Соработниците го напуштија Шредер поради блискоста со Путин
1 март 2022Сите соработници на Герхард Шредер во неговата канцеларија во Бундестагот го напуштиле поранешниот германски канцелар. „Можам да потврдам дека четворица соработници во канцеларијата побараа да работат на други места“, изјави Албрехт Функ од канцеларијата на Шредер.
Четворицата соработници се формално вработени во Канцлерамтот и сега ќе работат на други места. Функ не сака да зборува за причините за заминувањето на соработниците, но се претпоставува дека причина се различните ставови околу руско-украинскиот конфликт. Шредер, и покрај барањата од врвот на германската Социјалдемократска партија (СПД) да се повлече од функциите во руските концерни за енергија по руската инвазија во Украина, тоа досега не го стори.
Поранешниот германски канцелар, кој важи за близок пријател со рускиот претседател Владимир Путин, е претседател на Управниот одбор на акционери на конзорциумот „Северен тек АД“, претседател на Управниот одбор на „Северен тек 2 АД“, шеф на Надзорниот одбор на рускиот државен енергетски концерн „Роснефт“, а неодамна е именуван и во Надзорниот одбор на рускиот гигант за природен гас „Газпром“.
Врвот на германската СПД врши притисок врз него да се откаже од функциите. „Роснефт и Газпром сега се инфраструктура на една крвава војна“, напиша во текот на изминатиот викенд на Твитер кошефицата на СПД, Саскија Ескен во врска со функциите на Шредер. Таа оцени: „Со своите мандати таму Герхард Шредер му штети на угледот на Германија и на социјалдемократијата. Бизниси со воен хушкач не се споиви со улогата на еден поранешен канцелар.“
Слична е и оценката на кошефот на СПД, Ларс Клингбајл. Тој од Шредер „недвосмислено“ очекува откажување од бизнис релациите со руското раководство, напиша Клингбајл на Фејсбук. „Герхард Шредер мора да му стави крај на својот ангажман во руските компании за енергија и со тоа да ги поддржи напорите на сојузната влада“, оцени и покраинската премиерка на Мекленбург Предна Померанија, Мануела Швезиг. Таа до пред руската инвазија на Украина важеше за еден од најголемите поддржувачи на гасоводот Северен тек 2.
- повеќе: Пратеници бараат укинување на апанажата на Шредер поради соработката со Русија
Левото крило на СПД дури смета и дека е неизбежно исклучување на Шредер од партијата доколку поранешниот канцелар не се повлече од своите функции во руските енергетски компании. „Во таков случај, тој си ги поставил своите приоритети и треба доброволно да ја предаде членската книшка во партијата“, изјави претседателот на Форум Демократска Левица , Лино Лојдесдорф за весникот „Ханделсблат“.
- повеќе: Екс-канцеларот им задава главоболки на неговите Социјалдемократи
Герхард Шредер се дистанцираше од руската инвазија на Украина, но по прашањето на одговорност оцени дека имало грешки на двете страни. Тоа беше интерпретирано како тој да сака да ја релативизира вината на Путин за војната.