Старт од соништата за Борусија
17 септември 2014Стартот во сезоната на Лигата на шампиони беше како порачан за германскиот вицешампион Борусија Дортмунд. Екипата на тренерот Јирген Клоп убедливо го победи Арсенал со 2:0 пред распродадениот стадион со капацитет од околу 66.000 места. Головите ги постигнаа Чиро Имобиле во 45. минута и Пјер-Емерик Аубамејанг во 48. минута.
Јирген Клоп приреди изненадување со изборот на составот. На резервната клупа останаа како Шинџи Кагава, кој има проблеми со повреда на мускул заработена на натпреварот со Фрајбург, така и голманот Адриан Рамос. Затоа шанса доби Имобиле, а се покажа дека Клоп не згреши, зашто тој постигна еден од головите. За Арсенал играа германските репрезентативци Месут Езил и Пер Мертезакер, но се прикажаа во бледо издание.
„Денес имавме пресинг-машина која функционираше речиси перфектно. Ги откривавме празнините и ги користевме, сите беа пожртвувани“, се радуваше Клоп по победата.
Водечкиот клуб на табелата на Бундеслигата, Бајер Леверкузен доживеа пораз од АС Монако од 0:1, пропуштајќи бројни големи шанси за гол. Играчот од средниот ред на Бајер Леверкузен, Ларс Бендер, изјави:
„Факторот на фрустрација е исклучително голем. Во првото полувреме игравме навистина одлично, но ако не дадеш голови, не треба да се чудиш што си го загубил натпреварот“.
Денеска во Лигата на шампиони играат германскиот првак Бајерн од Минхен, кој го пречекува англискиот првак Манчестер Сити, како и Шалке, кој ќе ги одмерува силите со екипата на Челзи.