонија и рекламите и репортажите за Охрид кои се појавија во неколку високо тиражни весници и магазини. „Во секој случај ќе треба да почекаме, анкетите со гостите и нашите длабински анализи да покажат што е причината за зголемениот интерес за Охрид и Струга“, додава Велески. „Општина Охрид континуирано работи врз промоција на туристичките потенцијали и наша цел е да привлечеме што поголем број туристи од странство. И покрај постојаната фама дека Охрид е поскап од градовите крај море, не е така. Градот нуди услуга за сечиј џеб“, вели Ѓоко Апостолов од Секторот за економски развој и туризам .
Локалната и државната статистика уште ги собираат и класифицираат податоците. Но, се знае дека во мај годинава во Македонија бројот на туристите во однос на мај 2014 година е зголемен за 7,4%, а бројот на ноќевањата е намален за 0,1%. Бројот на домашните туристи во мај 2015 година, во однос на мај 2014 година, е намален за 2,8%, а бројот на странските туристи е зголемен за 12,6%. Случувањата во Грција можат условно речено во Охрид да ги вратат домашните гости. Со брза реакција и дополнителна кампања на таков чекор, наместо на грчките плажи, да летуваат на македонското слатководно море сигурно би се одлучиле и туристи од Србија, Косово и Бугарија. Гостите кои ги контактираше ДВ сакаат само квалитетна услуга, храна и љубезни домаќини. Кога се во прашање Холанѓани, ги има оние кои доаѓаат првпат, а некои дури и по петнаесетти пат, обновувајќи ја семејната традиција да се летува во Охрид.
Можни ли се субвенции за домашните гости?!
Очигледно е дека субвенционираните летови и сместување за странците дава добри резултати на кус рок и колку-толку ја раздвижува вкупната економија. Заработката на хотелиерите не е голема, но чувствуваат одредена сигурност дека со закупот на капацитетот ќе имаат одреден, сигурен приход. На современите македонски номади како утеха им се низата ниско буџетни компании, кои им нудат евтини летови најчесто од Скопје ширум Европа. Како ехо можат да се слушнат и реакциите на потенцијалните домашни гости кои реагираат и бараат државата да го раздвижи туризмот во Македонија, да направи нешто слично и за сопствените граѓани, како што нуди поволности за странците. Сега, според пресметките и попустите кои ги добиваат од агенциите и летувањето во сопствен аранжман, на Македонците повеќе им се исплаќа да летуваат на море некаде во соседството отколку во Охрид или Струга.