Стариот континент е спасен, сега е време за нова Европа
24 јули 2020Како и секогаш, не е се во парите. Но, зад милијардите евра кои ќе потечат од фондот за опоравување на ЕУ, конечно донесен оваа недела после речиси 5 дена преговори, се отвара и една политичка утакмица од која ќе зависи иднината и новиот профил на Европската Унија.
Судирите меѓу земјите најпогодени од Ковид кризата и себичните земји кои себеси се нарекуваат „штедливи“, судирот меѓу франко-германската локомотива и сувернистите од Истокот, најмалку од се беа околу парите, туку беа околу новата прераспределба на моќ и новите принципи на кои ќе се базира Унијата. Преку мачни преговори и горки расправии Европа сепак успеа во својата историска мисија постојано да се подобрува преку кризите.
За првпат во историјата, ЕУ формираше некој вид на должничка унија. Европа конечно измисли суверен за таа гола монета каква што е еврото, и создаде начин, пронајде форма и суштина како да ги потроши тие пари во услови на криза. Така да, повеќе од некаква економско-финансиска дилема и проблем, Европскиот Совет на шефови на држави и претседатели на влади, расправаше и се судираше со проблемот на владеење и моќ, создавајќи нов инструмент кој за прв пат и дозволува на ЕУ да се однесува како држава, со моќ да се задолжува, со цел да финансира заеднички политики и да создава сопствени ресурси со кои би го финансирала задолжувањето.
Проблеми и недоречености има премногу, политиката и државната себичност не изостанаа и нема да бидат елеминирани во оваа несовршена, но и најдобра што може да биде Унија. Европа го прави, или подобро кажано, го започнува својот коперникански пресврт. Унијата ја менува својата филозофија, останувајќи по природа несовршена, нецелосна, и во вечна конструкција. Но, прави чекор напред и тоа во еден од најтешките моменти, докажувајќи уште еднаш дека и понатаму ќе ја има како заштитник и гарант таа француско-германска оска, единствениот возможен мотор и локомотива на европскиот напредок.
Повеќе на темата:
-Како ќе се делат милијардите евра во ЕУ и кој ќе ги враќа долговите?
-Милијарди од ЕУ само ако се почитува правната држава?
Ги споменав парите, па да видиме како е таму состојбата, за потоа да прејдеме на политичките односи и одлуки.
ЕУ го договори и не го промени седумгодишниот буџет кој е тежок 1,074 милијарди евра. Посебниот фонд за опоравување од пандемијата вреден 750 милијарди евра познат како Next generation Eu и кој беше донесен од Комијата во мај месец, останува непроменет во својата вкупна сума. Но, се менува и редефинира структурата на помош во полето на грантови и заеми. Првично беше предвидено да се поделат 500 милијарди евра како грантови, но поради притисокот и тврдите позиции на „штедливите“, фондот наменет за помош преку грантови падна на 390 милијарди, додека делот помош замислен како заеми порасна на 360 милијарди евра. Дури и намалената сума од 390 милијарди може да се смета за исчекор затоа што за првпат колективно ќе се позајмува на пазарите.
Европската комисија ќе ги позајми тие пари, преку издавање обврзници со доспеаност од три до 30 години. Планот е парите да почнат да се враќаат од 2027 година натаму, а исплатата да заврши до 2058. Од тие 390 милијарди евра, околу 80% или 312 милијарди ќе бидат лоцирани во ткн. Програма за обнова и отпорност на ЕУ. Земјите членки ќе имаат пристап до парите од 2021 до 2023 година. Остатокот од средствата - 77,5 милијарди, ќе бидат додадени во постојните буџетски програми на ЕУ со кои нуди помош во форма на грантови.
Сумата од 312 милијарди евра е најважниот дел од целиот договор. За да добијат пристап до грантовите, кои нема да се враќаат, земјите членки мораат да подготват планови за национално опоравување и да дадат одредени гаранции. Оттука, многу од кредибилитетот и успешноста на оваа егзистенцијална транформација на Унијата ќе зависи од успешноста на реформите во земјите кои беа најпогодени од пандемијата и добија најголем дел од колачот, како Италија и Шпанија.
Каде настануваат проблемите и некои од недоследностите?! За да се обезбеди договорот беа направени компромиси и кратења на оригиналниот предлог.
Првичниот план предвидуваше колективни инвестиции во области како здравство, миграции и други ЕУ програми. Но, поголем дел од тоа беше скратено за да се осигура дека главнината ќе може да се насочи кон финансирање на економското опоравување на поединечните земји.
Оригиналниот план предвидуваше нови зелени и дигитални даноци низ целата ЕУ, кои потоа би се вратиле во колективниот куфер на ЕУ и со нив би се отплаќале заемите. Но, на самитот на ЕУ беше договорен само нов данок на пластичен отпад. Има најави за дополнителен данок на емисии на јаглерод и данок на дигитални услуги, но тие не беа договорени и на тие приходи засега не може да се смета.
Со други зборови, европските лидери ги скратија средствата во одредени програми на ЕУ со цел да добијат повеќе за своите национални реформи. Па така, се кратат сериозни средства предвидени за европската програма Horizon Europe за научно истражување, каде од превидени 13,5 милијарди евра се остана со само 5 милијарди. Драматично се скратија средствата за стратешките инвестиции InvestEU, кои потонаа од 30,3 милијарди, на 5,6 милијарди евра. Just Transition Fund посветен на климата се исече од 30 на 10 милијарди евра, додека најапсурдно од се е што во време на пандемија се откажа европската здравствена програма Eu4Health, првично програмирана на висина од 7,7 милијарди евра.
