1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сојуз против нацистичките маршеви во Дрезден

13 февруари 2012

Денеска, 13-ти февруари, се одбележува годишнината од бомбардирањето на Дрезден во Втората светска војна. Од крајот на 90-ите неонацистите тој датум го злоупотребуваат во пропагандни цели.

https://p.dw.com/p/142TH
Фотографија: picture-alliance/dpa

За масовните воздушни напади на сојузниците само неколку месеци пред крајот на Втората светска војна со години се водат контроверзни дискусии. Жителите на Дрезден традиционално ја одбележуваат годишнината од разурнувањето на градот.

На 13-ти февруари 1945 година, неколку минути по 22 часот, повеќе стотици авиони, главно британски, започнале со бомбардирање на Дрезден. За 15 минути три четвртини од градот биле потполно урнати. Два часа подоцна, следувал вториот воздушен напад, којшто предизвикал голем пожар, во кој загинале повеќе од 20.000 луѓе.

Историчарите и денес имаат спротивставени мислења за тоа дали воениот напад и уривањето на градот, познат по барокната архитектура, воопшто имало смисла. Нападот на Дрезден бил голем удар за национал-социјалистичка Германија. Три месеци подоцна, т.н. „Трет Рајх“ капитулирал безусловно.

Dresden Bombardierung Luther Denkmal
Остатоци од Дрезден по бомбардирањето во Втората светска војнаФотографија: picture-alliance/akg-images

Од 98-ма темна сенка над датумот

Од 1956 година во Дрезден на секој 13-ти февруари се огласуваат црковните ѕвона. Меѓутоа, од 1998-ма година над тој ден се надвисна темна сенка. Имено, десните екстремисти на тој ден организираат манифестации на кои се негира холокаустот и германската вина во војната. На тие манифестации некогаш присуствуваа помалку од 100 лица, но во последните неколку години бројот на учесниците на т.н. „посмртен марш“ се зголеми на околу 6.500.

Минатата година на демонстрациите против маршот на десните екстремисти учествуваа 15.000 луѓе. Здружението „Дрезден слободен од нацисти“ организираше демонстрации против маршот. Меѓутоа, властите во германската покраина Саксонија сметаат дека демонстрациите против демонстрации што се одобрени се казнено дело. На политичарите и полицијата во Саксонија од тогаш им се префрла дека ги криминализираат противниците на неонацистите.

Турците ги повикуваат мигрантите на контрапротест

Претседателот на Централниот совет на муслиманите Аиман Мазјек ја поддржува таквата форма на протест. Тројца пратеници со турско потекло во германскиот парламент (Севим Дагделен, Ајдан Озогуз и Мемет Килич) се надеваат дека на протестите против неонацистите ќе земат учество и мигрантите кои живеат во Германија.

Dresden Demonstration Rechtsextremismus
Протест на десните екстремисти во ДрезденФотографија: dapd

„Тие се’ повеќе се чувствуваат како објект, а не како субјект на политиката. Тоа мора да се промени. Мигрантите мораат да учествуваат во таквите демонстрации, за да биде јасно дека се солидаризираме со нашето општество и Уставот“, вели пратеникот Мемет Килич, кој смета дека таквата форма на демонстрации е сосема легитимна.

„Ако повеќе илјади луѓе маршираат против неонацистите, тогаш тие самите немаат простор за марш. Поради тоа можам на луѓето да им советувам мирно да демонстрираат. Мора да има толку многу демонстранти, за да нема простор за неонацистите“, додава Килич.

Пет дена подоцна, поточно на 18-ти февруари, ќе се одржи собир на кој повикаа политичарите, синдикатите и црквата. Под мотото „Повеќе храброст, почитување и толеранција – Дрезден признава бои“, учесниците сакаат да се спротивстават на неонацистите. Се’ уште е нејасно дали тие тој ден и ќе се појават, бидејќи десноекстремните организации официјално ги откажаа најавените демонстрации.

Експертите за безбедност на тоа гледаат како на знак за несогласување внатре во десноекстремната сцена. Истото важи и за десноекстремната НПД (Националдемократска партија), која има свои претставници во парламентите во две германски сојузни покраини. Во моментов интензивно се дискутира за забрана на делувањето на таа партија.

Автор: Марсел Фирстенау/ Александар Методијев

Редактор: Александра Трајковска