1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Софија очекува и правни гаранции за Договорот

8 јуни 2021

Очекуваме правни гаранции за почитување на Договорот од 2017 година и конструктивен одговор од Скопје за долгорочно решение на прашањето, изјави бугарскиот министер за надворешни работи.

https://p.dw.com/p/3uZAg
Bulgarien EU Fahnen Flaggen
Фотографија: Fotolia/Boris Znaev

„Бугарија отсекогаш покажувала волја за конструктивен и прагматичен дијалог со Скопје. Ќе продолжиме да работиме за закрепнување на довербата. Очекуваме правни гаранции за почитување на Договорот од 2017 година и конструктивен одговор од Скопје за долгорочно решение на прашањето“.

Ова е пораката на бугарскиот министер за надворешни работи, Светлан Стоев, искажана за време на неговата средба со амбасадорите на земјите-членки на ЕУ во Софија. Средбата била организирана од амбасадорката на Португалија, Марија Коељо Рибеиро да Силва, како завршен настан пред истекот на португалското претседателство со Советот на ЕУ.

Од Софија уште еднаш дојде познатиот рефрен дека „Бугарија отсекогаш ја поддржувала европската перспектива на земјите од Западен Балкан“. Истото вчера го повторил и и Стоев, додавајќи дека Бугарија како земја во регионот јасно сфаќа дека патот кон ЕУ е најсилниот фактор за преодот кон демократско управување.

„Во однос на европската интеграција на Република Северна Македонија, Светлан Стоев истакна дека позицијата на Бугарија е конзистентна и предвидлива и не е променета. Тој изјави дека техничката влада се ракводи од Рамковната позиција и декларацијата на Народното собрание од октомври 2019 година. Нашата позиција ја ужива и поддршката на 85 проценти од бугарските граѓани“, се вели во соопштението на бугарското МНР по средбата.

Bulgarien/Nord-Mazedonien Der mazedonische Außenminister Bujar Osmani trifft den bulgarischen Premierminister Bojko Borissov in Sofia
Фотографија: Ministry for Foreign Affairs of North Macedonia

Пат до патоказот

Токму рамковната позиција на Бугарија и тврдењето на ВМРО-ДПМНЕ дека таа ќе стане дел од преговарачката рамка на Македонија со ЕУ, ги вжештија пораките меѓу власта и опозиција на домашен терен. Никој во моментов не отстапува од позициите: власта обвинува за невистини и шпекулации, а опозицијата за сериозни индиции за удар врз македонските национални интереси. Во средиштето на интересот е т.н. Патоказ, од кој се очекува деблокирање на бугарското вето.

Повеќе: Ќе има ли нови сигнали за Скопје од Софија?

Двете крајно спротивставени позиции меѓу власта и опозицијата во однос на тој документ, односно нетранспарентноста во неговото креирање, се случуваат пред истекот на кусата временска рамка (од две седмици) во која во македонските власти се обидуваат да најдат решение за деблокада на почетокот на преговори со ЕУ, решение кое нема да задира во идентитетските прашања. 

„Иако е јасен и гласен нашиот став дека идентитетот и јазикот не се и никогаш нема да бидат ставени на преговарачка маса, Мицкоски со лаги и измислици се обидува да ги руши македонските позиции и тоа во крајно чувствителен момент", реагираа вчера социјалдемократите, откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ побара увид во процесот. Тој најави дека од денеска партијата ќе блокира крстосници, сѐ додека на јавноста не и биде покажан документот „Патоказ“.

Она што јавноста засега го знае, е дека со цел да се исполнат обврските од Договорот со Бугарија, во моментов работни групи во министерствата за надворешни работи на двете земји работат на документ наречен Патоказ, во кој треба да се утврди како поефикасно и поуспешно да се унапреди соработката на секторско ниво, со рокови. Засега ни бугарската ни македонската јавност немаат увид во предлозите со кои се скицира Патоказот, а премиерот Заев во сите изјави тврди дека тие не го засегаат македонскиот идентитет. 

