1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Спомениците од НОВ оставени на забот на времето

Антоанела Димитриевска.30 јуни 2012

Најголем дел од споменици, спомен плочи и бисти од Народноослободителната војна во Македонија со години се цел на вандали, собирачи на старо железо и лица што атакуваат од идеолошко-политички мотиви.

https://p.dw.com/p/15OXy
Фотографија: DW

„Од осамостојувањето на Република Македонија разни лица со вандалски или политичко идеолошки побуди, континуирано уништуваат голем дел од околу три илјади споменици, спомен костурници, спомен бисти и спомен плочи од НОВ'', потенцира за Дојче Веле, генералот во пензија Тодор Атанасовски, претседател на Сојузот на Здружението на борците на Македонија. „Некои сметаа дека грижата за нив треба да биде на нашата организација, а нив ги градела државата и нејзина треба да биде и грижата за заштита и одржување'', потенцира Атанасовски.

Поради антифашистичкиот карактер треба да има и меѓународни иницијативи да се зачуваат

„Нашата иконографија како споменик во наследство е по својот карактер мултиетнички. Во текот на Народноослободителната војна во Македонија учествуваа и припадниците на другите заедници кои живееја и живеат на ова тло. И тоа е единствена иконографија која и денеска не емитува антагонизам. Поради ваквиот реален антифашистички карактер на нашето споменично наследство, треба да постојат и меѓународни мотиви тоа да се негува и одржува'' , потенцира Атанасовски.

Silmak Jegunovce
Бисти на херои од НОВ како старо железо во фабричките печкиФотографија: Petr Stojanovski

„За жал нема паметник од НОВ во Македонија што на некој начин не е осквернавен. Имаше неколку случаи во Велес и Битола каде што бисти на народни херои беа фрлени во реката Вардар. Реагиравме и до локалните власти кои се надлежни за нивно одржување, пријавуваме и до МВР и Министерството за култура, но од нивна страна немаше адекватна реакција. Ретко се откриваат сторителите, а пријавите од полицијата обично се поднесуваат против непознати лица'' , вели Борис Стојановски, потпретседател на СЗБ од НОВ.

Според струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, „полицијата треба да ги чува знаменитостите, зашто, како што општината не може да изигрува редар’’.

„Револтирани сме од уништувањето на културно-историските споменици во повеќе градови, а посебно кога без никаква причина врз нив се пишуваат погрдни графити’’, велат огорчено македонски граѓани кои главно сакаат да останат анонимни.

Бронзени бисти на револуционери и писатели за старо железо

Речиси три месеци ја нема спомен-плочата што беше поставена минатата година на Мостот на поезијата, по повод јубилејните 50 години од постоењето на „Струшките вечери на поезијата“.

. Слична беше и судбина на уште многу бисти и спомен плочи на револуционери, борци,писатели и други знаменити историски дејци, а кои се украдени од кратци на железо и претопени во старо железо. „Жално е што нивните постаменти сеуште зјаат празни бидејќи нема кој да излее нови бисти и повторно ги постави, ама и соодветно заштити'' велат револтирано бројни граѓани кои сакаат да останат анонимни.

Промена на имиња на улици, училишта и други јавни установи ја подели јавноста

Mazedonien - Land und Leute
Контроверзни промени на имињата на улиците во СкопјеФотографија: DW

Промената за 32 улици и булевари во Скопје од вкупно 290 неодамна ја подели јавноста, но и уште повеќе скара власта и опозицијата која неодамна одржа и протести пред македонскиот парламент.

Шефот на советничкиот клуб на опозоционата СДСМ во градското собрание на Скопје, глумицата Софија Куновска е против тоа да се избрише името на улицата посветена на народниот херој Стив Наумов. „Стив Наумов ја даде младоста за слобода на Македонија и не треба да се заборави. Од друга страна револтирана сум што улица и мост на Вардар во Скопје се предлага да добијат име на Тодор Александров, кој е докажано негативна историска личност, затоа што работел за бугарската кауза и ликвидирал најмалку дваесет македонски интелектуалци’’, смета Куновска.

Граѓаните аниономно велат „револтирани сме бидејќи тоа за нас ќе предизвика нови трошоци за промена на докуметитете’’, а други пак „среќни сме што сообраќајниците и плоштадите ќе добијат нови имиња’’.

„Борците од НОВ воглавно биле млади луѓе со напредни идеи кои ги дале своите животи за слободна Македонија, независно од својата идеолошка определби. Затоа нивните спомен обележја треба да останат патоказ за сегашните и идни генерации, како треба да се сака и брани татковината'', потенцира Александар Табаков професор по историја во пензија.