Собранието ја констатираше оставката на Зоран Заев
23 декември 2021Собранието ја констатираше оставката на премиерот Зоран Заев, со што во оставка е и целата влада. Владата останува на должност до изборот на нова влада. И покрај инсистирањето на опозицијата, која имаше забелешка дека досега имало само осум седници за пратенички прашања, не се одржа закажаната седница на која пратениците требаше да им поставуваат прашања на членовите на Владата.
„Владата е во оставка, течат уставните рокови за избор на нова Влада“, вели собранискиот спикер Талат Џафери. Според него, никогаш не се случило на влада која дала оставка да и се поставуваат прашања.
Зоран Заев вчера и формално се повлече од премиерската фунција, па неговата оставка само беше констатирана на почетокот на седницата, откако тој соопшти дека нема усно да ја образложи пред пратениците.
Според Џафери, актуелната Влада останува на должност до изборот на новата влада, но само на техничко ниво. Дотогаш нема да има нови седници, затоа што владата во оставка не би требало да предлага закони.
Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјаноска, вчера изјави дека е крајно невообичаено на седница за пратенички прашања да се констатира оставка и да им се оневозможи на пратениците да им поставуваат прашања на министрите. Според неа, во Уставот постои термин „влада во оставка“, која одговара пред парламентот.
Откако ќе биде констатирана оставката, почнуваат да течат роковите за дејствијата што треба да се преземат за избор на нова влада.
Според член 90 од Уставот, претседателот на државата е должен во рок од десет дена да го довери мандатот за состав на Влада на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието. Мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Зоран Заев во пишаната оставка до Џафери наведе дека ваквата одлука ја презел како логичен чекор кој произлегува од исходот на локалните избори и како израз на преземената одговорност за изборните резултати.