Соцреализмот на ВМРО-ДПМНЕ ја шокираше Македонија
2 јуни 2016Македонската јавност е сѐ уште во чудо откако порталот Нова ТВ ја објави информацијата за уметничките слики кои биле изработени за седиштето на владејачката ВМРО-ДПМНЕ во Скопје. И додека на социјалните мрежи во средата вечер се случуваше вистинска експлозија од реакции, критики и шеги на сметка на ВМРО-ДПМНЕ, во партијата и денеска молчат. ДВ се обиде телефонски и преку СМС-порака да побара коментар од портпаролот на владејачката партија за уметничките дела кои ќе го красат седиштето на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје, но не доби одговор.
Новинарката на Нова ТВ, Маја Јовановска, која е автор на приказната, за ДВ вели дека и таа наишла на ѕид од молк во владејачката партија. Слично минал и обидот да стапи во контакт со дел од авторите на сликите во Украина.
„Информацијата за уметничките слики наменети за во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, Нова ТВ ја проверуваше повеќе од три недели“, вели Јовановска. Во рамки на истражувањето таа сепак открила две значајни информации.
Дел од украинските автори „ги изработувале сликите и уметничките дела за објектите во проектот Скопје 2014 и добиле десетици илјади евра без да има распишани тендери, односно биле ангажирани без јавен повик“, објаснува Јовановска.
Останува отворена и дилемата дали сликите се веќе поставени во седиштето на владејачката партија? Информациите велат дека досега се нарачани 65 слики.
„Немаме податок дали веќе се закачени на ѕидовите во штабот на ВМРО-ДПМНЕ, а нема ни како да провериме. Оти, во седиштето на владејачката партија 'цивил' не смее да припари“, вели Јовановска.
Набавка преку државни фирми?
Настрана вкусот при изборот на „уметноста“, најскандалозно во случајот, сепак се неофицијалните информации дека набавката на сликите одела преку државни фирми и јавни претпријатија.
„Ги проверивме сите тендери на кои учествувале институциите кои нашиот извор ни ги посочи, но не најдовме ставка - набавка на уметнички слики. И не верувам дека овие информации, кои засега се шпекулации, некогаш ќе се потврдат или негираат, односно нема да се открие од чии пари се платени делата“, вели Јовановска и додава дека проценките се оти внатрешно уредување на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ чинело над 8 милиони евра.
Објавувањето на сликите предизвика бура на социјалните мрежи. На Фејсбук и Твитер врие од коментари и монтажи кои го отсликуваат, генерално, негативниот став кон уметничкиот „израз“ на насликаните дела.
Академскиот сликар Матеј Богдановски за ДВ вели дека се двоумел дали воопшто и да коментира „вакви будалаштини во облик на слики“, но одлучил да се вклучи во дебатата со цел да ѝ се објасни на јавноста зошто тие слики не се уметност.
Народот како толпа
„Пред сѐ, се работи за еден визуелен израз или стил кој бил карактеристичен за едно друго, минато време, кој условно ќе го наречеме реализам, стил кој најмногу се задржа во земјите на источниот блок, а во својата посебна форма соцреализам служеше да се покаже духот на новото доба, новата идеологија (комунизмот), напредокот и среќниот работник во него“, објаснува Богдановски.
Во однос на класичната реалсоцијалистичка уметност во која предничеа СССР и Кина, сликите на ВМРО-ДПМНЕ се всушност мутација, во која е задржан реалистичниот израз, но го нема среќниот работник.
„Народот е само толпа што го следи големиот водач и неговата свита, потиснат во втор и трет план мафтајќи со знамиња на партијата и на државата суптилно велејќи ни дека државата и партијата се исто, а тие самите небитни“.
Според објавените информации, најголема слика, со димензии четири на осум метри, ќе биде фамилијарниот портрет на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Груевски со сопругата Боркица, двете ќерки и неговата мајка Нада.
Богдановски вели дека ваквите претстави се карактеристични за диктаторските режими.
Невкус и демагогија
„Претенциозни во својата намера, да ги покажат големите моменти и личности битни за созавањето и развојот на партијата, но сепак невешто изработени, преку штуро пренесување од фотографија, без никакво лично доживување, особен израз на авторот, поточно авторите, овие слики само кажуваат за неукоста и степенот на разбирање за уметноста на нарачателите и степенот на можностите на изработувачите на овие слики.
Изборот на овој ликовен израз е доследен на (не)вкусот и демагогијата, својствени на нарачателот“, изјави за ДВ, академскиот сликар Матеј Богдановски.
Терминот социјалистички реализам за првпат е официјално употребен во 1932 година во Советскиот Сојуз и како поим ги опфаќал средбите на политичарите од највисоко ниво, вклучително и самиот Сталин. Целта на социјалистичкиот реализам била да се ограничи популарната култура на специфично, цврсто регулирано парче од креативниот израз кој би ги промовирал Советските идеали. Притоа, претставување на партијата било од најголемо значење и секогаш морала да се прикаже во позитивно светло. На таков начин, со овој концепт се развивала лојалноста кон партијата, и се зацврстувала идеолошката матрица.
ВМРО-ДПМНЕ во изминатите децении, од почетокот на плурализмот, честопати јавно се залагаше за дистанцирање од социјализмот и комунизмот, го критикуваше култот на личноста како еден од неговите симболи. Освен обидите за ревизија на историјата низ различни процеси, вклучувајќи ја тука и лустрацијата, неретко и проектот Скопје 2014 се објаснуваше како потреба за одлепување од сивилото на комунистичката архитектура.