1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стив Бенон, мрачната страна на моќта

Кристоф Хаселбах
17 август 2017

Стив Бенон е еден од најважните советници на Доналд Трамп, но истовремено и најкронтроверзниот. Долго време Стив Бенон важеше за недопирлив. Но, неговите денови во Белата Куќа може да бидат избројани.

https://p.dw.com/p/2iP63
USA Steve Bannon - Berater Trumps
Фотографија: Reuters/W. McNamee

Стивен „Стив“ Бенон нема ништо против неговиот мрачен имиџ. Напротив, ужива во таквата слика и си игра со неа. Во едно интервју во ноември 2016-та година по неговото именување за советник на Трамп и главен стратег тој изјави: „Мрачноста е добра работа. Дик Чејни. Дарт Вејдер. Сатана. Тоа е моќ."

Бенон е поранешен маринец, кој подоцна станал милионер преку инвестиции во банката Голдман Сакс и работел како филмски продуцент. Од 2012. до 2016. го води порталот „Брајтбарт њуз нетворк" (Breitbart News Network). Оној кој што сака да знае како Бенон го гледа светот, мора прво да провери на „Брајтбарт“. И самиот Бенон изјави, „Брајтбарт“ е „платформа на алтернативно право", тоа се луѓето кои се „против глобализација, ултранационалисти и против естаблишментот". И во дебатата околу симболите на конфедерацијата во САД, која го бранела ропството во граѓанската војна, „Брајтбарт“ излезе со став под наслов: „Се вее гордо и високо: знамето на конфедерацијата е симбол на величествено наследство."

Главен стратег

Во споредба со Трамп, Бенон е идеолог. Како што вели, како маринец си го открил интересот во политиката кога во 1979. година, додека бил на воен американски брод, слушнал за заробени американски заложници во Техеран. Според него, демократскиот претседател Џими Картер не реагирал доволно решително во случајот. Бенон стана обожавател на наследникот на Картер, републиканецот Роналд Реган. Но, партискиот естаблишмент на републиканците го мрази исто како и на демократите. Бенон и „Брајтбарт“ се одговорни за зајакнување на движењето „Ти парти", кое ја одведе Републиканската партија крајно десно.

Кога Трамп се реши да се кандидира, Бенон се „запали“ и ја искористи медиумската моќ со „Брајтбарт“ да ја засили и поддржи првично внатрепартиската кампања на Трамп, а потоа и изборната кампања против Хилари Клинтон. Во очите на Бенон, Трамп беше човекот кој може темелно да ја разниша американската политика, нешто што го смета за сопствена мисија. Во едно интервју во 2013-та година, Бенон се претстави како ленинист, бидејќи Ленин сакал да ја разурне државата, а тоа му е неговата цел: „Сакам сѐ да се урне и да се уништи сѐ што е поврзано со сегашниот естаблишмент, " рекол Бенон за веб порталот „Дејли Бист". На прашањето дали „Брајтбарт“ е расистичи и антисемитистички настроен, во 2016. година тој одговара: Дали има антисемитисти кај поддржувачите на алтернативното право? Секако. Дали има и расисти? Се разбира дека да. Но, не верувам дека целото движење е антисемитско."

USA Trump und Bannon
Доналд Трамп и Стив БенонФотографија: Getty Images/AFP/M. Ngan

Пад на популарноста

Сето ова не му пречеше на неговиот подем. Трамп очигледно се чуствуваше обврзан кон Стивен Бенон поради неговата поддршка во кампањата. Прво го постави за свој најважен советник. Меѓу другото тој е одговорен и за повлекувањето на САД од Парискиот климатски договор и стои зад остро формулираниот декрет за ограничувња при доселување. Но, на почетокот на пролетта, ѕвездата на Бенон како да почна да темнее. Во април тој е отстранет од Националниот безбедносен совет, а зетот на Трамп, Џеред Кушнер фактички го истисна Бенон од најважното советничко место.

Но, Бенон е под напад и од друга страна во тимот на Трамп. Кавгата меѓу него и Херберт Рејмонд Мекмастер, претседателот на Националниот безбедносен совет, според инсајдерски информации, до толку ги влошила односите, што е речиси невозможно тие да работат заедно. Иран, Авганистан и Блискиот Исток, или лични прашања – Мекмастер и Бенон не се согласуваат по многу клучни прашања.

Додуша Доналд Трамп го зеде во одбрана Бенон по обвинувањата за расизам. „Тој не е расист. Тој е добар човек, кој медиумите неправедно го третираат во овој случај". Но, оставка е веројатно нешто што претседателот го посакува во однос на иднината на советникот:„Ќе видиме што ќе се случува со господинот Бенон", рече Трамп и ги подгреа шпекулациите за можно отпуштање или деградирање на Стивен Бенон.