Спасување на Луфтханза: Кога во авионот влегува државата
26 мај 2020Не, државата не е подобар претприемач. Тој треба да ја определува рамката и стандардите во кои треба и смее да се одвива претприемачката дејност. Да, треба да помогне ако работите излезат од контрола, како што во моментов може да се види во кланиците во земјата. И, се разбира, во кризни времиња чукнува часот на државата. Тогаш мора да помага со милијарди евра кои дотогаш ги земала од жуборливите даночни извори.
Големо е искушението една ваква ситуација да се искористи и да се направат работи кои подоцна, кога кризата ќе помине, ќе можат тешко повторно да вратат на старо. По финансиската криза, на пример, банките со право беа повеќе зауздани. Но, многу работи не беа промислени до крај, како на пример тоа дека каматите многу долго време ќе се движат околу нулата. Тоа погоди многу банки во Германија. Двете најголеми приватни банки - Дојче банк и Комерцбанк можат да напишат романи околу тоа.
Кога деловниот модел пропаѓа
Апропо Комерцбанк - таа во финансиската криза мораше да добие поддршка од германските даночни обврзници во висина од 18 милијарди евра. Сојузот тогаш „влезе“ со 25% и една акција во банката - само така Комерцбанк можеше да го заврши процесот на преземање на Дрезднербанк, кој уште тогаш важеше за бесмислен. И, еве не’ сега кај Луфтханза.
Најголемата, според обрт на средства, европска авиокомпанија, доживеа драматична судбина во време на корона-криза, исто како и многу други авиокомпании во светот. Нејзиниот деловен модел пропадна од денеска до утре. 95 проценти од леталата се приземјени, наместо 350.000 патници дневно, во моментов се превезуваат само околу 3.000. Резултатот од сето тоа е топење на постоечкиот капитал како снег на пролетно сонце. Авиокомпанијата губи по еден милион евра ликвидност - на час! Тоа, поврзано со паднатиот курс на акциите, ја намалува вредноста на компанијата на берзата - се заканува испаѓање од првата берзанска лига, германскиот индекс на акции Дакс.
Во ваква ситуација од помош се само две работи. Прво, инвеститор кој сака да си купи нешто евтино и кој би влегол во Луфтханза. Но, во најлош случај, по германската драгоценост би можел да посегне и кинески инвеститор. Затоа се претпочита германско решение, или во превод - влез на државата. Авиокомпанијата со легендарниот жерав на вертикалниот стабилизатор има искуство со тоа. Државата, имено, од Луфтханза комплетно се повлече пред само 23 години. Сега повторно се качува во авионот.
Целата работа има една замка
Ковањето на договорот траеше долго. Дури и со постигнувањето согласност во Берлин работата се’ уште не е завршена. Брисел веќе го крена енергично показалецот и побара Луфтханза да ги предаде на конкуренцијата правата на полетување и слетување на воздухопловните раскрсници Франкфурт и Минхен. Тоа ќе биде слично тешка борба како претходната, зашто и во Берлин партнерите кои преговараа беа раскарани. Шефот на Луфтханза, Карстен Шпор, рано ја потенцираше црвената линија за авиокомпанијата - државна поддршка да, државно раководење не. Сојузот, пак, кој седеше на другата страна од преговарачката маса, не зборуваше во еден глас. СПД, која е дел од владеачката коалиција во Берлин, сакаше 25 проценти удел плус една акција, со што се добива право на збор при носењето одлуки во компанијата. Тоа беше спречено. Влегувањето на државата би требало навистина да служи за стабилизирање на Луфтханза во турбулентни времиња, за кои авиокомпанијата не е одговорна. Но, кога кризата ќе помине, ќе мора брзо да се разговара за излегување на државата.
Целата работа меѓутоа има една голема замка. Никој не знае кога пандемијата на коронавирусот навистина ќе биде сузбиена. А, пак, ептен никој не знае дали деловниот модел „летање“ потоа ќе биде исто толку атрактивен. Сега се исцртуваат само контурите. Покрај строги безбедносни контроли, ќе има исто толку строги хигиенски контроли. Што значи, уште подолго чекање, уште подолги редици. Многу деловни патувања веќе нема да се реализираат, затоа што сите се навикнаа на комотните видео-конференции. А, претпријатијата и онака ќе мора да штедат.
Брзо излегување? Од тоа нема да биде ништо!
Тоа на еден искусен пилот, како Карстен Шпор, му е јасно. Самиот повторен старт на работењето во прво време ќе чини повеќе пари отколку што ќе има приходи. Шпор се надева дека во 2023 година во воздухот ќе има флота, која ќе биде помала од сегашната за 100 летала. И, тоа е оптимистичкото сценарио. Нема да биде ништо со брзото излегување на државата од Луфтханза. Така повторно доаѓаме кај Комерцбанк. И таму сојузот сакаше всушност што побрзо да го напушти бродот, но акциите на банката и натаму се ниски, а во Берлин никој нема храброст да го продаде уделот од 15% и со тоа да создаде енормни загуби.
Станува јасно дека државата уште долго ќе остане во авионот на Луфтханза. Тоа не се добри изгледи. Но, во моментов и нема подобро решение.