1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Социјалните интернет мрежи се’ попривлечни за политичарите

29 април 2011

Многумина пратеници, министри и политичари од помладата генерација во Македонија имаат свои профили на социјалните интернет мрежи. Дали на престојните избори ќе се случи бум од политичка пропаганда на Фејсбук или Твитер?

https://p.dw.com/p/116CH
Фотографија: picture alliance/dpa

Дали е вистина дека е договорена промена на името? Зошто Шеќеринска превагна во изборот за иден премиер? Како да се добие социјален стан или ќе се зголеми ли вработувањето на младите? Ова е само мал дел од дилемите и прашањата упатени до политичарите од редовите на ВМРО ДПМНЕ (околу 21 илјада посетители на сајтот на партијата), но и на СДСМ (околу 9000 илјади коминикации на официјалната страница). Неофицијалните бројки покажуваат дека до премиерот и лидер на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски се испратени 37 илјади интернет линкови, додека до претседателот на СДСМ Бранко Црвенковски околу 34 илјади, објаснуваат во „Метаморфозис“, невладина организација што со особен интерес ги следи сите комуникации преку интернет. Тие прогнозираат нагорен тренд на ваквата политичка комуникација.

VMRO DPMNE Gebäude in Mazedonien
Седиштето на ВМРО ДПМНЕ во СкопјеФотографија: Petar Stojanovski

Со оваа констатација се согласуваат и Андреј Петров од СДСМ и Илија Димовски од ВМРО ДПМНЕ: „Тоа е кампања што ќе биде еден од носечките столбови на сето она што ќе го правиме во изборниот процес. Овие мрежи се добри за промоција на сопствените вредности, но и за напад на негативните страни на противникот“, вели Андреј Петров. „Социјалните сајтови ќе ги користиме во насока на презентирање дополнително на отчетот на тоа што сме го сработиле, на партиската програма за овие избори, на промоција на кандидатите од ВМРО ДПМНЕ“, вели Илија Димовски шеф на секторот за комуникации на партијата.

SDSM Gebäude in Mazedonien
Седиштето на СДСМФотографија: Petar Stojanovski

Во последниов период опозицијата периодично го користеше и видео-линкот како модел на одговори од челникот на СДСМ Бранко Црвенковски, а кандидатот за иден премиер Шеќеринска има над 4700 фанови на својот личен Фејсбук профил. И во ВМРО ДПМНЕ помладата генерација на министри и пратеници имаат свои „фанови“, пред се’ министрите Милошоски, Наумовски, Ивановски, Јанкуловска, пратениците Бонева, Спасеновски, објаснува за Дојче веле Илија Димовски директор за комуникации во партискиот штаб. Тој вели дека се’ почесто се воспставуваат и двонасочни линкови, односно и се одговара на секое прашање, сугестија или предлог од граѓаните.

Дел од политичката кампања ќе се пресели на интернет

Со над 900 илјади Фејсбук профили во Македонија, околу 55 насто покриеност со интернет мрежа, овој вид на комуникација станува се’ помодерен и поприфатлив модел за лична и партиска комуникација со електоратот.

„Освен телевизијата, на овие избори, главната дебата ќе се пресели на интернет, со многу конструктивност и полемики, но и многу политички дискфалификации, навреди“, вели Петрит Сарачини од МИМ. Според него ќе треба подолг период на демократска, лична култура и просветеност за да се модернизираат јазикот и стилот на интернет политичката пропаганда.

Facebook Frau Laptop
Фотографија: dpa

„Постои огромен потенцијал за комуникација меѓу партиите и електоратот, со аргументите за и против ривалите или сојузниците. Таа е особено атратктивна за помладата популација до 40-тина години, но од друга страна избирачкото тело над таа возраст веројатно ќе биде мотивирана со стандардните медиуми – ТВ и весници“, оценува за ДВ Филип Стојановски од „Метаморфозис“. Комуникологот Стојановски, верува и дека на овие парламентарни избори партите ќе пренасочат најмалку 20 насто од својата интерактивна кампања преку модерните интернет портали. Тие што ја знаат културата и стандардите на овој тип општествена дружба, се запознаени дека секое подметнување на туѓ профил лесно се открива, кажа за ДВ Петрит Сарачини од МИМ – Висока школа за новинарство.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Александра Трајковска