Сребреница: „Будење меѓу мртвите“
11 јули 2016Околу 5000 учесници на 8 јули 2016 година тргнаа на марш на мирот „Незук - Сребреница 2016“, кој се одржува во рамки на одбележувањето на 21-годишнината од геноцидот во Сребреница. Во колоната која тргна од Незук е и Бего Бектиќ, кој е и еден од организаторите на маршот. Бектиќ е началник на Одделението за општествени дејности и јавни сервиси во општина Сребреница. Кога во 1992 година почнувала војната Бего Бектиќ бил обично 13-годишно селско момче:
„Не ни сонував дека ќе има војна. Кога почна сѐ, јас одев на училиште. Наставата беше постојано прекинувана од гранати и воени дејства. Немавме доволно учебници, ниту пак доволно облека и обувки. Немаше ниту храна доволно. Се надевавме на подобро, замислувавме како живеат нашите врсници онаму каде што нема војна. Таа несреќна 95-та, кога падна и изгоре Сребреница, тргнавме кон некоја Тузла. Секој од нас кој беше во таа колона би можел да напише книга или да сними филм и сите да бидат различни. Јас не ни знаев што е таа Тузла и каде е тоа, зашто во мојот дотогашен живот одев најмногу до Братунац, кој е оддалечен 10 километри.“
Будење меѓу мртвите
Бектиќ на пат за Тузла тргнал низ шума, заедно со соседи и познаници. Со родителите се разделил тешко, но таков бил договорот за да имаат поголеми шанси за преживување. Веќе во првата квечерина паднале во заседа.
„Почна пукање од сите страни. Почувствував дека нешто тврдо ме удри в глава и загубив свест. Не знам по колку време се разбудив и околу себе видов само мртви луѓе. Сѐ мирисаше на крв. Тој мирис го чувствувам и денес. Од шумата излегов на едно ритче и тука затекнав многу народ и ранети на кои не можеше да им се помогне. Не знаев каде сум, зашто не го познавав патот. Едни одеа напред, други назад, конфузијата беше огромна, никој не знаеше што се случува. Оние посилните, кои го знаеја патот, во текот на ноќта одминаа подалеку, а останаа цивили, ранети и избезумени луѓе.“
Бего останал тука еден ден и една ноќ и, како што вели, се изнагледал ужасни сцени. „Имаше многу тешко ранети на кои не можеше да им се помогне. Поради големите јулски горештини раните веднаш се инфицираа. Луѓето умираа во страшни маки.“ Со уште неколку деца Бего конечно решил да тргне во непознато. Одејќи по течение на еден поток дошле до асфалт. И тука имало многу мртви и ранети. Морале да причекаат да се стемни за да можат да преминат од другата страна на патот. Масата луѓе оставала траги во високата трева и тие, талкајќи по тие траги, некако го минале Црн Врв и дошле до Баљковица, каде што се воделе борби, па не можеле да продолжат натаму. Со себе имале мал транзистор со помош на кој слушнале дека Жепа сѐ уште не паднала и така одлучиле да се вратат назад.
„Се враќавме по истиот пат по којшто дојдовме. Ние, неколку деца и неколку луѓе кои не ги познавав. Немавме храна. Бевме гладни, за среќа, таа година добро роди овошјето, па јадевме тоа и полжави. Во торбите на убиените ќе најдевме и по некоја конзерва месен нарезок што УНПРОФОР го фрлаше во пакети. Дел од храната беше и расипана, но немавме друг избор. Моравме тоа да го јадеме за да преживееме. Без храна некако и може, но без вода е тешко, луѓето почнуваат да халуцинираат“, вели Бектиќ.
Назад во родното село
По неколку дена Бектиќ се вратил назад во родното село Суќеска. Тука нашле малку храна и првпат по 12-13 дена каснал леб. Оттука тргнале кон Жепа, каде по неколку дена макотрпен пат низ шума стигнале во најлошо можно време. Жепа паѓала, многу луѓе сакале да се предадат. Поучени од она што го виделе во изминатите денови, Бего Бeктиќ и другите кои биле со него не сакале да се предадат и се вратиле назад. Во родната Суќеска останал уште неколку дена. Имало рамзислувања да останат и презимат тука, но сѐ било запалено, немало храна и повторно тргнале на пат за Тузла. Во групата биле 27-мина.
„Имаше многу стресни ситуации, особено ноќе, кога одиш, а не знаеш каде ќе стигнеш. Имав среќа да преживеам девет заседи и да останам без повреди. По 63 дена, некаде кај Кладањ, преминавме на слободна територија“, раскажува Бего Бектиќ и како најтежок момент, кој ќе му остане во сеќавање додека е жив, истакнува: „Не знам точно каде беше тоа, ми се чини некаде околу Црн Врв, бев многу жеден и се симнав до потокот да се напијам вода. Се напив и тргнав по течението. По само неколку десетини метри во потокот од којшто пиев вода наидов на тела на мртви луѓе. Тоа не можам да го заборавам никогаш.“
Бектиќ ја преживеал војната. Поради тоа што претходно не бил никаде, по војната ги пропатувал сите континенти. Бил во двете Америки, Австралија, Камбоџа, Тајланд, Јапонија, делови од Европа. По завршениот факултет можел да остане во Сараево, но не сакал. „Не го сакам градот. Затоа и се вратив во своето село, каде живеам до денес. Во Сребреница доаѓам секојдневно на работа. Во селото ми е најубаво, тука дишам со полн капацитет и имам намера тука и да останам.“