Странските платеници повторно „во мода“
29 јули 2016Веќе подзаборавената реторика на предавници и платеници која беше актуелна во деведесеттите години постепено се враќа во српската јавност. Сè започна срамежливо, со листи на „оние со најголема омраза кон Србија", кои беа промовирани од одредени националистички и „патриотски" организации, се до прифаќањето на слични потфати од мејнстрим медиумите. Репрезентативен примерок е дневниот весник Политика, кој одамна редовно објавува листи на поединци, медиуми, новинарски здруженија и невладини организации кои за проекти добиваат пари од западните земји.
Реторика блиска на власта
Во текстот објавен во Политика под наслов "Евра за стари пријатели" се набројуваат организациите кои добиле пари од Европската комисија. Новинарите и уредниците тоа го оправдуваат со потребата од транспарентност, со циничната забелешка дека едни исти актери добиваат пари. Оние кои се најдоа на овие списоци укажуваат на тоа дека донациите не се тајна и дека се достапни за сите. Истакнуваат дека голем дел од парите за многу проекти се добиени на јавен конкурс. Но кога некои активисти на НВО секторот поставија прашање за изворите на финансирање на многу „патриотски" организации и партии, веднаш настана медиумска тишина.
Претставниците на некои медиумски организации предупредија дека создавањето на листата на „странски платеници“ е уште една опасна форма на притисок врз невладиниот сектор и медиумите, со што на многумина им се црта мета на челото.
„Мислам дека ова е враќање на реториката која е блиска до сегашната владејачка структура“, вели за ДВ Драган Поповиќ, претседател на Центарот за практична политика. „Имавме краток период по петти октомври, кога тоа беше малку грубо така да се обраќате кон луѓето и да ги делите на патриоти и предавници. Сега сите брани се подигнати и повторно може да се етикетираат луѓето. Се плашам дека ова е само дел од еден поширок социјален контекст во кој етикетирањето е легално и на тој начин луѓето се отстрануваат од јавниот и политичкиот живот.“
Поповиќ вели дека новинарите на Политика се „малку повеќе вешти од таблоидите“, па се обидуваат тоа да го маскираат како легитимна новинарска работа, но поентата е дека тоа во суштина е „лов на странски платеници и предавници.“
„Редакцијата на Политика го правеше истото во деведесетите години, а очигледно е дека сега повторно се обидува да го прави истото. Без оглед на тоа зошто некој од нас е во контакт со некои странски фондации, тоа ќе се гледа во контекст дека добиваме пари од странство, а тоа е, секако, нешто што е спротивно на националните интереси на Србија“, рече Поповиќ.
Властите не сакаат промени
Суштинската причина зошто повторно се среќаваме со реториката на деведесеттите години е затоа што никој не сака промени, оценува за ДВ Зоран Гавриловиќ, од Заводот за социјални истражувања (BIRODI). „Со тоа се жигосуваат луѓе кои наоѓаат волја, желба и поддршка некако да ги променат работите во Србија. Од другата страна се граѓаните кои се основната поддршка на актуелната власт, која ги држи во пост-трауматски транзициски стрес со тоа што ги обновува приказните за странски платеници и некој кој сака зад кулисите да ја собори власта која има толку голема поддршка. На овој начин Владата отфрла одговорност, а кај луѓето кои се жртви на транзицијата поттикнува чувството дека за сите нивни проблеми, всушност, криви се странски платеници“.
Зоран Гавриловиќ истакнува дека во Србија практично е невозможно да се добијат пари за сите работи со кои би требало да се занимава невладиниот сектор. „На конкурсите на министерствата можеби може да се добијат пари за екологија, младински прашања, кои не се неважни теми, но се многу помалку релевантни од слободата на медиумите, корупцијата или на независноста на судството“, рече тој. За најважните теми, додава тој, финансиската поддршка треба да се побара во странство.
Поповиќ вели дека е интересно што за транспарентноста на финансирањето се залага весникот Политика, кој „има непознати сопственици и финансиери“. Исто така тој вели „луѓето не велат за џабе, штом слушнам приказни за патриотизам, веднаш гледам каде ми е новчаникот. Деновиве сме сведоци на изложбата „Нецензуриани лаги“, а ова за што ние говориме се дел од истата матрица на однесување. Очигледно е дека на тие луѓе прво им паѓа на памет да направат список на сите т.н. непријатели, а тие всушност се нивните политички противници. Се плашам дека во тој поглед целата машинерија е само на почетокот.“
Негодуваат само платениците
Како мета на критиките дека се странски платеници се најде и иницијативата "Не го даваме Белград“ проследено со веќе познатиот репертоар на обвинувања дека нивните активности се управувани од страна на ЦИА и дека на тој начин Америка сака да го уништи Вучиќ. Зоран Гавриловиќ смета дека е „тажен фактот дека постои перцепција дека незадоволство постои само кај оние на кои им е платено. Тоа значи дека се е идеално во земјата, совршено, стандардот на живеење е фантастичен и против него може да се бунат само странски платеници“.
Ако се земе предвид фактот дека државата Србија добивала и сеуште добива значителна финансиска помош од Запад, и ако работите се банализираат до крај, тогаш Србија и нејзината влада би требало да се најдат на листата на странски платеници. Ако се сетиме дека Србија е на пат кон Европската унија и дека владата е многу горда на овој факт, станува сè позначајно прашање за тоа дали владата на Западот гледа како пријател или непријател.
Драган Поповиќ, оценува дека тоа е дел од шизофренична политичка ориентација. "Ние никогаш не сме сосема сигурни каде тие сакаат да ја насочат Србија. Не во смисла на географска одреденост, туку во изборот дали сакате систем како што е во Западна Европа, а со тоа и демократија и почитување на владеењето на правото и човековите права, или автократија како на Путин. Во согласност со ова, логично е дека тие не го поставуваат прашањето за парите што државата ги добива од ЕУ. Огромен број на луѓе во владата и блиски соработници сметаат дека ЕУ е еден голем банкомат: Служи за да земеме пари, без оглед ќе ги измамиме и никогаш нема да воведеме слободата на печатот или независно судство.“