1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Списокот на увид, медиумите на маса

Катерина Блажевска25 јули 2016

Работната група од денеска треба да почне со усогласување на измените во законите за медиуми, за МВР и за Влада, кои беа предвидени со договорот постигнат на 20 јули.

https://p.dw.com/p/1JVGF
Фотографија: Robert Atanasovski/AFP/Getty Images

Претставници на четирите партии-потписнички на договорот од Пржино денеска попладне на работна средба ќе треба да го почнат усогласувањето на измените во законите за медиуми, за МВР и за Влада. На средбата што најверојатно ќе се одржи во Министерството за правда, совети ќе се бараат и од експерти за споменатите области. За спроведување на овие законски измени договор беше постигнат меѓу четирите политички партии на 20 јули. Се прогнозира дека усогласувањето најтешко ќе се постигне во делот на законите за медиуми, каде се предвидени и најмногу измени: номинирање на главен уредник на информативната редакција на МРТВ на предлог на најголемата опозициска партија и во консултација со другите партии, кој треба да стапи на функцијата 100 дена пред изборите. Во тој корпус спаѓа и формирањето на петчлено ад-хок тело во рамките на Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги (АВМУ), кое ќе го мониторира спроведувањето на Изборниот законик од страна на медиумите и ќе функционира до крајот на изборниот процес. Советот на АВМУ треба да ги следи препораките на ова тело и да дава процедури за медиумите пропишани со законот. Голем дел од експертите сметаат дека „овие измени може да продуцираат паралелизам“, имајќи предвид дека тоа тело всушност ќе се занимава со она што е обврска на АВМУ, а притоа ќе биде и „надредено“ над Агенцијата, давајќи и препораки за постапување.

Во Законот за Влада, пак, треба да се ограничи мандатот на „пржинските министри“, односно тие да се повлечат од функциите веднаш откако Државната изборна комисија ќе ги објави официјалните резултати од изборите. Кадровските промени што може да ги направи министерот ќе се лимитираат до смена на 15 раководители, како и на хоризонтални преместувања на вработени најмногу до 10% од просекот во МВР во 2013 и 2014 година.

Ништо не се решава

Имајќи ги предвид целодневните собраниски координирања, како и негодувањата од пратеници на ДУИ во минатиот петок околу измените на Изборниот законик, (кои се сметаа за најмалку спорни и речиси за завршена работа), мал е оптимизмот дека усогласувањето на законските измени во другите сфери ќе оди брзо и без проблеми. Аналитичарите и натаму со резерва и недоверба гледаат на договорот во целост и не препознаваат ни нова енергија, ни решенија поинакви од веќе видените во досегашните партиски практики.

„Се реставрира старата поделба на улогите и се рестартира истиот идентичен систем на манипулација, криминал и корупција“, оценува аналитичарот Арсим Зеколи, во колумна под наслов „Ориз, рижото и пилав“, алудирајќи на недостигот од разлики, односно на идентичните матрици на размислување и однесување на партиите.

„Исходот на тој процес е секако поразителен, бидејќи освен директните интереси на директните учесници - домашни и странски - тој договор не разрешува ама апсолутно ништо. Ниту една мака на оние кои од тој процес очекуваа искра на надеж. Поради што можеме без грижа на совеста или страв од погрешка да заклучиме дека она околу што четирите партии се имаат согласено, не е никаков компромис, но е и тоа како договор. Договор за де факто нивно претопување во една, единствена, унифицирана и херметички затворена постдемократска политичка формација. Нешто кое најлесно може да се опише како монополитистичка Бастилја со четири различни влеза над која стојат четири различни имиња, но со коридори кои директно водат во една иста лабораторија“, пишува Зеколи.

Präsidentschafts- und Parlamentswahlen in Mazedonien
Фотографија: Petr Stojanovski

Списокот на увид

Првиот лакмус за начинот на кој се спроведува договореното од 20 јули, ќе биде работата на Државната изборна комисија. Деновиве се очекува на веб-страницата на ДИК да бидат објавени имињата на 39.502 гласачи од Избирачкиот список, кои при пролетната теренска проверка не биле пронајдени дома или за нив не се најдени повеќе записи во релевантните бази на податоци. ДИК ќе подготви упатства и формулар за пријавување, по што ќе објави јавен повик на нејзината страница, како и на страниците на дипломатско-конзуларните претставништва, за да може да го прочитаат и оние македонски државјани кои живеат во странство. Во рок од 25 дена по објавувањето на списокот тие треба да се пријават во ДИК за да останат на Избирачкиот список. Може да се пријават електронски, според членовите 48 - 51 од Изборниот законик, или да се пријават лично во локалните канцеларии на ДИК. Според дел од експертите, електронското пријавување може да се покаже несигурен метод, но од партиите ја посочуваат одредбата дека „три или повеќе членови на ДИК може да побараат дополнителна проверка за секое име: да побараат од граѓанинот да дојде лично доколку е во земјата или да се јави преку видеоконференција, доколку е во странство. Овие дополнителни проверки може да траат дополнителни 10 дена по истекот на периодот од 25 дена“.

„Ако се има предвид бројката на гласачи кои треба да ја потврдат веродостојноста на нивното избирачко право, во практика ќе биде тешко изводливо (временски, ресурсно и технички) членови на ДИК тоа дополнително да го проверат, доколку има одредени сомневања, па дури и да станува збор за многу симболична бројка. Исто така, има и многу субјективни причини, (работни обврски, летни одмори, па и трошоци) поради кои дел гласачи своето избирачко право не ќе може лично да го потврдат, доколку тоа се побара од нив“, сметаат поранешни членови на ДИК.

Исто така, во посебен извод на Избирачкиот список треба да бидат ставени 171.500 лица за кои се се смета дека се на работа или на привремен престој во странство. Вкрстените проверки на базите на податоци кои ДИК ги спроведе пролетва, покажаа дека тие не фигурираат во базите на податоци ниту како даночни обрзници, ниту како здравствени или пензиски осигуреници, ниту како корисници на социјална помош. Нивното избирачко право не е оспорено, а заради подобар увид, ќе бидат ставени во посебен список.

Според лидерот на СДСМ, Зоран Заев, ваквиот процес во ДИК треба да го предочи конечниот Избирачки список, а по прочистувањето, бројката на гласачи сигурно нема да биде над 1.800.000, туку помеѓу 1.550.000 и 1.580.000.

Договорот од 20 јули и гласањето за измените на Изборниот законик во петокот ги врати во Собранието пратениците од опозициската коалиција на СДСМ, кои неколку недели претходно не учествуваа на пленарните седници и во работните тела на законодавниот дом. Се надеваат дека сите обврски ќе бидат спроведени во договорените рокови. Изјави дека ќе се придржуваат до договорот, стигнаа од сите партии. А дали тој е успешно реализиран, ќе се оцени најдоцна до 31 август на лидерска средба. Ако партиските лидери се согласат дека се исполнети условите за фер-изборен процес, најизвесен датум за одржување на парламентарните избори е 11 декември.