1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Социјална интернет-мрежа само за научници

11 јуни 2011

Социјалните мрежи на интернет се многу популарни во светот. Неодамна беше формирана и најголемата интернет платформа само за научници. На Рисрчгејт досега се пријавени над 900.000 научници.

https://p.dw.com/p/11HsC
Логото на „Рисрчгејт“

Околу дваесетина млади и модерно облечени информатичари и дизајнери седат пред белите лаптоп-компјутери, разменуваат мислења на шпански или англиски и работат на Рисрчгејт. Меѓу нив седи и Ијад Мадиш. Докторот по медицински науки во ноември 2008 година со уште двајца пријатели ја основаше интернет платформата за научници и тоа од една едноставна причина: затоа што и нему, како научник, му недостасувало нешто: „Се обидовме да култивираме одредени матични клетки, коишто ќе помогнат да израсне коска во вештачки прст. За тоа ни беа потребни специјалисти од оваа област, а ги немавме кај нас во лабораторија. Така се роди идејата за Рисрчгејт, па си рековме, треба да изградиме платформа каде научниците ќе можат да се презентираат себе си, како и нивната научна работа и проекти. Тие, пак, во мрежата ќе можат да бараат други научници“, објаснува основачот Мадиш.

Рисрчгејт функционира под мотото „надвор од научната зачауреност“

Ijad Madisch, Gründer des Wissenschaftsnetzwerkes Researchgate
Ијад Мадиш, основач на интернет платформата за научнициФотографија: DW/Aygül Cizmecioglu

Еколози од Норвешка разменуваат информации со социолози од Египет. Хемичари од САД бараат од индиските математичари предлози при нивните обиди. На тој начин се врши научна размена без никакви ограничувања: „Кога истражувате, 80-90% од работите најчесто не успеваат. Проблемот е во тоа што тие податоци не смеат да се објават. Имено, научната работа јавно се покажува само доколку на крајот успее. Рисрчгејт меѓутоа им овозможува на научниците да разменуваат информации токму околу такви теми. Така, грешките што ги направиле веќе некои други колеги во светот, нема да се повторат уште еднаш. На тој начин науката многу побрзо ќе напредува“, вели Ијад Мадиш.

Секојдневно на Рисрчгејт се пријавуваат по околу 4.000 нови научници. Парите за формирањето на фирмата Ијад Мадиш, по потекло од Сирија, ги добил од славната Силиконска долина, каде е сконцентриран американскиот научен потенцијал. За разлика од Фејсбук, на интернет страната на Рисрчгејт нема реклами, а освен тоа и податоците од научницте не смее да се им се даваат на трети лица. Д-р Тим Хухо веќе две години е корисник на Рисрчгејт. Берлинскиот биохемичар ја истражува болката и е раководител на мрежа научници составена од повеќе работни групи. Според него, платформата е идеално решение, заради тоа што овозможува пристап до важни лабораториски податоци и преку неа се организираат научни симпозиуми ширум светот.

Идејата за една ваква мрежа доаѓа од Германија

22.02.2011 DW-TV Wirtschaft Made in Germany Researchgate
На Рисрчгејт пријавени се околу еден милион научнициФотографија: DW-TV

За научниците од земјите во развој платформата е исто така многу добро решение, бидејќи оние кои не можат да си дозволат скапи публикации или, пак, патувања до големите специјализирани концерни, преку Рисрчгејт можат да бидат во тек со најновите случувања во областа на науката и медицината. Според Тим Хухо, платформата не претставува вистинска конкуренција за реномиранте стручни списанија: „Таа е само дополнителен извор. Тие не создаваат нови информации. А и луѓето во мрежата, кои ги објавуваат своите дисертации, тие не се профилираат специјално за Рисрчгејт.“

Меѓутоа, едно нешто е можеби проблематично. Имено, мрежата е насочена повеќе кон младите научници. Постарите научници немаат доверба во новата форма на комуникација. Можеби затоа што на интернет платформата може да се пријави секој како научник и да објавува материјали. Колку сериозни се тие навистина и дали зад профилите на некои научници се кријат, всушност, шарлатани Рисрчгејт не може да контролира. Меѓутоа предноста е во тоа што секој научник може да ја оценува и коментира научната работа на другиот колега.

Автор: Ајгил Чизмечиоглу / Бисера Огњановска Митров

Редактор: Александра Трајковска