Се ова говори за фактот дека на некои полиња свеста на европските лидери и капацитетите на европските политики и понатаму каскаат зад времето и зад реалните потреби. Пораката која беше испратена од Брисел е ужасна, а тоа дека Европа е подготвена да штеди на наука, на клима и на здравство.
Други колумни од авторот:
-Изборите се претворија во канибалистичка церемонија
-Германското претседателство и македонските преговори со ЕУ
Ова води и кон уште еден системски проблем на Унијата кој наместо да се решава, само се влошува. Ако постои институција која понесе болен пораз од ЕУ самитот, тогаш тоа е Европската Комисија. Претседателката Урсула фон дер Лејен делуваше како отсутна од ЕУ самитот и буквално беше прегазена како носител на супранационалните институции и ставена во позиција да прифати договор во кој две клучни точки - владеењето на правото и governance-от околу националните реформи - ќе бидат делегирани на шефовите на државите, и тие ќе го имаат клучниот збор. Не успеа обидот Полска и Унгарија, кои ги кршат принципите на владеењето на правото, да бидат условувани со финансиски средства. Усвоените правила за проверка на постоењето на правна држава остануваат недоволно ефикасни. Тоа беше нужно за да не се загрози едногласноста во вкупниот компромис. Проблемите со Полска и Унгарија, кои дрско ја користат солидарноста на другите без да обезбедат противуслуги, останаа нерешени. Со други зборови, принципот на интерговернабилноста, демонот кој ги минира европските институции уште од Договорот од Лисабон, и ги поставува националните влади како главни актери во интегративните процеси, излага уште позајакнат после овој договор.
Планот за опоравување е толку голем, средствата ставени на располагање се просто енормни, до степен да се засени и Планот Маршал донесен од САД за реконострукција на Европа по Втората Светска војна. Напорот е огромен, политичкиот влог е застрашувачки, целиот план е без преседани, но треба да биде воден, администриран, регулиран и гарантиран од политички авторитет кој е преслаб и кој излага уште послаб после овие пеколни 5 дена во Брисел.
Со овој договор дефинитивно се поразени сите европски совранисти или антиевропејци, но и покрај тоа сведоци сме на еден поинаков национализам. Тој национализам не е совранистички, туку повеќе е електорален, каде секоја земја со цел да се оправда кон својот национален електорат, бара и претендира да си поврати дел од моќта во однос на Комисијата и Централната Европска Банка. Додека овие институции работат да ги намалат или избегнат нееднаквостите помеѓу моќните и послабите членки, одредени земји, дали се тоа „штедливите“ (Холандија, Австрија, Шведска и Данска) кои добија попусти на нивните годишни придонеси во буџетот на ЕУ, или се недемократските како Полска и Унгарија кои избегнаа демократска“ условеност за средствата, постојано работат на одржување на разликите во ЕУ.
И околу фондот за опоравување, земјите членки, откако се договорија околу заедничкото задолжување, потоа се истепаа која побрзо ќе ја поврати контролата над процесот, преку раководењето како ќе се распределуваат средствата. Тоа што повторно се заборава е дека доколку националните интереси победат над целите на Унијата, тогаш овој епохален пресврт нема да успее, затоа што политичкиот џин кој треба да го изреализира планот всушност стои на стаклени нозе.
Со ослабувањето на политичкиот и институционален центар на Унијата, потоа се создаваат серија на политички микро фрактури и псевдо коалиции кои не гарантираат никакво владеење со ситуацијата и проблемите. Поделбите меѓу „штедливите“ земји и презадолжените земји, само дополнително го радикализираше вечниот конфликт помеѓу Северот и Југот на Унијата, проширувајќи го и на судар меѓу Западот и Истокот. По самитот лесно е да се констатира дека новите центри на моќ во Европа се суштински три. Франко-германскиот тандем кој се залага за поголема политичка интеграција на Унијата, петте „штедливи“ држави засилени со Финска и блокот на земјите од Вишеград, кои се решени да ја спречат секоја понатамошна подлабока интеграција во ЕУ.
Ниту кратковидниот и нарцисоиден Марк Руте кој ја преживува перманентната холандска паника да не бидат потчинети од Германија, ниту пак самобендисаниот автократ Орбан, не разбираат дека сакале или не, Берлин ќе излезе помоќен од оваа криза, а тие послаби и полесни за уценување и потчинување од големите светски сили. Себичните национализми кои никнуваат низ дури и напредните членки, основачи на Унијата, го загрозуваат трансформирањето на Унијата во политички и геополитички субјект кој има суверени институции и инструменти, и кој така би бил способен да маневрира и да напредува и во едно глобално сценарио каде расте судирот со САД, Кина, Русија и Турција. Сите овие моќни глобални или регионални сили инвестираат во раздор и распаѓање на ЕУ, во купување на нејзините членки, и тоа ќе се случи доколку Унијата не успее да го одржи и зајакне својот политичко-институционален систем.
Направен е неверојатен, историски, епохолен исчекор, и сега тој план и таа промена бараат да заживееат и да се наметнат. Тоа нема да се случи ако продолжат себичните национализми или национални политики.
Пандемијата и даде шанса на Европа, сосема неочекувано, да излезе од својата криза на поделби и бавно тонење, создавајќи услови за креирање на нови политики. Сега политиката е таа која мора да креира една нова Европа.