1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Образование

Штрајк на СОНК, училиштата останаа празни

ДТЗ
11 април 2022

Штрајкот започна од изутрината во градинките и во основните и средните училишта. Најавите се дека ќе трае се додека не се изнајде соодветно решение за зголемување на платите

https://p.dw.com/p/49lTb
Nordmazedonien - Streik der Bildungsangestellten in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Голем дел од училишните клупи и занималните во градинките останаа празни откако наставниот кадар се приклучи на штрајкот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК), кој веќе подолго време бара зголемување на платите на вработените во образовниот процес. Збунетите ученици и родители од изутрината се групираа во училишните дворови незнаејќи што да прават, додека наставниците се на работа, но не ги одржуваат редовните часови. Најконфузно е во градинките, каде дел се примаат децата и се згрижуваат во поголеми групи. Во повеќето случаи родителите се одлучуваат да ги вратат децата дома, се додека не се реши ситуацијата.  

Штрајкот започна од изутрината во градинките и во основните и средните училишта. Најавите се дека ќе трае се додека не се изнајде соодветно решение за зголемување на платите на вработените за 18,4 проценти, односно нивно усогласување со порастот на миниманата плата, од 15.200 на 18.000 денари. Тие бараат и минималната плата да биде основица со која ќе се множат коефицинетите на сложеност на работни места. 

Нема сериозни проблеми 

„Во најголем дел или огромен дел се штрајкува без сериозни проблеми“, оцени Јаким Неделков, претседател на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК). 

Nordmazedonien - Streik der Bildungsangestellten in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

„Ние рековме дека штрајкувачите ќе бидат во посебна просторија. Одговорноста за прифаќање на учениците односно на децата во градинките ќе биде на директорите. Не може по секоја цена или со сила да ги приморуваат штрајкувачите да прават тоа што не треба да прават за време на штрајкот“. вели Неделков, кој повика на штрајк откако преговорите меѓу СОНК и Владата во изминатите две недели не вродија со плод.  Тој објаснува дека градинките смеат да примаат деца. „Ние не ги затвораме установите, задача на директорот е да си го планира и реализира работењето на организацијата“, објаснува првиот човек на синдикатот. 

Откако СОНК се одлучи на штрајк, Министерството за труд и социјална политика и Министерството за образование и наука повеќе пати истакнаа дека децата мора да се згрижат, но и дека непречено мора да тече наставата. 

Да не се жртвува образованието на децата 

Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, вели дека учениците утрово сакале да одат на настава, но биле оневозможени поради одлуката да се штрајкува. Тој потврди дека настава нема во повеќе градови во земјата.  

Nordmazedonien - Streik der Bildungsangestellten in Skopje
Наместо учениците, во школските клупи седнаа наставницитеФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Дел од училиштата штрајкуваат, но некои функционираат, а има и директори кои не пуштаат никого во училиштата затоа што поддржуваат генерален штрајк“, вели Шаќири и додава: „ Го почитувам синдикалното право на штрајк, но социјалниот дијалог продолжува и мислам дека за брзо време ќе најдеме решение за оваа ситуација“.

Фатмир Битиќи, вицепремиер за економски прашања, смета дека не треба да се жртвува образованието на децата кои веќе две години беа лишени од воспитно-образовен процес. „Ние возрасните би требало да бидеме поразумни“, изјави Битиќи за Утрински брифинг.

Според него, Владата не е против покачување на платите. „Подобрувањето на животниот стандард на граѓаните е највисок приоритет на оваа влада. Рековме дека ќе има и усогласување, но треба да сме свесни за состојбите“, вели Битиќи.