1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Автомобили и мобилност

Статистика за несреќи: Короната спасува животи

Даниел Хајнрих
27 мај 2020

Во Германија со години во сообраќајни несреќи гинат се’ помалку луѓе. Во време на корона тој број достигна историски најниско ниво. Сепак, експертите предупредуваат од преголем оптимизам.

https://p.dw.com/p/3cqDo
Coronakrise Verkehr Autobahn
Автопатот А96 во Баварија во време на карантинФотографија: Imago Images/Action Pictures

Бројките коишто неделава ги објави Сојузниот завод за статистика во Визбаден зборуваат доволно - никогаш досега од германското обединување во 1990 година во еден месец немало толку малку загинати во сообраќајни несреќи како во март 2020. Животот во март годинава го загубиле 158 лица, односно 76 загинати помалку отколку истиот месец лани. И бројот на повредени и на сообраќајни несреќи воопшто е намален во споредба со претходните години.

Андреас Хелцел е сообраќаен експерт во германскиот автомобилски клуб АДАЦ, кој инаку е и најголем сообраќаен клуб во Европа. Во разговор за ДВ тој опоменува дека и покрај ваквите бројки не треба да се биде преголем оптимист. Намалените бројки на загинати и повредени, нагласува тој, се должат на рестрикциите во време на корона-криза - работата од дома, карантинот и ограничувањето на контактите доведоа до тоа на улиците да има помалку сообраќај од вообичаено. „Сметаме дека бројот на несреќи ќе се зголемува кога сообраќајот ќе се врати на нормала. Во моментов во многу бранши многу луѓе се’ уште не се вратени на работните места“, вели Хелцел. Тоа многу влијае врз она што се случува во сообраќајот, додава тој, нагласувајќи дека мора да се има предвид и дека луѓето во ова време патуваат многу малку.

Infografik Verkehrstoter Deutschland 1991-2020 DE
Број на загинати во сообраќајни несреќи во Германија од 1991 година до денес

Бројките со години се се’ помали

И покрај претпазливоста на сообраќајниот експерт, едно е неспорно: и пред да стапат во сила ограничувањата поради пандемијата, бројот на загинати во сообраќајни несреќи беше во постојан пад.

Ваквиот позитивен развој во авто-земјата Германија можеби е изненадувачки на прв поглед, зашто за разлика од многу други држави во ЕУ, во Германија нема општо ограничување на брзината. Но, од 1970-те се преземени низа мерки за зголемување на безбедноста во сообраќајот. Тука, меѓу другото, се вбројува воведувањето ограничување на брзината на регионалните патишта, како и воведувањето на препорачлива брзина на возење на одредени патишта. Тоа што во меѓувреме има помалку загинати во сообраќајни несреќи се должи и на обврската за врзување во возилото и намалување на дозволената граница за алкохол во крвта на 0,5 промили. Од повеќе од 20.000 загинати на средината од 1970-те, и тоа само во тогашна Западна Германија, сега бројот на на загинати на територија на цела Германија изнесува само нешто повеќе од 3.000.

На ниво на Европа, како особено безбедни земји се сметаат Велика Британија, Данска и Холандија, додека за особено опасни се сметаат Романија, Бугарија и Летонија.

Infografik Verkehrstote in Ländern Europas
Број на загинати во сообраќајни несреќи во неколку европски земји на милион жители

И покрај позитивниот развој во Германија, има уште многу работа. Андреас Хелцел од АДАЦ ја потенцира ситуацијата на учесниците во сообраќајот: „Конкуренцијата за површина е голем предизвик на нашето време. Тоа особено важи во густо населените региони.“ Особено во градовите, постои конкуренција меѓу автомобилите, средствата за јавен превоз, велосипедистите и пешаците: „Секоја општина е обврзана да развие сопствен концепт за мобилност“, оценува Хелцел.

Дали коронавирусот на крајот ќе стане забрзувач на промените во сообраќајот? Хелцел смета дека не треба да се избрзува со вакви заклучоци. Како што Германците се враќаат повеќе кон нормалното секојдневие, така ќе се враќаат и проблемите во сообраќајот, вели тој. „Од едно истражување знаеме дека секој четврти сака почесто да оди пеш, а секој петти да вози повеќе велосипед.“ Но, може да се смета и со тоа дека останатите превозни средства ќе се користат исто како и пред короната. „Темелна промена на однесувањето во делот на мобилноста“ нема да се случи ниту по корона-кризата, гласи отрезнувачкиот одговор.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема