„Солидарноста во акција“ од Македонија се сели во Романија
31 мај 2013„Ја искористивме оваа можност за засилена соработка помеѓу земјите канидати и потенцијални кандидати од овој регион и имавме одделна средба со еврокомесарот Филе. Разговаравме за начините околу поефикасно искористување на средства кои ни се нудат на користење од фондовите на ЕУ за меѓусебно поврзување и се договоривме да ги видиме начините за соработка во регионот“, ја сумираше средбата со колегите од ПСЈИЕ во Охрид македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски. Тој на прес-конференцијата во Охрид уште констатираше дека „Македонија имаше успешно заседавањее со над 30 министерски и експертски средби со ПСЈИЕ“.
Македонија и Бугарија подготвени да го изодат патот заедно
Познаниците од европските институции, министрите за надворешни работи на Македонија и Бугарија, Никола Попоски и Кристијан Вигенин, во Охрид остварија тет-а-тет средба. Новинарите се интересираа за што разговарале.
„Беше одличен гест тоа што новиот бугарски министер само ден по назначувањето за шеф на дипломатијата дојде во Македонија да учествува на оваа регионална соработка. Кога се во прашање билатералните односи со Бугарија мојата оценка е дека ние како земја кандидат за влез во НАТО и ЕУ имаме одлична основа за да имаме идеални билатерални односи со Република Бугарија, која е веќе членка во двете семејства. Денеска разговаравме кусо, како министри. Со колегата Вигенин се познаваме од претходно и сега не навлегуваме во детали. Но, двајцата се согласивме дека имавме многу добра основа, дека двајцата сакаме посветено да работиме на подобрување на тие односи. Сметам дека ниту Македонија ниту Бугарија имаат каков било интерес да си поставуваат пречки и да имаат некакво недоразбирање меѓу себе и убеден сум дека тој пат можеме да го изодиме заедно“, рече Попоски.
Формат на соработка прифатлив и за Србија
„Ние овде сме измешани. Има земји кои веќе се членки на Европската унија или ќе бидат тоа за некој ден. Не‘ има и нас кои чекориме по тој пат и многу ни значи ваквата врска која претставува еден вид вежба за она што следува, а се надеваме дека колку што е можно побрзо ќе следува, за некои земји малку побавно. Сите ние се движиме кон иста цел, а тоа е полноправно членство во Европската унија“, потенцираше минстерот за надворешни работи на Србија Иван Мркиќ, кој даде оценка за средбата во својство на претходен претседавач.
За Раду Подгорјан, државен секретар за надворешни работи на Романија, земја иден претседавач со Процесот, средбата во Охрид е чекор напред кон евроатлантската интеграција. Романија силно ги поддржува европските аспирации на Западен Балкан, рече тој: „Ние остануваме силен поддржувач на политиката на отворени врати на Унијата за оние земји кои се решени да ги исполнат сите стандарди засновани на Копенхашките критериуми. Регионалната соработка е комплементарна на евроатлантската интеграција. Тоа е инструмент којшто го олеснува дијалогот и заедничките проекти за справување со заедничките предизвици. Тоа ќе биде и еден од нашите најголеми приоритети како земја претседавач со ПСЈИЕ.“
Во Охрид се слушна дека Романија предложила одложениот самит на претседатели на држави од регионот на Југоисточна Европа, да се одржи викендов во Букурешт. Наводно романскиот претседател Басеску ги повикал амбасадорите од регионот, со предлог брзо да одговорат на поканата, а државниот секретар Подгорјан во Охрид не одговори колку земји сакале да учествуваат, а колку го одбиле предлогот.
Ефектите од сорабтоката од ПСЈИЕ видливи
На крајот од претседавањето на Република Македонија со ПСЈИЕ земјите членки во Охрид ги добија Годишниот извештај на генералниот секретар на Советот за регионална соработка во периодот 2012 и 2013 година, како и Стратегијата и програмата за работа на Советот 2014-2016 година. Усвоени беа и завршните документи на македонското претседавање, односно Охридската изјава и заедничката изјава поврзана со мотото на ПСЈИЕ „Солидарност во акција“. Македонија втор пат претседаваше со оваа регионална иницијатива. Пред 12 години на масата за разговор имаше само една членка на ЕУ и две земји – членки на НАТО. Денес се четири, а Хрватска ќе биде петтата земја – членка на ЕУ, додека седум земји од ова семејство се веќе во НАТО.