1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

Сто години од склучувањето на Версајскиот договор

28 јуни 2019

Оружјето молчеше уште од ноември 1918, но Првата светска војна заврши официјално дури седум месеци подоцна. Германија сметаше дека мировниот договор е неправеден и го прифати со отпор.

https://p.dw.com/p/3Kzds
Frankreich Geschichte Weltkrieg Friedensvertrag von Versailles
Потпишување на Версајскиот договор на 28.06.1919 во Салата со огледалата во ВерсајФотографија: ullstein bild - histopics

Надежта на Филип Шајдеман дека ќе има олеснителни околности не се оствари. Канцеларот кој произлезе од револуцијата, договорените заклучоци од Париската мировна конференција ги сметаше за неприфатливи

„Која рака не би се исушила ако прифати вакви окови?“, праша социјалдемократот. Со тоа Шајдеман, кој на 9 ноември 1918 во Берлин ја прогласи Германија за република, целосно го долови расположението во татковината. Мировниот договор се покажа како тешка хипотека за штотуку настанатата демократија.

Германското царство беше обврзано на исплата на репарации од повеќе милијарди, ги изгуби колониите во Африка, Азија и Пацификот и мораше да отстапи 13 проценти од територијата на други држави, како на пример Елзас Лотринген на Франција и Западна Прусија на Полска. Освен тоа, победничките сили предводени од САД, Велика Британија, Франција и Италија вината за почетокот на војната ја префрлија целосно на Германија. Германците, според нив, на своите противници им ја „наметнале“ војната и биле како „иницијатори одговорни за сите загуби и настанатата штета".

На 28 јуни 1919 година мировниот договор беше запечатен во дворецот Версај, без потписот на Шајдеман кој даде оставка. Но, Германија и така само под присила го прифати договорот, откако победничките сили се заканија со окупација. Рајнската област и онака беше окупирана уште од 11 ноември 1918. Заради строгите услови Версајскиот договор во германската перцепција важеше за „наметнат мир". Историчарот од Марбург, Екарт Конце, во интервју за ДВ вели дека таков став бил „без дилеми“ оправдан. Германците не учествувале во мировните преговори и во составувањето на договорот.

Големата војна

„Диктираниот мир“ подоцна беше ублажен

Иако на Германија ѝ биле наметнати тешки услови, сепак останала силна држава во центарот на Европа. Освен тоа, репарациите кои претходно не биле конкретизирани, подоцна биле поврзани со платежната способност и економската сила на земјата. Во 1921 победничките сили првично се договориле за 132 милијарди марки, но Германија до крајот на деценијата успеала да ги намали на 36 милијарди.

„Со оглед на светската економска криза плаќањето во 1932 година било комплетно прекинато", се потсетува Конце на барем финансиски позитивниот развој во тоа време. Сепак, Вајмарската република, која името го добила според локацијата на првото уставотворно собрание, била дефинитивно пред пропаст. Непријателите на демократијата – монархисти, националсоцијалисти – од прв ден се бореле против републиката. Во нивни очи само демократските сили биле виновни за резултатите од конференцијата, а не и авторитарното царство што ја изгубило војната. „Перфидната аргументација била толку успешна зашто речиси сето германско население го отфрлало договорот од Версај“, вели историчарот Конце.

Weimarer Republik 1919 | Protest gegen den Versailler Vertrag
Протести во Берлин против Версајскиот договор (25.11.1919)Фотографија: picture-alliance/akg-images

Адолф Хитлер тотално го игнорирал мировниот договор

Сепак, патот што во 1933 довел до диктатурата на нацистите не бил праволиниски. И за луѓето во 1919-та иднината била неизвесна. Но, противниците на републиката од десницата го користеле Версајскиот договор како средство за „да се борат против демократијата и конечно да ја уништат". Политички убиства не биле реткост. Најпозната жртва бил министерот за надворешни работи Валтер Ратенау кој во 1922 бил застрелан од десни екстремисти во Берлин. За нив либералниот демократ бил омразен симбол на т.н. „политика на покорност“ кон победничките сили од Првата светска војна.

Надежите за долготраен мир не се остварија со Версајскиот договор. Со преземањето на власта од страна на Адолф Хитлер, времето на германската воздржаност заврши. Националсоцијалистите, и покрај забраната, продолжија да се шират и да склопуваат нови алијанси со фашистичките земји како Италија и Шпанија.

Британската политика на смирување и преговори не ја постиогна својата цел, САД веќе немаа активна улога во Европа. И Лигата на народи, основана согласно мировниот договор, се покажа како многу слаба за да спречи следна глобална катастрофа.

Сто години од крајот на Првата светска војна

Емануел Макрон предупредува од „старите демони“

Екарт Конце ги анализира причините за неуспехот во својата книга: „Големата илузија. Версај 1919 и новиот светски поредок." По Втората светска војна победничките сили се обидоа да извлечат поуки од ситуацијата по 1918-та. „Тука спаѓа и безусловната капитулација на германскиот Вермахт и преземањето на контролата во Германија од страна на сојузниците." Пред сѐ во 1945 година се обидоа да ги развијат меѓународните структури и институции, со цел да се спречи враќање кон национализмот и политичкиот унилатерализам.

Во најмала рака во западниот свет под водство на САД се развија „мултилатералните организации и меѓународен систем базиран на правила“, вели Конце. Изгледа дека овој поредок се шири по падот на Берлинскиот ѕид во 1989 година и по крајот на Студената војна.

„Денес тој е исправен пред уште поголеми предизвици отколку порано.“ Новиот национализам и унилатерализам зачинет со популизам и авторитаризам ја загрозуваат стабилноста на меѓународниот поредок. Францускиот претседател Емануел Макрон поради тоа предупреди од „старите демони“ од меѓувоениот период, кои повторно заживуваат. „Тоа е уште една причина зошто ‘Версај’ повторно ни се враќа“, верува Конце.