1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Криви паланки или „криви“ религии?

Катерина Блажевска16 ноември 2015

Во Македонија нема истражување за присуството на исламофобија, но инцидентите околу џамијата во Крива Паланка го вклучија алармот против растечкиот говор на омраза

https://p.dw.com/p/1H6NV
Фотографија: picture-alliance/Ralph Goldmann

Терористичките напади во Париз и стравот дека меѓу бегалците од Блискиот исток се инфилтрирани и опасни терористи кои исламот го злоупотребуваат како параван за своите милитантни активности, го зголемуваат говорот на омраза на социјалните мрежи во Македонија. Изразите на ксенофобија и исламофобија добиваат приврзаници, но за среќа и голем број опоненти, кои аргументирано бараат исламот да не се изедначува, ниту да се става во контекст на тероризмот.

Дури и ако се исклучат исламофобските реакции на настаните во Франција, домашниот аларм се вклучи уште пред десетина дена кога се одржа „Протест против исламизацијата на Крива Паланка“, заради изградба на џамија. Медиумите тогаш пренесоа изјава на градоначалникот на Крива Паланка, дека џамија нема да се гради затоа што мнозинството од населението во општината е православно.

Ваквиот став, но и мотото под кое се одржа протестот, беа причина за жестоки реакции во јавноста, особено откако истата вечер беше демолиран верскиот објект.

Против кохезијата

Наместо смирување на состојбите, вчера повторно била демолирана џамијата. На таквиот чин реагираше Партијата за целосна еманципација на Ромите (ПЦЕР).

„Се прашуваме зошто се спречува ромските муслимани да си ги вршат своите обреди во Божји храм? Господ е еден - и за православни и за муслимани - секој се моли на свој начин. Ги прашуваме кривопаланчани: Дали Ромите ви требаат само за гласање и после ништо не ве интересира за тој беден и сиромашен народ!? Впрочем, и така е. Ромите во Крива Паланка се само гласачка машина, вие од власта ги лажевте со 500 денари и со еднократна парична помош од Министерството за труд. Овој пат тоа нема да ви успее“, се вели во соопштението потпишано од претседателот на ПЦЕР, Самка Ибраимовски.
Тој апелираше чесните граѓани од Крива Паланка да не подлегнуваат на провокации на поединци и да не го влошуваат соживотот помеѓу Ромите и Македонците.

Рамадан Рамадани, аналитичар од Институт „Нисма“ смета дека ваквите појави се директно насочени против општата кохезија на земјата.

„Во Македонија исламофобијата се уште се натпреварува за повисоко скалило со другите фобии кои се присутни уште порано и со поголем интензитет како што е генералната ксенофобија. Сепак, заради мултиконфесионалноста на земјата во која и според дамнешниот попис од 2002 година муслиманите сочинуваат идеална третина од населението, изливите на исламофобија како и тешкиот инцидент во Крива Паланка се директно насочени против општата кохезија на земјата.

Поврзувањето на тероризмот со бегалците, мантра која се џвака како во Европа, така и кај нас, од разно-разни популисти од десничарска провиненција, се надеваме дека нема да има некој општ импакт, се додека престојот на бегалците во Македонија е толку краток, што ретко кога трае повеќе од еден ден“, вели Рамадани.

Mazedonien - Land und Leute
Фотографија: DW

Фактор на поделби

Иако Македонија не е меѓу земјите во кои се бележи висок процент на негативен однос кон муслиманите, политиколозите и социолозите сметаат дека внимателно треба да се следат состојбите, за да може навреме да се превенираат несакани последици. Според социологот Петар Атанасов, она што се случува во светот и кај нас, може да се гледа од повеќе агли.

„Прво, повеќе светот не е некаде таму, туку тука меѓу нас. Глобализацијата сите не зближи, но покрај убавите нешта заедно ќе ги искусиме и лошите страни. Тероризмот е една од нив и секој од нас се плаши дека еден ден може да биде дел од некој ваков напад. Второ, нестабилноста во Сирија и кризата со бегалците не прави сите да бидеме сведоци на историски превирања, при што егзодусот на цели народи ни се случува пред очи. Со овие бранови патуваат и ризиците пред кои Европа нема одговор, ние уште помалку, објаснува Атанасов.
Според него, тешко е да се најде одговор дали исламофобијата кај нас ќе расте.

„На Балканот исламот е долго време присутен. Традиционалниот ислам е дел од животот на многу наши сограѓани. Во Македонија, според истражувањата, религијата е фактор на поделби и разлики. Но, некои инцидентни случаи не го подигнуваат нивото на нетрпеливост или нетолерантност“, смета Атанасов.

Пријави говор на омраза!

Засега во Македонија не е направено истражување за присуството на исламофобија или говор на омраза на верска основа. Некои земји, кои верувале дека тоа ниво кај нив е ниско, се изненадиле од резултатите. Пример за тоа е истражувањето на Катедрата за психологија од варшавскиот Универзитет, чии резултати беа објавени во септември годинава. Тие покажаа дека дури 73 отсто од граѓаните на Полска имаат негативен однос кон муслиманите, иако 80 отсто од испитаниците не познавале лично ниту еден припадник на таа религија. Околу 65 отсто се чувствувале непријатно во присуство на муслимани, а само 15 отсто не гледале на тоа дали некој е муслиман или не. Околу 55 отсто не би сакале муслиман да стане член на нивното семејство, 67 отсто ги осудувале нападите на џамии, но 23 отсто немале ништо против партија која сите муслимани би ги истерала од земјата. Само една третина од испитаниците била подготвена активно да се спротивстави на исламофобијата и говорот на омраза.

Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија лани промовираше интернет платформата за мапирање на говор на омраза, но засега многу повеќе се пријавуваат такви примери извршени на друга, отколку на верска основа. Фондацијата „Метаморфозис“ ја промовираше првата мобилна апликација против говорот на омраза, чија цел беше да ги донесе информациите од оваа област до корисниците на мобилните телефони. За поефикасно спротивставување говорот на омраза, таа им овозможува на граѓаните брз и иновативен пристап до најновите вести од оваа област, како и пристап до образовните и стручните ресурси, меѓу кои е и библиотека со е-книги, како и интерактивни упатства за разни можности за пријавување говорот на омраза. Напорите на граѓанскиот сектор се видливи и од многу други примери и проекти. Останува надлежните институции поангажирано да се посветат на овие прашања.