Bulgarien Bujar Osmani und katerina Zaharieva
Фотографија: MFA of North Macedonia

Повеќе:За еден месец не се крпат македонско-бугарските односи

„Експлицитно јасно кажав доколку македонскиот јазик и македонскиот идентитет се на маса ние не преговараме, така што еве го 22-ри јуни, ќе се знае за што е разговарано“, изјави премиерот пред неколку дена.

„Со патоказот ќе се гарантира дека побрзо и поефикасно ќе ги изградиме коридорите што не поврзуваат - дали е тоа дел од Коридорот 8 којшто го поврзува Куманово со граница со Бугарија или е Коридорот Скопје - Штип, Клепало кај Берово, или е Источниот коридор Струмица - Ново Село - граница, во делот на инфраструктурата. Зборувам за од двете страни, затоа што ние очекуваме исто така и бугарската страна после три години да направи конкретен чекор, заради тоа што интерес е и на македонската и на бугарската страна отворањето на граничниот премин Клепало“, рече Заев.

Интеграција или асимилација?

Но, од опозицијата под сомнеж не ја ставаат сообраќајната, туку идентитетската „инфраструктура". Повикувајќи се на „високи дипломатски извори од Брисел, но и од официјална Софија“, Мицкоски изјави дека барањата кои се составен дел од Декларацијата усвоена во бугарскиот парламент ќе бидат дел од преговарачката рамка на Македонија со ЕУ, а се однесува на посебноста на македонскиот народ, јазик, култура, антифашистичката борба...

„Доколку ова биде дел од преговарачкиот ние ќе бидеме доведени пред двоен избор, а тоа е или асимилација - бугаризација, или замрзнување и напуштање на сонот за ЕУ. Затоа апелирам до сите политички партии без разлика дали се леви, десни или центар, без разлика дали се парламентарни или надвор од парламентот, да се приклучат на барикадите, затоа што македонскиот народ, македонската нација заслужуваат одбрана во овој момент“, повика вчера Мицкоски.

Infografik Karte Nordmazedonien und Bulgarien EN

Повеќе:Каде води патот до Брисел - преку Копенхаген или Софија?

Од СДСМ ваквите сознанија ги оценуваат како невистинити и хушкачки, и ја критикуваат ВМРО-ДПМНЕ дека попрво би ловела во матно, отколку да и помогне на државата да напредува и да се интегрира.

„Од ова нереформирано ВМРО-ДПМНЕ и нема што друго да се очекува освен поткопување на сите напори за успех на процесот за добивање прва меѓувладина конференција, односно одглавување на блокадите на патот кон ЕУ. Не може да очекуваме државнички сенс од политичари кои не гледаат подалеку од својот нос и од својот личен интерес. Секој одговорен политичар знае дека во чувствителни моменти се помага на државата а не се одмага. Не се шират невистини, не се пишуваат лаги на Фејсбук. Не е проблем што нѐ напаѓаат нас, проблем е што свесно и наштетуваат на државата. Во моментите кога правиме силни напори да добиеме поддршка за почеток на преговорите, најмалку што и е потребно на државата се внатрешните минирања на тие напори и расфрлањето со хушкачка реторика“, рече Стефан Васев од СДСМ.

Ахмети: Да ни помогне меѓународната заедница

Во моментов мета на опозициска критика во однос на преговорите со Бугарија е или само Заев, или двоецот Заев-Бучковски. Коалицискиот партнер на Заев, Али Ахмети, чиј кадар раководи со МНР, рече дека Мицкоски како лидер на ВМРО ДПМНЕ треба треба да биде многу поактивен кога станува збор за државните интереси. Во однос на спорот со Бугарија, Ахмети смета дека треба да помогне меѓународната заедница.

„Тоа прашање ќе се реши. Прво треба да се одлучи дали се за решение, и јас сметам дека и двете страни се за решение, но има неколку разлики кои го одолговлекуваат прашањето. Тие разлики се комплицирани, сензитивни, станува збор за историјата, личности, јазикот, и тие прашања на политичко ниво тешко е да се решат, на академско ниво никогаш нема да успеат да се договорат. Ќе остане, според мене, на политичко ниво да се покажат храбри (...) Треба да се направи компромис. Треба да ни помогне, да ни олесни меѓународната заедница", изјави Ахмети во интервју на ТВ 21.